Тоа што особено ја иритира битолската културна јавност е што во моментот како најголем душогрижник за судбината на студиото се покажува Бугаринот Милен Врабевски, кој е главен финансиер на бугарските културни клубови во Битола и во Охрид и кој веднаш по кавгата на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ со министерствата за образование и за култура, ја искористи шансата за да понуди помош за студиото. Врабевски, кој е претседател на комисијата за развојни програми при ЕУ и УНЕСКО, како член на Меѓународниот управен одбор за 42-то издание на светската детска ликовна колонија, моментално го има главниот збор и за судбината на студиото. Според познавачите со кои разговаравме, Битола, Македонија и надлежните институции не смеат да замижат пред ваквите политикантски игри што се играат околу студиото и неговото постоење, а особено каде што со умисла суптилно се инволвираат децата и повеќе млади луѓе во политикантски игри што реферираат на асимилирање на македонската младеж, на национална македонска деноминација, ретуширање на историјата и негирање на идентитетските белези на Македонците и македонската држава
Станува ли „Малиот битолски Монмартр“ подружница на бугарската фондација што е главен финансиер на бугарските културни клубови во Битола и во Охрид
И покрај тоа што само пред извесно време првиот човек на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“, Славчо Неделковски, најави дека поради недостиг од финансиски средства и односот кон студиото од страна на министерствата за образование и за култура, мали се шансите годинава да се одржи „Малиот битолски Монмартр“, сепак, како што стојат работите, оваа традиционална манифестација ќе се одржи. Toa ги израдува сите вистински љубители на детското ликовно творештво во Битола. Но она што паѓа в очи, па и ги плаши битолчани, се политичките игри што се играат околу детското ликовно студио.
Милен Врабевски, главниот финансиер на бугарските културни клубови во
Битола и во Охрид, става рака и на детското ликовно студио „Св. Кирил и
Методиј“ од Битола
Имено, новото раководство на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ веќе неколку месеци е во постојана кавга со Министерството за образование, кое од засега непознати причини му ги укина дотациите за плата за едно вработено лице, и со Министерството за култура, кое наводно му ги скратило средствата за проектите. Во таква ситуација, УО на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ за помош се обрати до членовите на Меѓународниот управен одбор во кој не членува ниту еден член од Битола или од Македонија.
Тоа што особено ја иритира битолската културна јавност е што во моментот како најголем душогрижник за судбината на студиото се покажува Бугаринот Милен Врабевски, кој е главен финансиер на бугарските културни клубови во Битола и во Охрид и кој, веднаш по кавгата на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ со министерствата за образование и за култура, понуди помош за студиото.
Врабевски, кој е претседател на комисијата за развојни програми при ЕУ и УНЕСКО, како член на Меѓународниот управен одбор за 42-то издание на светската детска ликовна колонија, моментално го има главниот збор и за судбината на студиото. Упатените во состојбите во студиото велат дека Милен Врабевски во изминатите неколку месеци постојано се „грижи“ не само за работата и активностите на студиото туку тој се јавува и како организатор на низа гостувања на младите битолски ликовни уметници во Бугарија и Европа, на кои има и доста политика. Тој го финансираше патувањата на членови на детското ликовно студио во Брисел, во Португалија и во неколку града во Бугарија, кога десетина члена на детското ликовно студио беа во Копривштица и Софија, како и на петдневен камп за филантропија. Но таквите активности беа реализирани во рамките на долгогодишната програма на фондацијата „Бугарска меморија за градење добрососедски односи“, на чие чело е токму Милен Врабевски.
Во Брисел македонски деца членови на детското ликовно студио биле на средба и со европратеникот на Бугарија, Андреј Ковачев, добропознат на македонската јавност по неговите ставови за Македонија
Последниот случај со гостувањето – не на млади ликовни таленти од Битола, туку, како што стои во соопштението, 20 млади граѓани, е најдобра потврда за тоа. Имено, како што стои во соопштението испратено до јавноста од студиото, деновиве во организација на Милен Врабевски во посета на Брисел, а по покана на Европскиот парламент, беа 20 млади граѓани од Македонија членови на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ – Битола, со десет свои врсници од Бугарија, од пределот на Родопите. За време на посетата на Европарламентот, на младите граѓани им беа организирани низа предавања на теми поврзани со органите и телата на Европската Унија, запознавање со работата и ингеренциите на Европскиот парламент во споредба со оние на Советот на Европа и Европската комисија. Остварени беа средби со европратеници од земјите од регионот, со акцент и на нашите соседи Хрватска и Словенија. Во соопштението се додава и дека домаќин на младите на еден ден од престојот во Брисел им бил долгогодишниот европратеник на Бугарија, Андреј Ковачев, кој добро ѝ познат на македонската јавност по неговите ставови за Македонија.
Посетата на ЕУ е реализирана по посебна покана, при што младите граѓани на двете земји имаа и серија придружни активности, но и посета на Парламентариумот – интерактивниот информатор за историјата на Европа.
Третиот, а наедно и претпоследен ден, заврши со учество на одбележувањето на 80-годишнината од спасувањето на бугарските Евреи во периодот од Втората светска војна, при што на панел-настанот меѓу повеќето учесници беше и постојаниот претставник на Бугарија во ЕУ – Румен Александров.
Притоа, посебно беа поздравени гостите на Европскиот парламент од Македонија и Бугарија, кои како млади граѓани од двете држави имаа можност директно да бидат дел од активноста, при што европратеникот Андреј Ковачев од Бугарија искрено истакна дека е време Македонија што поскоро да биде дел од големото семејство на ЕУ, се вели во опсежното соопштение од детското ликовно студио.
По оваа информација, битолчани со право се прашуваат дали во посета на Брисел беа членови на студиото, кои се во најголем број деца, или млади граѓани по избор на Врабевски, кој со ваквите наводно филантропски проекти суптилно ги вовлекува децата во силно изматените води на политиката.
Според многумина битолчани, Битола и Македонија и надлежните институции не смеат да замижат пред ваквите политикантски игри што се играат околу студиото и неговото постоење, а особено каде што со умисла суптилно се инволвираат децата и повеќе млади луѓе во политикантски игри што реферираат на асимилирање на македонската младеж, на национална македонска деноминација, ретуширање на историјата и негирање на идентитетските белези на Македонците и македонската држава.
Во развојот на детското ликовно студио, покрај основачот на студиото Коста Хаџиантоновски, огромни вложувања од уметнички, културен, патриотски, духовен и материјален ангажман имаат направено министерствата за образование и за култура, голем број познати битолски фирми, македонски институции, како и Општина Битола.
Зошто наместо за судбината на студиото на „Малиот битолски Монмартр“ да одлучува Битола, одлучува некој ад хок формиран Меѓународен УО во кој членуваат само странци
Претседатели на Меѓународниот управен одбор на детското ликовно студио се Хенри Лау од Кина и Сирли Сиегал од Израел. Во Меѓународниот управен одбор членуваат уште: Теодолина Паскоал од Португалија, Вејсел Адзар од Турција, Мариа Дима од Романија,, Вселовод Романков од Русија,, Милен Врабевски од Бугарија, Алдона Кацмарчук Количка од Полска, Славко Зупан од Словенија, Занет Кубалова од Словачка, Киран Кансара од Индија, Ченг Јео Чуе од Малезија, Китипонг Тхаммаван од Тајланд, Марта Ѓорик од Србија, Рузмира Бекирај Бејај од Албанија.
Инаку, детското ликовно студио „Св. Кирил Методиј“-Битола, покрај со Министерството за култура, веќе подолго време е во остра кавга и со Министерството за образование, кое по смртта на основачот на студиото, Коста Хаџиантоновски, му ги прекина средствата за плата на неговата ќерка, која беше вработена без согласност од Министерството за образование, само со одлука на УО. По таквата одлука, новото раководство на детското ликовно студио се обрати за финансиска помош на многу адреси во земјава и странство, а во неколку наврати, покрај протести во Скопје, собираше и доброволни прилози од битолчани. Во Битола, нашите соговорници што одблиску ги следат состојбите во детското ликовно студио „Св. Кирил Методиј“ сметаат дека фондацијата на Милен Врабовски веќе му го фрлила окото на студиото, каде што членуваат голем број ликовни таленти од Битола, и дека на мала врата сака да го присвои студиото, кое има голема традиција и богати ликовно наследство од над еден милион цртежи и кое од страна на државата бесплатно ја поседува во трајно користење зградата во Старата битолска чаршија, каде што се сместени студиото и галеријата. Но сѐ поочигледно станува дека проектите што ги реализира студиото сѐ повеќе имаат политичка заднина, антимакедонска, негаторска на македонската национална историја, како и елементи на современа деноминација и асимилација на македонската младина.