Одбрана на Крушевската Република
Којов Трн е приод лоциран западно над селото Острилци, кој доаѓа југозападно од градот Крушево. Преку неговиот теснец селата што гравитираат околу него, како Кочиште, Ново Село, Ракитница и Растојца се поврзуваат со градот. Уште при подготовките на востанието, Крушевското горско началство ја согледало опасноста што може да се појави преку овој приод, па уште при изработката на планот за заземање на Крушево ја зело предвид неговата важност, со што за да ја елиминира таа опасност истиот тој го обезбедило со еден востанички одред. Прeку него лесно можеле да бидат загрозени востаничките позиции уште вечерта при заземањето за ослободување на градот кога избувнало востанието или, пак, десетина дена подоцна при одбраната на ослободениот град.
Имено, на почетокот првично опасноста се состоела од евентуални напади на фанатизираните муслимани што живееле во дел од споменатите села, а кои можеле да им дојдат на помош на опседнатите османлиски сили во градот при избивањето на востанието. Понатаму во текот на разгорувањето на востанието и одржувањето на востаничките позиции преку овој приод постоела опасност да преминат и османлиските сили од Битола и демирхисарскиот нахиски центар Прибилци за да извршат директен напад врз градот и врз стекнатите востанички позиции утврдени во неговата непосредна околина.
За таа цел, крушевското реонско раководство, во согласност со планот за заземање на Крушево, уште на почетокот тука стационирало еден востанички одред со околу 30 востаници. За војвода на одредот бил определен Атанас Христов Карев, прв братучед на Никола Карев, а за негов секретар бил поставен Петре Ристев Колароски од Светомитрани, учител во с. Врбјани, Прилепско. Војводата на одредот во Крушево пристигнал уште во текот на месеците март-април 1903 година, заедно со другите крушевски војводи: Питу Гули, Андреа Димов Докурчев, Иван Наумов-Аљабакот, Коста Христов Димитров, кои по патот да стигнат до определените за нив реони биле раководени од прилепчанецот Константин Кондов.
Вечерта непосредно пред востанието на 2 август започнало стационирањето на одредот на определената локација кај месноста Којов Трн. Претходно на определената локација пристигнал војводата, а потоа истата вечер на војводата Атанас Карев или на негов пратеник, со согласност на Никола Карев и легалните членови на Околискиот револуционерен комитет, Глигор Димитров Божинов и Тодор Павлов, преку членот на интелектуалната група Никола Киров Мајски (Демиров) преку Рамниште (месност и маало во западниот дел од градот Крушево), во Длабока Река му биле испратени и предадени 30 вооружени комити за одбрана на преминот Којов Трн.
Проценетата сила од 30 востаници определена за оваа локација очигледно дека била определена и во согласност со планот за заземање и за оневозможување на непријателските сили, кои требало да им дадат логистика на опседнатите сили при заземањето и ослободувањето на градот изработен од војводите Тодор Христов-Офицерчето и Иван Наумов-Аљабакот. Во овој одред влегувале селските милиции од селата Светомитрани, Острилци, Растојца и Годивле. Познати се само имињата на дел од востаниците од с. Светомитрани, кои влегувале во составот на овој одред: Димитрија Мургов Ѓоргиески, Диме Нешков Музоски, Петар Илиев Христоски, Тале Димев Јанклулоски, Цветан Анѓелков Богески, Здраве Талев Колароски, Петре Ристев Колароски, од милицијата од селото Острилци, во чија непосредна близина се одвивала оваа битка, се знаат следните востаници: Тренчо Павлев Митрески, Марко Велески, Здраве Јованов Момироски, Јоше Илиев Стојаноски, Цветан Лозанов Цветаноски и Алексо Лозанов Митаноски, од Растојца, имињата на милиционерите засега не се познати, а од с. Годивле учествувал Петре Мицев Тасески.
Дента на 2 август се очекувало, ден понеделник – главен пазарен ден во Крушево, поради претстојната жетва, што било и практика на месното население, секоја година на пазарениот ден околу Илинден во Крушево, да дојдат многу пазарџии од околните села: Македонци, Турци, Торбеши, Арнаути и Черкези.
Муслиманското население од Крушевскиот Регион, кое доаѓало да пазари плашејќи се од комитски напади во градот, доаѓало вооружено до заби, движејќи се во групи за да се заштити. Така наоружани тие попатно извршувале многу самоволија врз христијанското население и често „правдата“ ја земале во свои раце. Крушевското раководство знаејќи го тоа решило тие да бидат пресретнати на најстратегиската точка од нивниот пат кон Крушево, поставувајќи соодветна сила на востаници што ќе ги пресретнат пазарџиите и ревносно ќе им се спротивстават, ќе ги разбијат или ќе ги уништат. Поприоритетно било муслиманската воена сила, која вечерта при избивањето на востанието можела да се формира од овие села доколку била повикана да се упати на помош на опседнатата османлиска воена сила стационирана во градот, пред сѐ да биде одбиена враќајќи ја назад за да не ѝ се даде можност да им помогне на своите опколени едноверци во градот, кои воделе борби за живот или смрт со македонските комити. Во понеделникот, муслиманите Черкези од Ново Село и муслиманите Арнаути (кај народот идентификувани како Турци) од Кочишта, околу 50 на број, се појавиле на Којов Трн, каде што дошло до судир со востаничките сили, кои им го попречиле патот за Крушево и ги принудиле на бегство да се вратат назад оставајќи ги во рацете на востаниците своите натоварени добици.
По овој судир по сѐ изгледа дека одредот останал стациониран на оваа локација да го брани и да го контролира овој критичен приод и во другите денови од воспоставената востаничко-револуционерна власт и управа во дел од Крушевскиот револуционерен реон.
Со напредувањето на османлиските сили од вилаетскиот центар во Битола кон Крушево како центар на слободната територија во крушевскиот револуционерен реон, дошло до битка на овој приод меѓу нив и востаниците. Иако прва кон Крушево започнала да настапува главнината од османлиската војска од источниот сектор стационирана кај Алданци и веќе влегла во судир со четите во овој дел од реонот, час подоцна започнале да настапуваат и колоните војска што доаѓале од Битола, во чии редови попатно пристапил и башибозукот од месните муслимански села составен од Арнаути од с. Кочиште и Черкези од с. Ново Село, но и други муслимани од други муслимански села од овој крај. За да на крајот трета во судир влезе и војската упатена од Кичево. Судирот на Којов Трн започнал претпладнето пред десет часот на 12 август, кој, според изворите, бил во времетраење од околу половина час до два часа. Споменатата војничка сила требало да ги блокира градот и востаничките сили од неговата јужна страна и според конфигурацијата на теренот лесно да навлезе во градот од неговата западна страна преку маaлaтa Рамниште и Долно Маало.
Востаниците се нашле под голем притисок од османлиската двеилјадна војска и башибозук, која ги нападнала со огромна сила, со што овој одред во тој момент бил и еден од најзагорзените осум востанички одреди. Но одредот настапувал смело во пресрет на непријателските сили, па откако увиделе дека понатамошната борба нема да даде успех и од кога разбрале за состојбата со одредот на Питу Гули на Мечкин Камен, тогаш тој и востаниците што го бранеле овој приод откако го запреле напредувањето на војничката сила, која забрзано марширала да навлезе во градот од југ и запад и да се спои со војничката сила што кон Крушево напредувала од северозападната страна од Кичево, одредот започнал да се повлекува од своите позиции и по половина час борба, во која дал шест жртви, успеал да се повлече од Којов Трн и да се скрие во гората.
Со нивното судирање со аскерот и башибозукот, тој им дал силна логистика на востаниците раководени од подвојводата Ѓорѓи Стојанов, кои ја воделе битката на Слива создавајќи коридор меѓу овие две точки, со кој го овозможиле извлекувањето на востаниците од другите сектори и на цивилното население од градот кон збегот Осој, западно од Крушево. Без судирот на Којов Трн, овој дел од османлиските сили најбрзо ќе влезел во градот и пред војската од кичевскиот гарнизон и пред војската, која дошла на источниот сектор преку Прилеп, но војводата Атанас Карев иако со триесет души успеал привремено и ефикасно да ја запре и да ја оневозможи, а со тоа и да ја спречи во намерата оваа војничка сила прва да влезе во градот, така што со овој маневар овие сили задоцниле навремено да ја постигнат својата цел, а од друга страна тоа, пак, дало можност да не се затвори коридорот меѓу Којов Трн и Слива, кој се формирал со блокирањето на битолската и кичевската османлиска војска и двете навремено да стигнат на определената цел и задача. Маневарската битка, која како средство имала цел да го оневозможи противникот во навременото реализирање на неговиот пробив во градот каде што требало триумфално да биде затекнато востаничкото раководство и да ја земе славата пред војската и башибозукот што настапувале од Прилеп и од Кичево, ја постигнала целта.
Овој коридор на некој начин спонтано формиран на западниот сектор бил единствениот излез за извлекување, а неговите рабови преку повлекување на другите одреди покрај од војводите Атанас Карев, Христо Тасев Паскоски-Црниот, подвојводата Ѓорѓи Стојанов северната страна и делови од одредот од Питу Гули од јужната страна, при нивното повлекување на запад биле бранети и од војводите Андреа Димов-Докурчев, Ѓурчин Наумов-Пљакот, Марко Христов Мирче.
На тој начин преку борби и маневрирање и без поголеми жртви, повеќето од војводите со своите чети, а со нив и многу граѓани го напуштиле градот, така што тие спорадични борби и судири преминале во етапи за извлекување на востаничките сили и на граѓаните од сите сектори кон западниот сектор. Целата таа маса што се прибрала во Осој била згрижена во добро организиран збег обезбеден со храна, казани, фурни и санитетски материјал. Брашното складирано за востаниците послужило за прехранување на побегнатото население од градот и околните напуштени села. Овој збег никогаш не бил откриен од османлиските власти.
(Авторот е виш кустос во НУ Историски музеј – Крушево)