,,Ѓорче Петров е Македонец и извесно време беше инспектор на училиштата во солунската област; потоа тој се посвети во организирање востанија во Македонија, стана член на Централниот комитет на овие револуционерни друштва и често заземаше водечки удел во активностите на движењето“ – британски извештај од 1921 година

СТО И ДВЕ ГОДИНИ ОД УБИСТВОТО НА МАКЕДОНСКИОТ ВЕЛИКАН ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

На денешен ден се одбележуваат 102 години од убиството на Ѓорче Петров, кој во националната меморија на Македонците останува запаметен како еден од идеолозите на движењето за македонска самобитност и државност.
Но кој е Ѓорче Петров? Знаеме ли ние, а особено помладите генерации кој беше човекот што е засекогаш врежан со златни букви во македонската историја.
Она што вообичаено се кажува е дека, заедно со Гоце Делчев, беше првиот задграничен претставник на Македонската револуционерна организација (МРО) во Софија. Се пројавува и како уставотворец, но и како заштитник на независноста на македонското движење, што е особено видливо во неговиот концепт за т.н. перманентно востание.

Убиен пред куќниот праг

Атентатот врз Ѓорче Петров бил извршен на 28 јуни 1921 година, на улицата Тробарска во Софија. Убиството било спроведено од страна на извесен Реџеп, за кого постојат сведоштва дека исто така бил член на ВМРО.
На денот на убиството, Ѓорче Петров по излегувањето од работа ја посетил кафеаната на Иван Бандев, која се наоѓала на улицата Егзарх Јосиф во Софија. Таму тој пиел ракија со Петар Чаулев, член на ЦК на ВМРО. Реџеп влегол во кафеаната и останал да пие пиво. Откако Ѓорче Петров ја напуштил кафеаната, околу 7.30 часот, тргнал дома, при што терористот го следел и пред портата на неговата куќа, го убил. Се претпоставува дека Тодор Александров лично го повикал кај себе терористот Реџеп и му наложил да го убие Ѓорче Петров, на што атентаторот се согласил, истакнуваат историчарите Виолета Ачкоска и Никола Жежов.
По ликвидацијата, истражните органи не можеле да го пронајдат атентаторот, бидејќи тој се криел во станот на Тодор Александров. Неколку дена по атентатот врз Петров, неколку терористи на ВМРО го изнеле Реџеп надвор од Софија и го егзекутирале. Целиот ЦК на ВМРО негирал каква било поврзаност со убиството на Ѓорче Петров.
Атентатот врз Ѓорче Петров предизвикал големи реакции среде бугарското општествено мислење, како и кај македонската емиграција. По повод неговото убиство реагирале голем број македонски емигрантски организации, меѓу кои бил и Националниот комитет на македонските братства, кој за убиството коментирал и на страниците на својот печатен орган „Македонија“, каде што со пиетет се пишувало за овој македонски револуционер и за ненадоместливата загуба.
Националниот комитет ги надоместил и трошоците за погребот на Ѓорче Петров, додека братствата, од своја страна, издале голем број некролози со кои ја повикувале македонската емиграција масовно да присуствува на погребот. Во траурната погребна поворка присуствувала речиси целата македонска емиграција од Софија, а последна почит на македонскиот револуционер и деец дошле да му изразат и многубројни емигрантски делегации и од внатрешноста на Бугарија.
На погребот биле присутни и голем број пријатели на Ѓорче Петров од редовите на бугарскиот општествено-политички и јавен живот. Пред неговиот гроб биле одржани голем број емотивни, говори во кои се величело делото на овој македонски револуционер и се осудувал чинот на неговото убиство.

Што рекоа неговите современици

Христо Силјанов (македонски револуционер, историчар, новинар и публицист во Бугарија) во своето дело „Ослободителните борби на Македонија“ запишал: „Дипломатската работа, доколку би можеле така да ја наречеме, бараше квалитети што му недостигаа на Делчев, а кои ги поседуваше Ѓорче, но ги работеше по свое. Делчев не беше соодветен за онаа заплеткана и неблагородна улога што му падна да ја игра Ѓорче. Но тој беше спокоен, зашто веруваше дека другар му со цврстата принципиелност, со силата на неговата дијалектика и вештина, е способен да ги искористи благопријатните услови. Задачата на Ѓорче беше навистина тешка, напорна дури и за него. Средините со кои контактираше беа различни по својот личен однос кон револуционерното дело: офицерството, идејната интелигенција и сочувствителните граѓани, Врховниот комитет, владите. Помошта на сите беше посакувана и неопходна и сите требаше да помогнат, но во исто време да бидат држани на растојание, респектирани или обезвреднувани“.
За дејноста на Ѓорче Петров како задграничен претставник говори и Георги Поп Христов (македонски револуционер, член, раководител и војвода на Македонската револуционерна организација). Според Поп Христов: „Задграничното претставништво, што го сочинуваа Ѓорче Петров, Петар Поп Арсов и Димитар Стефанов беше принудено предвреме да престане да функционира. Тоа остана доследно на конгресната одлука, за потребите на Организацијата да не се земаат средства од бугарската влада“.
Токму поради своите македонски принципиелни ставови, Ѓорче Петров бил осудуван и напаѓан од многумина. Ова е особено забележливо во писмото на Иван Гарванов (основач и претседател на Бугарското тајно револуционерно братство, носител на бугарските националистички принципи во македонското револуционерно движење) од 12 јули 1899 година.

Ѓорче Петров како уставотворец

Ѓорче Петров заедно со Гоце Делчев е творец на Уставот на ТМОРО од 1897 година. Според проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, втората етапа од развојот на македонското револуционерно движење започнува со Солунскиот конгрес од 1896 година и споменатиот Устав. Имено, со одлуките на конгресот од 1896 година и нивното преточувањето во новиот устав, организацијата добила уште повеќе македонски карактер. Ова е очигледно од членот 1, каде што се вели дека: „Тајната македонско-одринска револуционерна организација има цел да ги сплоти во едно цело сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народноста, извојување преку револуција полна политичка автономија за тие две области“, како и во членот 4 каде што се вели: „Член на ТМОРО може да биде секој Македонец и Одринец што не е компромитиран со ништо нечесно и бескарактерно пред општеството и кој ветува и се задолжува да биде корисен на револуционерното ослободително дело“.
Со овој устав, организацијата пројавила тенденција за обединување на македонското население, а овој стремеж сам по себе повлекува и тенденција за обединување на сите групации во македонското движење околу организацијата. Со тоа биле отворени вратите не само за различните конфесионални групи туку и за различните идеолошки групи надвор од организацијата. Со други зборови, организацијата била подготвена, покрај другите, во своите редови да ги прими социјалистите и анархистите.

Ѓорчевиот концепт за перманентно востание

Ѓорче Петров настојувал да се заштити независноста на македонското движење, а тоа е особено видливо во неговиот концепт за т.н. перманентно востание. Според овој Ѓорчев концепт, организацијата требало постојано да ја држи состојбата затегната, на граница на воена состојба. Преку перманентното востание, Ѓорче се надевал дека организацијата ќе може да издејствува приложување на автономијата без да се влегува во дипломатски врски со надворешни државни фактори. Со други зборови, перманентното востание ѝ овозможувало на организацијата преку своите постојани акции во Македонија да е самостоен субјект што нема потреба да се приспособува на надворешните случувања.
Ѓорче Петров во текот на софиските советувања ја нафрлил идејата за перманентно востание, концепт што продолжил да го пропагира и во постилинденскиот период. Според оваа концепција, македонскиот народ и неговите револуционерни сили се самостоен политички субјект, кој преку перманентното востание состојбата во Македонија постојано ја држи затегната и ја негира османлиската власт. Таквото перманентно дејствување во Македонија ги прави излишни политикантството и дипломатијата со надворешните фактори, организацијата нема потреба да ги сообразува своите погледи со надворешните фактори, во теорија перманентното востание ѝ овозможува на организацијата да ја зачува својата независност, да ја турка својата програма и да не се сообразува со надворешните фактори што гонат цели туѓи за македонското движење. Д.Ст.


Британски документ за убиството на Ѓорче Петров

Убиството на Ѓорче било проследено од дипломатските претставници во Бугарија, а особено е интересна британската кореспонденција во која се констатира убиството и се определува неговата улога во македонското движење. Конкретно станува збор за извештај на британскиот дипломатски претставник Сер А. Пил до маркизот Курзон од Кедлестон, тогашен британски секретар за надворешни работи, од 6 јули 1921 година. Извештајот бил примен во Лондон на 11 јули истата година.
Извештајот изобилува со голем број податоци и ја нагласува сеопштата шокираност од веста за убиството на Ѓорче Петров во бугарското општество и македонската емиграција. Во споменатиот документ се наведува дека Ѓорче бил претседател на Комисијата за давање помош на македонските бегалци во Бугарија, се изнесуваат повеќе детали за убиството, кое се карактеризира како „злосторство од политичка природа“. Во однос на биографските податоци, Ѓорче во извештајот е означен како ,Македонец, а потоа се изнесуваат повеќе детали за неговата револуционерна дејност. Во извештајот се вели дека Ѓорче Петров бил: ,,Македонец и извесно време инспектор на училиштата во солунската област; потоа тој се посвети во организирање востанија во Македонија, стана член на Централниот комитет на овие револуционерни друштва и често заземаше водечки удел во активностите на движењето.“
Во документот исто така се посочуваат поделбите што постојат во македонското револуционерно движење и во таа конотација за Ѓорче се наведува дека ѝ припаѓал на умерената групација.


„Црнила“ – театарски хит, подоцна преточен и во филм

Истакнатиот македонски драмски писател Коле Чашуле во 1960 година ја напиша драмата „Црнила“, која доживеа голем број успешни изведби во македонските театри. Дејството во драмата се случува во 1921 година во Софија, а е инспирирано токму од убиството на Ѓорче Петров. Идејата е да се прикаже осуда на моралниот пад, „братоубиство“, забивање нож во грбот – како честа појава во нашата мрачна историја.
Во 1965 година е снимен играниот филм „Денови на искушение“, прв долгометражен игран филм на режисерот Бранко Гапо. Филмот е снимен според драмското дело „Црнила“ на Коле Чашуле, чиј основен мотив е политичкото убиство, атентатот над Ѓорче Петров. На сценариото соработувале и Димитар Солев и Гане Тодоровски, при што главно се следи истата драматуршка структура на Чашуле. Екранизацијата на оваа драма доаѓа по забележителниот успех што таа го постигнала на театарските сцени во Македонија.