Писмо до „Фајненшл тајмс“ од Денис Мекшејн, поранешен министер за Европа
ЕУ сака да го прокламира својот статус на глобален играч, но малоумниот
националистички фанатизам против балканските народи е срамен
Денис Мекшејн, поранешниот британски министер за Европа (2002-2005) во владата на Тони Блер, во писмо упатено до редакцијата на „Фајненшл тајмс“ ја обвини Европската Унија дека се однесува срамно кон балканските земји. Мекшејн, кој многумина го сметаат за одличен познавач на балканските околности, остана запаметен кај нас откако во 2004 пред новинарите го извади часовникот и изјави: „Секоја земја има многу едноставен избор. Или го навивате вашиот часовник напред или го враќате назад“.
Во писмото до весникот, тој реагира на ставовиве на директорката на „Карнеги Европа“, Роза Балфур, објавено на истите страници на 13 јуни. Писмото го пренесуваме интегрално.
„Роза Балфур, директорка на ’Карнеги Европа‘, е во право кога инсистира на тоа дека ситните национализми на Европа што ги блокираат потезите за интегрирање на Западен Балкан малку придонесуваат за подобрување на кредибилитетот на ЕУ како глобален играч (’Европа не смее да дозволи да се лизне моментумот за проширување‘, Мислење, 13 јуни).
Шпанија, Грција, Романија, Словачка и Кипар одбиваат да го признаат постоењето на Косово повеќе од 20 години по завршувањето на војните на Милошевиќ. Ова потсетува на случајот од доцните 1960-ти кога Франција и Германија сè уште одбиваа да го прифатат статусот на едни со други.
Косово ја победи Естонија во рагби-лигата викендов, а косовските фудбалски и рок-ѕвезди имаат огромна европска база на обожаватели.
Владимир Путин, секако, го поддржува ставот на Србија дека Косово сè уште е отцепена покраина. Кремљ ја мрази идејата Балканот (и Украина и Грузија) да стане европски и претпочита да ја види балканизацијата на Европа во стилот на брегзит.
Претседателот Емануел Макрон предложи да се внесе Западен Балкан во Европа, во големиот говор на Сорбона во 2017 година, но наиде на противењето на Шпанија, Грција и другите нации, како и намалениот интерес на Ангела Меркел, која – парафразирајќи го Бизмарк – остави впечаток дека Балканот не вреди колку енергијата и ангажманот на ниту еден германски канцелар.
Макрон, за жал, го смени курсот, третирајќи ја Албанија многу излитено, бидејќи француските десничарски политичари почнаа да мрморат за зголемен број муслимани во Европа, дури иако балканските муслимани уживаат во нивната ракија, вино и пиво и им даваат на жените исти права како оние што живеат северно од Алпите.
ЕУ сака да го прокламира својот статус на глобален играч, но малоумниот националистички фанатизам против балканските народи е срамен“.