Се препознаваат ли тенденции за формирање два глобални, а спротивставени тричлени блока
Студената војна се враќа во уште порадикална форма, но овој пат, освен во Европа, за првпат и на азиските простори, иако засега таму е во ограничен размер, „само“ меѓу двете тричлени групации, преполни со меѓусебни противречности, но и со оружје за масовна деструкција.
Во едни такви околности, простор за разум има сѐ помалку. Некој едноставно ќе мора да се повлече од оваа „зовриена геополитичка каша“ или судирот и катаклизмата ќе бидат неизбежни. САД сега се наоѓаат во понезгодна ситуација од онаа во времето на Студената војна со СССР.
Нова конфигурација на геополитички, геоекономски и геобезбедносни односи
Во тогашното време, во светот сѐ уште функционираше силна идеолошка и општествена поделба на демократи и комунисти, т.е. капитализам и социјализам, која им помогна на САД да привлечат во својот скут и голем број земји надвор од своите сојузнички кругови, кои се плашеа од насилни револуционерни движења. Освен тоа, во најразгорените моменти на Студената војна, со помош на вештата дипломатија на Хенри Кисинџер, САД успеаја да ја разделат од СССР дури и комунистичка Кина, запечатувајќи ја на тој начин судбината на конечниот победник во тој исцрпувачки конфликт меѓу тогашните најголеми глобални антагонисти.
Меѓутоа, сега ситуацијата е многу посложена: САД мораат да „завојуваат“ со две нуклеарни суперсили – Русија и Кина, а не успеа ни нивната консолидација во „остатокот од светот“, која требаше да резултира со глобално вртење грб на Русија и на Кина. Значи, станува збор за сосема нова, досега невидена конфигурација на геополитички, геоекономски и геобезбедносни односи, тактика за успешно „пливање“ во нивните разбранувани води за која не постои рецепт – од причина што нема преседан од кој би можело да се земе пример, ниту да се анализираат состојбите и така да се изведуваат заклучоци.
Сево ова сега ја преместува американската надворешна политика од сферата на рационална, кон сферата на високоризична, при што се користат застарени, архаични методи од времето на Студената војна, како што се силен економски притисок и демонстрација на воена сила пред своите конкуренти, со надеж дека успехот и овој пат нема да изостане. Но проблемот на Вашингтон е што и Москва и Пекинг многу добро го знаат тоа и, секако, ја поседуваат и повеќе од потребната воена сила за одвраќање на какви и да било американски авантури. Притоа, барем што се однесува до Русија – таа е во положба каде што нема што да загуби и очигледно е дека е подготвена да ризикува докрај. Сите овие работи ги знаат и клучните американски стратези, но не знаат како на најповолен начин да ги извлечат САД од оваа ситуација.
Тактизирање со надворешно политичките потези
Прв јасен знак за политиката на ново зближување помеѓу Русија и Северна Кореја беше неодамнешната одлука на втората за признавање на независноста на самопрогласените држави Доњецка Народна Република (ДНР) и Народна Република Луганск (НРЛ), што автоматски резултира со прекин на дипломатските односи меѓу Северна Кореја и Украина. Москва сигурно нема да остане неблагодарна за ваквиот потег на својот далекоисточен сосед, кој, патем, најголем заштитник има во соседната Кина. Но за разлика од Русија, на која сега ѝ е сеедно, зашто нема што да изгуби, Кина сѐ уште мора да настапува мошне внимателно и да тактизира во своите надворешнополитички потези, доколку сака да спречи ескалација на и онака опасно затегнатите односи со САД. Ова на Москва ѝ дава шанса да ја преземе од Кина улогата на главен покровител на режимот во Пјонгјанг, и покрај тоа што Пекинг во никој случај нема да се откаже од улогата на севернокорејски клучен сојузник и главен економски покровител (како и најважен снабдувач на нафта).
Се формираат два спротивставени тричлени блока
Најверојатното сценарио е – по претстојната средба на Џо Бајден и кинескиот лидер Си Џинпинг, која има цел воените потези на овие две сили во регионот да не излезат надвор од контрола и да доведат до нивен меѓусебен судир (сѐ друго е помалку важно, па и можната понуда на Бајден за укинување на сите царински бариери за кинески производи, воведени од неговиот претходник Трамп) – формирање на следниве геополитички односи на Блискиот Исток:
1. на едната страна ќе бидат САД, Јапонија и Јужна Кореја (Тајван ќе служи само како монета за поткусурување – нешто слично на Украина во односите САД – Русија);
2. на другата страна ќе бидат Кина, Русија и Северна Кореја.
Индија нема да се меша ниту во однос на Тајван, ниту, пак, на Северна Кореја – и тоа веќе јасно го даде на знаење. Наедно, новоформираните сојузи и формати под водство на САД, како АУКУС и КУАД, не се насочени кон Северна Кореја, туку на некои други цели, кои првенствено се однесуваат на обидот за спречување на ширењето на кинеското влијание во Индопацифичкиот Регион и глобално.
Значи, ќе се создаде ситуација во која на едната страна ќе бидат три нуклеарни сили (Русија, Кина, Северна Кореја), а на другата една нуклеарна сила (САД), една брзорастечка сила (Јапонија) и една економски и воено силна Јужна Кореја.
Не би ме зачудило оваа нуклеарна нерамнотежа да го поттикне Вашингтон да му даде зелено светло на Токио за изградба на сопствено нуклеарно оружје, иако тоа од психолошка (но и геополитичка) гледна точка претставува многу ризичен став, со оглед на улогата на Јапонија во Втората светска војна на страната на поразените сили на оската, а не помалку важно, на масовните тешки злосторства што нејзината војска ги вршеше низ Азија, најмногу против Корејците и Кинезите, но и против самите Американци.
Дека ситуацијата се движи токму во таа насока, односно дека Пјонгјанг се чувствува целосно заштитен, сведочи и веста што ја објави корејската новинска агенција „Јонхап“. Според неа, во говорот по повод гореспоменатиот државен празник, Ким Јонг-ун изјавил дека „Северна Кореја е целосно подготвена за какви било воени конфликти со САД“. Тој истакнал дека Пјонгјанг е подготвен да го мобилизира својот нуклеарен одговор, доколку тоа е потребно. Ако „САД продолжат грубо да ги кршат интересите на Народна Република Северна Кореја и да ја загрозуваат нејзината безбедност, тоа ќе предизвика само поголема криза“, додал тој.
Притоа, тој го изјавил и следното: „Ваквиот опасен обид ќе предизвика строга казна и пад на режимот на јужнокорејскиот претседател Јун Сеок-Јол и неговата војска. Режимот и воените силеџии се лажат ако мислат дека со превентивна употреба на одредени воени средства или методи можат да неутрализираат или да уништат дел од нашата воена сила“. Н.М.
Елитен круг на таканаречени нуклеарни држави
На 27.7.1953 година, Северна и Јужна Кореја потпишаа договор за крај на крвавата граѓанска војна, која траеше од 25.6.1950 до 27.7.1953 година, во која коалицијата од 17 земји предводени од САД се бореше на страната на Јужна Кореја против комунистичката влада и нејзините сили на северот од земјата, кои, пак, беа поддржувани од Кина и од СССР. Првата испраќаше свои војници, додека втората обезбедуваше воена и материјална помош, а нејзините борбени авиони го покриваа севернокорејското небо.
Северна Кореја ја има четвртата по големина војска во светот. Едно место над неа е САД, а под неа е Руската Федерација. Освен тоа, Северна Кореја спаѓа во елитниот круг на т.н. нуклеарни држави, со респектабилен воен нуклеарен потенцијал, современи интерконтинентални балистички ракети, но – ова е малку познато – и со неочекувано висок степен на развиеност во однос на најсовремени типови оружје, како на пример хиперсоничното.