Пред некој ден ДИК одлучи во неколку општини во Скопје да отвори места за собирање потписи за поддршка на кандидати што се пријавиле за вршење на функцијата претседател на државата. Денот сончев, си реков ќе одам до општината и ќе го дадам мојот потпис за кандидат за кого (која) имам позитивно мислење и ќе се вратам во ателјето.
Бидејќи живеам во населба М.А. Ченто брзо се најдов во дворот од Општина Гази Баба.
Пред бараката забележав ред од граѓани што дојдоа со иста намера да приложат потпис за поддршка на кандидат за претседател на државата. По десетина минути чекање во редот, одеднаш почнаа да се слушаат префрлувања од страна на три млади момци кон службеник од општината, или од ДИК, задолжен за чување на редот. Потоа една девојка, ги предупреди, ги замоли трите момчиња да го остават службеникот да си ја врши својата работа.
Толку требаше, трите момчиња почнаа да пуштат такви пцости кон девојката, што повеќе неумесно би било овде да ги споменам. Си реков да не случајно дојдов на погрешно место. Дали е ова просторија за собирање потписи за кандидати за претседател на државата?
Во канцеларијата ѝ ја подадов личната карта на службеничка од ДИК, која ме запраша за кого ќе го дадам својот потпис, за Силјановска или за Пендаровски? За Гордана Силјановска, одговорив.
Се потпишав, ја зедов личната карта, излегов од бараката. Во дворот од општината, под блесокот на сонцето си реков, зошто сето ова се случува? Зошто без причина се истураат куп гнасни пцости какви што никаде не може да ги чуете, но кај нас може? Право е на секој граѓанин да дава потпис или да гласа за кого сака. Нели сакаме да бидеме демократска земја?
Во автобусот што ме носеше до населбата Ченто си реков, зошто се измачувам со вакви настани? Дојдов во убав ден, сакав да ми биде празник што ќе дадам потпис за поддршка на кандидат за претседател на државата. Од тоа, некој со неговиот простотилак од уста изнесува валканици и ни ги фрла на сите во лице.
За одбрана од таквите, во ова писание цврсто решив да не пишувам повеќе за младите момци, за девојката, дворот, службеникот од Општина Гази Баба или од ДИК и за сонцето што силно ме топлеше.
Најубав начин да го заборавам лошото однесување на трите млади фраери е во ова писание да раскажам убав, лежерен, пасторален настан. На пример, настан во кој ќе преовладуваат радоста, спокојот и убавите нешта што ни ги нуди животот. Некој рекол, тоа што им се случува на другите треба и мене да ме радува, и обратно, тоа што мене ми се случува треба да ги радува и другите.
Како тема, новиот настан не мора да е многу значаен за мене или за кој било друг, важно е да биде осмислен да оди во таа насока, кон радоста и убавината, творечка или обична случка, која може секому да му се случи. Весела тема е таа што е ликовно колорирана со сите бои, да изгледа како пролетно дрво што е во екот на цутење.
Тоа е вистинска пасторална тема, нема да погрешам ако кажам божествена тема.
Ваквата мисла, која ненадејно ми дојде, е добредојдена, но дали сум кадарен со збор да го насликам таквиот природен процес? Ми се чини дека не. Не сум тој што може да раскаже навидум едноставен настан, но всушност многу сложен и крајно комплексен. Ова го велам за мене. Сигурно некој друг тоа би го направил маестрално и за кратко време. Но јас да раскажувам како во пресрет на пролетта цутат црешите и од нив пчелите собираат прополис, тоа е научна апстракција! Не дека е лоша тема, едноставно тоа не е тема за мене.
Се запрепастив кога се уверив дека ниту една таква тема, лежерна, полна со животна убавина не ми доаѓа во мислите. Вистина е дека во животот има полно убави настани, ама во мигот не можам да најдам ниту една таква тема што заслужува да биде раскажана по што ќе бликне ода на радоста! Види колку тешко било да се најде лежерна и весела тема!
А да си се вратам таму каде што застанав, во бараката од дворот на Општина Гази Баба? Повторно да ги слушам младите фраери како испуштат валкани пцости? Не, тоа би било крајно непристојно од моја страна. Од друга страна си велам, нели повеќе ми одат драматични теми, или во прашање е афинитет?
За миг во мене се роди една голема дилема. За што да се одлучам, за драматична или за лежерна тема, дури нека е и божествена.
Како да пишувам за драматични теми кога вo пресрет ни доаѓа пролетта. Во ликовната историја пролетта е врзана и со Сандро Ботичели (интимно се нарекувал Александро, го обожавал тој македонскиот Александар). Сликата на Сандро Ботичели, „Пролет“, навистина е лежерна, волшебна, полна со ликовна убавина со тоа и божествена. Можам за неа да пишувам! Зошто да не?
Еве, идејата сама си дојде. Женските фигури од сликата на Сандро Ботичели се елегантни и грациозни. И пролетниот ветер има човечка форма, со што творечката идеализација ја постигнува својата цел.
Во пресрет на нашата пролет, професорката Гордана Силјановска-Давкова, во нејзината одлука да биде кандидат за претседател на државата, има многу искреност, човечност има знаење и искуство како да го употреби тоа за општиот интерес. Во нејзината тема има едноставност, лежерност, пасторалност дури и божественост, нешто за кое ние граѓаните имаме силна потреба.
Коле Манев