Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, коментирајќи го барањето на Зеленски, порача дека Алијансата ќе продолжи да му помага на Киев да се одбрани

Што може да значи итното барање на украинскиот претседател Володимир Зеленски за членство во НАТО

Најголемата опасност од проширувањето на конфликтот, со димензија на интерконтинентален конфликт, е влегувањето де јуре на НАТО „во игра“. Некои геополитички аналитичари, но и влијателни поранешни дипломати и креатори на светската политика сметаат дека НАТО, иако неформално, сепак веќе е дел од воениот конфликт. Но, според меѓународното (воено) право, тоа не е така.
Веројатно имајќи го на ум членот 5 од Договорот на НАТО, дека „нападот врз една членка од Алијансата се смета за напад на целиот сојуз“, украинскиот претседател Зеленски се обиде да возврати на „заканата со контразакана“ кон Москва.
Итното барање за брз прием, поради можните катастрофални последици, сепак предизвика воздржаност во високите кругови на НАТО. Де факто, голем дел од земјите-членки на НАТО и декларативно и материјално и со вооружување ја поддржуваат Украина во одбраната на нејзината територија, де јуре претставниците на Алијансата не отстапуваат од позицијата дека „не се страна во конфликтот“ затоа што тоа би значело „светски конфликт“

Итното барање на украинскиот претседател Володимир Зеленски за прием во НАТО, како реакција на референдумите во четирите украински области за присоединување со Русија имаше ефект и на гласно изговорен предизвик и за самата алијанса. По објавувањето на резултатите од референдумското изјаснување, официјална Москва ги прогласи овие четири области за дел од својата државна територија, објавувајќи дека каков било напад врз нив, значи напад на територија на Руската Федерација.

Веројатно имајќи го на ум членот 5 од Договорот на НАТО, дека нападот врз една членка од Алијансата се смета за напад на целиот сојуз, украинскиот претседател Зеленски се обиде да ѝ возврати на Русија со закана за нејзината закана, што сепак предизвика манифестација на воздржаност во високите кругови на НАТО за неговото „итно барање за брз прием“. Иако голем дел од земјите-членки на НАТО и декларативно и материјално и со вооружување ја поддржуваат Украина во одбраната на нејзината територија, сепак од почетокот на руските воени дејства во Украина, претставниците на Алијансата не отстапуваат од позицијата дека „не се страна во конфликтот“.

Не е вистинско време за влез на Украина во НАТО

Американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливен, прашан за барањето на Зеленски да се забрза членството на Украина во НАТО, рекол дека „не е вистинско време“ и дека пријавата „треба да се разгледа во некое друго време“. Генералниот секретар на воениот пакт, Јенс Столтенберг, коментирајќи го барањето на Зеленски, истакна дека НАТО ќе продолжи да му помага на Киев да се одбрани.
Ова барање на Зеленски во НАТО е сфатено како директен предизвик да се вклучи во војната, со што „би можела да започне голема војна, во која одеднаш ќе бидат вклучени 30 држави“.
– Украина не е членка на НАТО. Значи не постојат колективни обврски што би значеле дека сите заедно ќе ѝ помогнеме на Украина да се одбрани. Во никаков случај не сакаме НАТО директно да учествува во оваа војна – изјави постојаниот претставник на Германија при Алијансата, Рајдигер Кениг, во интервју за „Шпигел“. Според зборовите на дипломатот, во спротивно „би можела да започне голема војна, во која одеднаш ќе бидат вклучени 30 држави“. Истовремено напоменал дека во Алијансата секојдневно се разговара за судирот во Украина. Покрај тоа, одредени земји-членки на организацијата му даваат финансиска помош на Киев и го снабдуваат со оружје.
Најголемата опасност од проширувањето на конфликтот, со димензија на светска војна, е влегувањето „во игра“ на можноста за употреба на нуклеарно оружје.

Навистина, некои геополитички аналитичари, но и влијателни поранешни дипломати и креатори на светската политика сметаат дека НАТО, иако неформално, сепак веќе е дел од воениот конфликт. Поранешниот американски државен секретар и советник за национална безбедност, Хенри Кисинџер, вели: „Коцката е фрлена. По начинот на кој Русија се однесува во Украина, мислам дека Украина сега треба да се третира како членка на НАТО, на овој или оној начин, формално или не“.
– Стратегијата на водење воен судир не може да се ограничи само на дефинирање каква треба да биде победата и како да се постигне, туку мора јасно да се одреди – како ќе заврши војната. Основната цел на секоја војна е постигнување победа и крај на војната. Конечно, војната се води за да се постигне мир под нови одредници.

Засега стратегијата на Западот за затворање на војната не е јасно видлива. Во голема мера, во објавите упатени до јавноста од американската и од британската политика, кои се однесуваат на војната во Украина, никаде не се споменува како би требало да заврши војната. Можноста, пак, Русија да се откаже од војната што ја започна е чиста илузија. Очигледно, опциите за продолжување на војната се јасни, но не и опциите за нејзино завршување – се вели во анализата на медиумот „Геополитика“.

Кина испрати предупредување до САД дека светот би се соочил со сериозни последици, вклучувајќи и нуклеарна војна, ако на Украина ѝ биде дозволено членство
во НАТО

Од трета страна, Кина, која се обидува да ја задржи позицијата на неутрален меѓународен субјект, ги предупредува САД дека би можеле да се соочат со „сериозни последици“, вклучувајќи и нуклеарна војна, ако на Украина ѝ биде дозволено да му се придружи на Северноатлантскиот сојуз (НАТО).
– Сите европски земји ќе треперат под сенката на можната нуклеарна војна. Во тој случај никој нема да биде безбеден, ниту Украина ниту светот. Наместо да тежнее кон решенија за завршување на судирите, Вашингтон повторно и повторно покажува дека САД одат во друга насока – кон разгорување на војната – предупредува официјален Пекинг.

Иако поголемиот дел од изјавите поврзани со барањето на Зеленски за брз прием на Украина во НАТО се воздржани, сепак постојат индиции што наведуваат на внимателност при носењето конечни одлуки. Опцијата за влегување во директен судир на НАТО со Русија, доколку навистина Украина биде ставена на лента за прием во Алијансата, се активира во истиот миг, со ризикот на сите опасности од глобална војна.
– Како што стојат работите и интересите меѓу самите земји-членки на НАТО, незначителна е можноста Украина да стане членка на НАТО по брза постапка. Германија, Шпанија и некои други земји отворено не ја поддржуваат таквата идеја, иако балтичките земји, Полска и новите скандинавски членки се за порадикален одговор кон Русија, па и прием на Украина во НАТО. Навистина, Франција и Германија испраќаат оружје во Украина, но нивните активности на терен се воздржани… Видлива е подвоеноста по прашањето на Украина меѓу земјите-членки на НАТО, иако за тоа сѐ уште гласно не се зборува. Путин го гледа тоа и настојува да го искористи, иако ситуацијата на терен не му е особено поволна – вели воено-политичкиот аналитичар Методи Хаџи Јанев, професор на Воената академија во Скопје.

Во однос на заканата за употреба на нуклеарно оружје, Хаџи Јанев укажува на две можности. Едната е одвраќачка теорија, на која се потпира Европа, според која Русија и самата би била загрозена од радијација ако употреби нуклеарно оружје во Украина, а и ресурсите со храна во тие (анектирани) области би биле контаминирани. Од друга страна, доколку ескалира притисокот на Западот, преку приемот на Украина во НАТО, другите земји-членки на Алијансата стануваат „легитимна цел“ за напад со нуклеарно оружје, кое не би ја загрозило директно Русија со радијација, смета Хаџи Јанев.