Анализа (4)

Ставовите во анализата на угледниот „Њујорк тајмс“ беа пренесувани и разгледувани во повеќе медиуми во регионот. „Геополитика њуз“ направи посебен осврт за споменатата анализа, а аналитичарот Зоран Метер се осврна на неколку клучни точки за новонастанатите процеси, по кои „ќе се воспостават нови правила и нови односи на силите, а светот што до неодамна го познававме ќе изгледа сосема поинаку…

За оние неупатените, зборовите на турскиот претседател Ердоган, изречени на 26 мај на состанокот на турскиот Совет за национална безбедност, би можеле да звучат речиси драматично: „Сега влеговме во критичен период, кога нашето внимание може целосно да го насочиме кон создавање голема и моќна Турција“. Притоа треба да се нагласи дека на истиот состанок било разгледувано и давањето турска согласност за влез на Финска и на Шведска во НАТО.

Околу третиот клучен елемент: непослушноста на американските сојузници и „остатокот“ од светот

Како што досега стојат работите, многу мали се изгледите Анкара до самитот на НАТО во Мадрид кон крајот на јуни (на кој би требало да се одобри нивниот пристап во Алијансата, кој за некои аналитичари е компензација за непостојниот иден влез во неа за Украина и Грузија) да ја даде својата согласност.

Освен тоа, Анкара категорично одбива да се приклучи кон западните санкции против Москва, а Ердоган, револтиран од критиките на украинскиот претседател Зеленски во Давос во однос на турскиот став по ова прашање, минатата недела изјави дека „никогаш нема да ги прекине односите со Путин поради ’шоуто на Зеленски‘“, кое се прикажува низ светот.

Турција отворено ја демонстрира својата намера да стане еден од главните играчи на идниот мултиполарен свет. Се разбира, не го прави тоа за да им угоди на интересите на Москва, на која оваа турска позиција во сегашните геополитички околности, додека Русија е единствената што на класичното поле се бори токму за таков свет – со сигурност ѝ одговара. Сето тоа и покрај фактот дека овие две земји се судираат на многу полиња на нивните интереси: од Кавказ и Средна Азија, до Сирија, Егејско Море и Либија.

Но истовремено и двете држави знаат дека користа од соработката (пред сè, онаа стратегиската, енергетската – каде што Турција има во план да стане центар за гас во Европа, но и воена, преку новите испораки на руските системи за противвоздушна одбрана „ПЗО С-400“, а Русите ја градат и првата турска нуклеарка) е поважна од какво било меѓусебно „покажување мускули“. Освен тоа, некои аналитичари тврдат дека амбициите за „голема Турција“ без партнерството со Русија многу брзо би паднале во вода, како и дека Западот многу брзо би го искористил руското непријателство кон Турција (и обратно) за дисциплинирање на Анкара, слично како во времето на СССР.

За оние што не знаат, Анкара планира в година или во 2024 година да ја лансира својата прва интерконтинентална балистичка ракета, што е најдобар показател за нејзините амбиции. Тие сега би можеле да бидат лимитирани само поради сериозната состојба во турската економија и слабоста на лирата, а не се ретки и оние што оставаат отворена можност за насилно симнување од власт на Ердоган од страна на САД, иако голем дел од аналитичарите што ја следат ситуацијата не веруваат во тоа. Меѓутоа, повеќето од нив се согласни дека нема никаков сомнеж дека Вашингтон уште посилно ќе продолжи да ја поддржува турската опозиција.

Нема бегање од фактите

Односите меѓу САД и Турција дополнително ги влошува и турската најава за почнување нова голема воена операција во Сирија – не на просторите контролирани од Асад, кој е потпомогнат од руските сили, туку на оние курдските – во која како сојузници на Курдите се појавуваат и американските војници. Вистина, не во голем број, но доволно ангажирани за оваа најава на Анкара да предизвика нов остар одговор од Стејт департментот, кој веднаш излезе со силно спротивставување.
Покрај таков сојузник како Турција, на Западот и не му требаат непријатели. Меѓутоа, треба да бидеме реални и да кажеме дека причините за сево ова се многу подлабоки, а една од главните е дека големите држави едноставно не сакаат да ја изгубат својата самостојност. Ова е реалноста што Вашингтон, по победата во Студената војна, не сака да ја признае. Но бегањето од фактите, какви и да се, води само кон уште поголеми проблеми.

Токму за ова отворено зборуваат аналитичките реалисти од типот на Кисинџер. Но каква е користа од тоа? Денес на Западот апсолутно доминираат аналитичките идеолози.

(Крај)