Кога се има матичен народ што преку својата држава и институции апсолутно и недвосмислено се грижи за своето малцинство во опкружувањето или во дијаспората, тогаш делот од тој народ што е надвор од матичната држава не се чувствува напуштено и безнадежно, туку чувствува дека има длабок корен и дека е заштитен, има мотив, поттик и повод да продолжи понатаму да се бори за своите малцински права, за сопствениот јазик, култура и наследство. Нашите соговорници, низ примерите на добро организирани лекторати и добро организирано малцинство, тврдат дека се постигнуваат успеси во унапредувањето на малцинските права, а пример за тоа е искуството во Р Хрватска (Риека) и во Р Турција (Истанбул), а сега и во Анкара. Слично е искуството и во Р Србија (Ниш)
Кон унапредување на малцинските права на Македонците во земјите од регионот
Македонското малцинство во Албанија и во Србија ги ужива сите права, а Тирана и Белград ги признаваат македонскиот идентитет, јазик и култура. За разлика од Софија, која води отворена негаторска политика на македонските национални особености, Македонците во Албанија и во Србија имаат радиоемисии, весници и публикации, како и училишта во кои може да се изучува македонскиот јазик. Меѓутоа претставниците на македонското малцинство, како и експертите, посочуваат дека сѐ уште има услови за унапредување на малцинските права на Македонците, особено ако се земе предвид дека станува збор за држави што се стремат еден ден да станат полноправни членки на Европската Унија. Нашите соговорници се уверени дека доколку македонското малцинство, без разлика каде и да е лоцирано, надвор од својата држава, има поддршка од својот матичен народ, изразена преку државата и државните институции во полн капацитет, тоа нема да се чувствува напуштено и безнадежно и дека ќе има мотив да работи уште повеќе на остварување на своите права, предвидени со универзалните малцински меѓународни резолуции и конвенции.
Отворањето на македонските лекторати како пример
Универзитетските професори и политичките аналитичари нагласуваат дека со отворањето нови лекторати или катедри за изучување на македонскиот јазик надвор од нашата држава ќе се постигнат успеси во унапредување на малцинските права на Македонците во соодветните земји. Во овој контекст е и иницијативата на македонското друштво „Илинден“ – Тирана за повторно отворање на лекторатот по македонски јазик во Тирана или иницијативата за отворање катедра за изучување на македонскиот јазик во Белград.
Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, за иницијативата за македонскиот јазик во Тирана вели дека уште од основањето во 2009 година се залага за зачувување на македонскиот јазик. Во овој правец се и нивните активности за функционирањето на лекторатот во Тирана и негово прераснување во катедра на Универзитетот во Тирана. Лекторатот и катедрата се насушна потреба, не е само поради големиот интерес за македонистиката од страна на новите генерации на македонското национално малцинство, кое е второ по бројност меѓу малцинствата во Република Албанија, туку и за да се овозможи сите студенти што студираат филологија во Тирана да можат да го изучуваат и македонскиот јазик, вели Никола Ѓурѓај.
– Овој лекторат би бил клучен за унапредување на културните врски меѓу двата народа и двете држави, за развивањето на добрососедските односи и за градењето нови мостови на соработка меѓу македонската и албанската академска научна средина – рече Никола Ѓурѓај.
Иницијативата на македонското друштво „Илинден“ – Тирана ја добри поддршката од проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Според неа, иницијативата се однесува за повторно отворање лекторат по македонски јазик. Таков лекторат постоеше претходно, пред околу десетина, а можеби и повеќе години. Лекторатот работеше во Тирана, но поради некои причини престанала работата на лекторатот, вели Весна Мојсова-Чепишевска
– Оваа инцијатива доаѓа од македонското малцинство што живее во Албанија, тие се граѓани на Албанија, но зборуваат на македонски јазик и се чувствуваат како Македонци, зошто да немаат можност да го изучуваат македонскиот јазик на факултетско ниво – вели Мојсова-Чепишевска.
Според неа, кога имаме лекторати и добро организирано малцинство се постигнуваат успеси во унапредувањето на малцинските права. Такво е искуството во Риека и во Истанбул, а сега и во Анкара. Такво е искуството во Ниш. Имате малцинство што се грижи за сопствениот јазик и култура, вели проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.
Иницијатива за катедра за изучување на македонскиот јазик во Белград
Виктор Шеќеровски, македонски писател и поет во Србија, уредник на првиот македонски весник „Македонска виделина“, на двојазичното списание „Видело“ и член на Српското и на Македонското друштво на писателите, ја поведе иницијативата за отворање катедра за изучување на македонскиот јазик во Белград.
Според него, македонскиот јазик не е битен само за Македонците во Србија, туку и за поколенијата што треба да го знаат и да го почитуваат својот јазик, затоа што врските меѓу Србија и Македонија се многу цврсти и се од заеднички интерес.
Тој нагласува дека двете култури се сублимативни, изразувајќи ја желбата што поскоро да биде отворена катедра за македонски јазик во Србија и истакнувајќи дека со тоа ќе ги зачуваме можностите, па сите млади што идат ќе можат да си го учат и да си го почитуваат својот јазик.
– Овој проблем е поврзан и со тоа што луѓето што ќе го изучуваат македонскиот јазик ќе бидат способни сите оние важни или битни дела што се на еден јазик да ги преведуваат на другиот јазик – од македонски на српски и обратно, со што ќе се збогатат и двете култури, што е многу битно – вели Виктор Шеќеровски.
За оваа иницијатива, Душан Јаневски од Светскиот македонски конгрес вели дека дава поддршка за сето она што е афирмативно за Македонците што живеат во Србија.
– Да имаш ректорат е врв на организираноста на кое било малцинство, па и на македонското малцинство во Србија – вели Јаневски.
Но, според него, потребна е длабока анализа за функционирањето на македонските здруженија во Србија, како и нов приод кон политичкото организирање на политичките партии што Македонците ги имаат регистрирано во Србија. Не смееме да се доведеме во ситуација македонските здруженија, поради различни причини да почнат да се пасивизираат и да гаснат, а врската со матичниот народ и држава да биде раскината, вели Душан Јаневски.
– Кога ќе ги зајакнеме здруженијата, идниот чекор да биде реформа во политичките партии и наоѓање можности за перспективност и атрактивност во политичката организираност. Тоа лесно ќе го сториме со проекти за средини каде што нашето малцинство е многубројно. Тие проекти да бидат адресирани кон европски институции, а силна, јасна и недвосмислена потпора да биде татковината Македонија – рече Јаневски.
Според него, кога ќе почне полека да се реализира ова, тогаш ќе изградиме уште една, па уште една врвна институција – лекторат по македонски јазик. Д.Ст.