Кузман Јосифовски-Питу ги бранеше македонските национални особености, а тоа е забележливо во неговите критики до Бугарската комунистичка партија и Отечествениот фронт. Кон крајот на ноември 1943 година, Питу за материјалите од БКП во тој период дал остри критики како антимакедонски, бидејќи во нив „Македонци нема, како да не сме окупирани“, па затоа решил тие материјали да не се дистрибуираат меѓу населението
ПОВОД: 80 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА КУЗМАН ЈОСИФОФСКИ-ПИТУ
Кузман Јосифовски-Питу останува запаметен како бранител на македонските национални особености, еден од главните организатори на антифашистичката и народноослободителна борба, како и човекот што го трасираше патот кон АСНОМ и македонската државност. Бил приврзаник на марксизмот, но бил национално определен Македонец, кој останал верен на македонската револуционерна традиција, односно дека македонскиот народ треба да се избори за сопствена држава. Реагирал на секое негирање на македонскиот национален идентитет што доаѓало од Бугарија. Во почетокот на 1944 година македонското националноослободително движење jа добило „Декларацијата на ОФ на Бугарија по македонското прашање“, а Питу веднаш искажал негативни оцени за неа од аспект на македонската самобитност, националните интереси и државност. Спомената декларација била сфатена како непризнавање на правото на самоопределување на македонскиот народ и формирање на сопствена национална држава. Затоа неговата прва забелешка била дека „во целиот документ се збора само за Македонија нигде не се спомнува или признава македонски народ ами само население.“
Средбата со војводата Крсте Гермов-Шаќир
Во мај 1939 година бил дел од белградската студентска делегација, во која имало и дваесетина Македонци, која ја посетила бугарската престолнина. Во текот на еднонеделниот престој, македонските студенти од Белград стапиле во контакт со македонската младина во Бугарија. Тогаш Јосифовски бил иницијатор за посета на гробот на Ѓорче Петров од страна на македонските студенти. Во Софија остварил средба и со македонскиот војвода Крсте Гермов-Шаќир (македонски револуционер, мариовски војвода, член на Македонската револуционерна организација (МРО), по Втората светска војна бил избран за пратеник во Народното собрание на Македонија). Во придружба на студентката Славка Фиданова го посетил домот на Шаќир, каде што биле разменети мисли со војводата за македонското револуционерно движење. Во престолнината на Бугарија, заедно со преостанатите македонски студенти учествувал во заедничката македонска литературна вечер, која се одржала во културниот дом на Крушевското братство. Во текот на овој собир се говорело за потребата од заедничко негување на македонска национална култура.
Неговата поврзаност со македонската слободарска идеологија е очигледна и од одбележувањето на Илинден, на 2 август 1940 година, манифестација што завршила како демонстрација против тогашните власти на Кралството Југославија. Кузман Јосифовски-Питу бил главниот организатор на манифестацијата, која имала цел да го одбележи Илинденското востание од 1903 година. На периферијата на Прилеп, кога учесниците се враќале во градот, Питу одржал говор во кој истакнал: „Предлагам да влеземе во строј во градот. Да ѝ покажеме на ненародната власт дека ние Македонците сме единствени, дека нема да дозволиме да нѐ претворат во робови. Нека знае оваа ненародна власт дека македонското име никогаш нема се заборави. Треба да ѝ кажеме дека не ја одобруваме нејзината политика која сака да нѐ направи послушни робови на Хитлер. Ни не сакаме војна во сојуз со Хитлер“.
На 21 септември 1942 година бил формиран прилепскиот народноослободителен партизански одред „Ѓорче Петров“. Во декември 1942, одредот бил опколен и уништен од бугарската војска во Прилепец. Подвигот на одредот да не се предаваат, туку да се борат докрај, со восхит е обележан кај Кузман Јосифовски-Питу во неговото писмо до Благоја Талески, со следниве зборови: „Неодамнешниот подвиг на прилепската чета од одредот Ѓорче Петров покажа оти храбрите народни борци заслужиле нивната бојна група да го носи името на стариот борец и патриот Ѓорче Петров и на дело тоа го покажаа, кога решиja до еден да изгинат, но да не паднат во рацете на крвавите слуги и на фашистичкиот непријател… Подвигот на Прилепската чета ќе го следиме!“
Приврзаник на идејата за национална слобода на македонскиот народ
Во 1936 година во Охрид се одржал нелегален состанок на кој било формирано движењето на македонските студенти наречено Македонски народен покрет или Македонско народно движење (МАНАПО), со политичка декларација како програмски документ, потпишана од околу 200 македонски студенти. Јосифовски е учесник и придонесува во формирањето на платформа на движењето, кое се стремело кон „будење на националната свест кај македонскиот народ и афирмација на македонскиот народен јазик“.
Според Кирил Миљовски, ова движење започнало да се развива во 1934 година врз принципите дека словенската етничка група во Македонија преставува посебна македонска нација. Крајна цел на МАНАПО е постигнување национална слобода на македонскиот народ во заедница со другите народи во Југославија. По својата сушност движењето било антифашистичко, демократско и левоориентирано македонско националноослободително движење. Кузман Јосифовски е еден од организаторите на МАНАПО. На 28 август 1936 година во Охрид се одржал состанок на кој учествувале студенти и интелектуалци од Скопје, Куманово, Велес, Битола, Прилеп, Кавадарци, Ресен, Охрид и Тетово. Кузман Јосифовски е учесник и придонесува за формирање платформа и дејствување на ова движење. Во текот на политичките избори во 1938 година, македонските дејци бараат на неколкуте предизборни митинзи во Македонија да говори на македонски јазик. На ваков митинг во Прилеп, Јосифовски се обратил на мајчиниот македонски јазик, а тоа било одобрено од присутните.
Соработник на весникот „Наш збор“
По престојот во Бугарија, Питу го напуштил Белград, со што завршил неговиот студентски живот, и се вратил во Македонија, каде што стапил во контакт со Мирче Ацев, Коле Чашуле, Александар Христов и др. Питу поседувал и поетски квалитет, а неговите прозни дела биле објавени во весникот „Наш збор“. За поетските изливи на Питу, главниот уредник на „Наш збор“, Дејан Алексиќ, во своите спомени истакнал: „Кузман Јосифовски меѓу соработниците на весникот зазема најистакнато место… Во своите дописи тој пишуваше за тешката положба на тутунските работници…“
На 25 март 1939 година, весникот „Наш збор“ го објавува прозното дело на Питу со наслов „Тутунски калапари“. Делото било објавено на македонски јазик. Во јуни 1940 година, во „Наш збор“ била објавена и песната „Монополки“ од Питу. Во оваа песна можеме да ги прочитаме следните стихови: „Од зори па до темина, в монопол живот почнува. Уморни раце збрчкани, милујат лисје тутуни. И ним ги мајка родила, да живеат како скотои, да леат солзи потои, да редат лисја тутуни“.
Член на Главниот штаб на НОВ
Во октомври 1941 година активно учествувал во организирањето и дејствувањето на првиот прилепски партизански одред, кој почнал со нападот на участокот на 11 октомври 1941 г. Неговата активност во 1942 година е забележана во западните делови на Македонија, каде што успева да ги возобнови старите разграноци и да оформи нови низ Тетово, Гостивар, Мавровско, Дебар, Кичево и Струга. Тој е еден од иницијаторите за издавање на партискиот леток „Востаник“, кој подоцна е преименуван во „Братство“. Весникот претставувал единствен весник во тој период што објавувал статии напишани на македонски и на албански јазик, бидејќи бил дистрибуиран низ региони каде што живееле Македонци и Албанци.
Во септември 1943 година го формирал Акциониот народноослободителен комитет (АНОК) во Скопје. Всушност со АНОК биле поставени практичните политички чекори за реализација на широката антиокупаторска основа на македонската ослободителна платформа – формирање македонска национална држава. На слободните територии била воспоставена народна власт преку народноослободителните одбори (комитети). Во врска со тоа Кузман Јосифовски-Питу во едно писмо од 17 октомври 1943 година до месниот комитет на КПМ во Прилеп напишал: „НОК се органи на НОБ под окупација, а на слободната територија тие се органи на првата народна демократска власт. Тие треба да изникнат од самиот процес на борбата против фашистичкиот окупатор и неговите измеќари, од борбите за секојдневните интереси на масите за опстанок, преку протестот против теророт, до помагање на партизаните и НОВ…“ Според Јосифовски, НОК требало да бидат вистински органи на борбата, а нивната работа да се состои од „политичка борба, создавање единство на македонскиот народ, НО фронт во борбата против фашистичкиот окупатор и неговите измеќари, за национална слобода, рамноправност и независност“.
Во овој контекст, есента 1943 година се засилиле и активностите за свикување на АСНОМ. Особено интензивно работел и Кузман Јосифовски-Питу околу прифаќање на лицата што би биле во АСНОМ и нивно испраќање на слободната територија. АСНОМ, заедно со ГШ на НОВ и ПОМ, бил она тело што требало да прогласи „слободна Македонија“
Бранител на македонските национални особености
Кузман Јосифовски-Питу бескомпромисно ги бранеше македонските национални особености, а тоа е особено видливо во неговите критики до Бугарската комунистичка партија и Отечествениот фронт на Бугарија. Имено кон крајот на ноември 1943 година, Питу за материјалите од БКП во тој период дал остри забелешки како антинационални од македонска гледна точка, бидејќи во нив „Македонци нема, како да не сме окупирани“, па затоа решил тие материјали да не се дистрибуираат меѓу населението“.
Бурно реагирал на секое негирање на македонскиот национален идентитет што доаѓало од Бугарија. Во почетокот на 1944 година македонското националноослободително движење jа добило „Декларацијата на ОФ на Бугарија по македонското прашање“, а Питу веднаш искажал негативни оцени за неа од аспект на македонската самобитност, националните интереси и државност. Спомената декларација била сфатена како непризнавање на правото на самоопределување на македонскиот народ и формирање на сопствена национална држава. Затоа неговата прва забелешка била дека „во целиот документ се збора само за Македонија нигде не се спомнува или признава македонски народ ами само население“. Д.Ст.
Убиството на Кузман Јосифовски-Питу
Кузман Јосифовски-Питу бил убиен на 25 февруари 1944 година, откако бил смртно погоден од куршум. Претходно била опколена куќата каде што се одржувал состанок со претставници на централниот комитет на комунистичката партија. Успеал да се извлече и да побегне, но стигнал само некој километар подолу од некогашната „Алумина“ во Скопје, каде што смртно бил погоден од бугарски фашистички војник. Таму денес постои споменик. За убиството на Кузман, неговата мајка и помалата сестра Павлина дознале дури по една година. На 2 август 1945 година посмртно бил прогласен за народен херој на Југославија. Во неговиот роден град Прилеп веднаш до музејот „11 Октомври“ (поранешниот бугарски участок) постои негов споменик од мермер, а во Скопје постои и споменик во студентскиот дом што го носи неговото име.