Јас сум најнапаѓана личност во Македонија. Сите напади врз мене и моите соработници се инспирирани од многу страв. Ако сме толку небитни, зошто тогаш нè напаѓаат, рече градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, на конвеција на партијата Нова алтернатива на која таа беше промовирана како нејзина нова претседателка, вечерва во хотелот „Континентал“ во Скопје.
Со едногласна одлука на сите делегати на Нова алтернатива, Арсовска вечерва беше избрана за нова претседателка на оваа политичка партија. Таа по нејзиниот избор истакна дека време е политиката да биде натпревар на идеи, проекти, методи и понуда со подобар живот.
– Наспроти досегашното поимање на истата како начин на стекнување на привилегии на побрзо збогатување. Политиката не смее да биде извор на раздор, на поделби. Таа треба да биде точка на зближување и мост за надминување на сите проблеми преку дијалог – рече таа.
Арсовска информира дека партијата Нова алтернатива ќе има четири постулати врз кои ќе се заснова – правдата, ослободување на економијата од стегите на крупниот капитал и воведување на еднакви можности, борбата со корупцијата и криминалот и целосна дигитализација на јавната администрација. Таа соопшти дека веќе од наредната недела ќе ги почнат активностите на партијата околу изборот на органите и програмата.
-Ова се нашите основни постулати правда – вековниот стремеж на Македонецот за своја сопствева држава е впрочем и вековен стремеж за правда, затоа што државата е таа која треба да им гарантира праведност, правичност и еднаквост на сите наши граѓани пред законот. За жал, македонските политички елити во изминатите 33 години независна македонска држава, не успеаја да го остварат вековниот стремеж на Македонецот за правда. Не дека не можеа, јас повеќе би рекла дека не сакаа. Оттука неслучајно довербата во македонскиот правосуден систем е на рекордни најниски три проценти. Вториот постулат на Нова Алтернатива е ослободување на економијата од стегите на крупниот капитал, воведување на еднакви можности. Во изминатите 33 години Македонија мина низ транзиција и се трансформира во една квази капиталистичко општество кое што доведе до екстремно богатење на мала група на моќници и осиромашување на над 90 проценти од македонското население. Оваа точка од нашата визија е зголемување на економските слободи и целосна дерегулација, но и силна антипомополска политика. Третиот постулат на партијата е борбата со корупцијата и криминалот. И четвртиот последен постулат е целосна дигитализација на јавната администрација – рече таа.
Арсовска во изјава за медиумите информира дека партијата Нова алтернатива ќе учествува на претстојните парламентарни избори и посочи дека за нив остануваат отворени сите опции за коалицинирање.
– Сите опции ни се отворени, тоа е нешто за коешто треба нормално да се разговара. И во овој момент сметам дека е премногу рано Нова Алтернатива да можеме генерално и дадеме ваков одговор, меѓутоа она коешто го знаеме е дека ќе учествуваме на претстојните парламентарните збори. Имаме многу од нашите граѓани коишто не поддржуваат, коишто знаат за какви лица се работи кои можат да дадат многу за иднината на нашата земја – рече таа.
На новинарско прашање дека политичката партија Нова Алтернатива досега беше во коалиција со СДСМ, Арсовска одговори дека на конвенцијата партијата донела одлука за да излезе од коалицијата.
– На конвенцијата Претседателството донесе една практично одлука со којашто се излегува од коалицијата. Нормално, партијата ќе ги пресметува своите следни чекори и ќе размислува што е она што сакаме да го направиме и ќе ги гледаме програмските активности. Она кое што го слушнавте денеска како постулати и нема друг начин да се соработува со никого, доколку не ги прифати постулатите што ги застапуваме. Самите слушнавте дека тоа е нешто кое што е навистина исклучително важно. Нешто коешто го застапуваме и во коешто искрено веруваме. И затоа во овој момент како нова политичка сила верувам дека ќе можеме да придонесеме и тоа ќе го правиме независно сами – рече Арсовска.
На новинарско прашање дали таа се гледа како иден претседател на државата, Арсовска рече дека за ова прашање одлучуваат граѓаните со довербата што ја укажуваат.
-Не можете вие да се гледате како било што. Сите работи кои следуваат е нешто за коишто граѓаните одлучуваат дали ќе ви ја дадат својата доверба, дали ви веруваат во она коешто го говорите и дали истото ќе го спроведете во пракса. Јас сметам дека ние направивме многу. Вие сте сведоци дека во две години сме ние како институција Град Скопје, туку како личност можеби најнапаѓаната личност во изминатите децении во Македонија, како човек, како жена која успеала и која не се плашела пред никого – рече Арсовска.
На Конвенцијата за промоција на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска за нов претседател на политичката партија Нова Алтернатива присуствуваше генералниот секретар на СДСМ – Миле Зечевиќ.