Арапскиот капитал длабоко продира на европскиот континент во последните децении. И новата економска криза што ја разјадува Европа им овозможи нови можности на моќните и финансиски силни арапски држави да влијаат врз политиката на најмоќните европски држави и на целата ЕУ. Арапските петромонархии од Персискиот Залив од Советот за соработка во Персискиот Залив (ГЦЦ), во кој се вклучени Саудиска Арабија, ОАЕ, Бахреин, Кувајт, Катар и Оман, успеаја да изменаџираат влијание кај водечкиот дел од европската политичка елита со својата финансиска моќ, да влијаат на европската политика и да се наметнат како европски стратегиски партнери на Блискиот Исток. Примерите зачудувачки покажуваат дека Арапите како сопственици на толкави големи удели во водечките европски корпорации и банки, поврзани со британскиот и американскиот капитал, почнаа значајно да одлучуваат за клучните прашања на европската политика
Анализа
Како да станува непишано правило секогаш кога Европа има економски проблеми или кризи, вратите на европската економија и финансии се широко отворени за арапскиот капитал. Станува збор за инвестиции што се влеваат во Европа речиси исклучиво од богатите петромонархии од Арапскиот Залив собрани околу Саудиска Арабија во Советот за соработка во Заливот (ГЦЦ), кој покрај водечката Саудиска Арабија ги вклучува и Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт, Бахреин и Оман.
Огромните инвестиции главно од државните инвестициски фондови од овие земји во европските банки, финансиските деловни компании и сè повеќе во енергетиката и индустријата, неминовно доведуваат до политичко влијание на арапските инвеститори врз центрите за одлучување на најмоќните европски држави. Во таа смисла, индикативно е што бранот на масовни инвестиции на арапскиот капитал во европската економија се совпаѓа со најголемиот бран на емиграција од Блискиот Исток во Европа, кој беше одобрен и поттикнат од германската политика и политиката на водечките европски земји и земјите-членки на ЕУ.
Како се купува влијание?
Новата енергетска и економска криза во која полека повторно се вовлекуваат Европа и Европската Унија, како и за време на финансиските кризи од 2007/2008 година, последователно повлекува нови масивни инвестиции на арапскиот капитал. Бизнисот во Европа на најголемите арапски државни фондови од Катар, Обединетите Арапски Емирати и Кувајт расте речиси пропорционално со растот на економската и финансиската криза во Европа. Најагилни се и најсилните арапски државни фондови, пред сѐ Катарскиот инвестициски фонд, а потоа средствата од Обединетите Арапски Емирати и Кувајт – АДИА и Кувајт инвестициска управа, како и Саудискиот државен фонд (ПИФ).
Се проценува дека секој од горенаведените фондови од Кувајт и Обединетите Арапски Емирати управува со капитал што надминува половина трилион долари, што ги прави еден од петте најголеми инвестициски фондови во светот.
Инвестициите на арапските фондови се внимателно планирани и темпирани. Тие купуваат акции во европски компании токму во најзгодниот момент. Тие првенствено се насочени кон компаниите на најмоќните европски земји, пред сѐ германската економија. Катар во последните месеци троши милијарди за да го прошири своето влијание во германската економија. Со инвестирање пари преку своите фондови, Катар не само што купува акции туку и влијае.
Така, во почетокот на октомври катарскиот државен фонд преку својата подружница во Германија, „Катар холдинг“, која е во целосна негова сопственост, најави инвестиција од 2,5 милијарди евра во германскиот енергетски гигант РВЕ АГ, со седиште во Есен. Овој бизнис го започна токму во моментот кога РВЕ го објави купувањето на американскиот производител и оператор на соларни системи „Кон едисон клин енерџи бизнис“ во вредност од седум милијарди евра, со цел да ја зајакне својата позиција на деловниот пазар со обновливи извори на енергија.
Катар можеби слабо игра фудбал на Мундијалот, ама опасно добро игра во
глобалната економија
Ноторен факт е дека парите ги одредуваат правилата на игра и политичките одлуки, а одлуките за отворање на вратите на Европа за имиграција од арапските земји, тоа е очигледно, се донесени откако огромните инвестиции на богатите арапски монархии, Саудиска Арабија, Кувајт и особено Катар, ги зацврстија позициите во Европа, кон која влегоа помасовно во почетокот на претходната економска криза во 2008 година, во мисијата на директно инјектирање и спасување на европските банки и корпорации.
Има неколку свежи појави на примерот на Катар.
Имено, германската РВЕ веќе подолго време бараше начин да влезе во акционерската структура на гореспоменатата американска компанија, а единствената опција за затворање на финансиската структура беше да земе кредит, со што ќе се обезбеди реализација на договор. И токму во тој момент, не случајно, Катар влезе во бизнисот и обезбеди непречено преземање на американската компанија од страна на РВЕ.
Прекинувањето на соработката со Доха и катарскиот капитал стана практично невозможно за германската економија денес, не само поради загубата на зделките и огромните финансиски штети туку и поради тоа што Катар е длабоко вклучен во европската економија и финансии преку своите акции во сопственоста на моќните европски корпорации и банки, а секое нарушување на односите може сериозно да ги дестабилизира европските берзи.
И друг пример… Денес Катарскиот инвестициски фонд располага со обични и приоритетни акции на германските „Фолксваген“ и „Сименс“, англо-холандската „Ројал дојч шел“, францускиот градежен гигант „Винци“, швајцарскиот „Гленкор“, кој се занимава со рударство и тргување со суровини, шпанската електроенергетска компанија „Ибердол“ со 31.000 вработени во десетина земји, каде што тој е мнозински сопственик, како и во лондонската банка Барклис.
Покрај тоа, Катар е важен снабдувач на течен гас за Европската Унија и директен конкурент на американските планови да ја снабдува Европа со својот течен гас.
Катар учествуваше и во докапитализација на Дојче банк
Катарскиот фонд „Парамаунт холдинг сервисис“, во сопственост на член на кралското семејство, шеикот Хамад бин Џасим бин Џаборал-Тани, инаку поврзан со Катарскиот инвестициски фонд преку сложени финансиски структури, учествуваше во докапитализацијата на Дојче банк со инјектирање 1,75 милијарда евра во 2014 година.
Според податоците презентирани од германскиот „Ди зајт“ во јули 2017 година, Катар веќе тогаш имал 17 отсто од акциите на „Фолксваген“, 3 отсто од акциите на „Сименс“, 14 отсто од акциите на „Хапаг-Лојд“, инаку според капацитетот петти по големина светски превозник на контејнери, и околу 8 отсто акции на Дојче банк. Во март 2017 година, Ројтерс известува за интересот на саудискиот државен инвестициски фонд за инвестирање во германски финансиски и технолошки компании. Интензивните инвестиции на арапскиот капитал во европските компании, особено германските, ќе продолжат и во следните години. Новата криза отвори нови можности во Европа.
Како резултат на своето влијание во германската економија, Катар стана клучен столб на германските интереси во Персискиот Залив и клуч за пристапот на Берлин до петромонархиите од Советот за соработка на Персискиот Залив (ГЦЦ).
Во овој контекст, вредно е да се спомене и за парите од пред десетина години, пласирани од Саудиска Арабија, Емирати и Бахреин, кои директно беа впумпани во европската економија. Тогашниот француски премиер Мануел Валс, по враќањето од Ријад на 13 октомври 2014 година, гордо напиша на Твитер: „Франција – Саудиска Арабија: договори вредни 10 милијарди евра. Владата е активна за зачувување на нашите компании и работни места“.
Дали се реални или нарачани западните студии во кои Катар има „политика на отвореност кон надворешниот свет и гради либерална економска и социјална структура“?
Таквиот (нов и проевропски) статус на Катар во официјалната германска политика и економија е прикажан во студијата на угледниот аналитички центар „Форумот Дарендорф“, основан од берлинската школа за управување „Херти“, Лондонската школа за економија и фондацијата Штифтунг Меркатор во 2017 година, која се обидува да ја промовира соработката со Катар и другите земји од споменатиот ГЦЦ (Советот за соработка во Заливот), да создаде поубава слика за Катар и да ја нагласи неговата стратегиска важност за германската и европската политика. Студијата на „Дарендорф“, чиј автор е Николас Фром од универзитетот на германските вооружени сили „Хелмут Шмит“ во Хамбург, тврди дека за време на владеењето на емирот Хамад бин Калифа Тани (1995-2013), Катар започнал „политика на отвореност кон надворешниот свет и изградба на либерална економска и социјална структура“, која наводно го доближила до европскиот социјален и економски модел.
По бизарното прикажување на Катар како „чудна птица на либералната демократија со емир на чело на државата“, студијата заклучува дека Европската Унија мора уште посилно да ги развива односите со Катар и другите земји од ГЦЦ за да ги постигне своите долгорочни, економски и безбедносни интереси: „Денес тоа важи повеќе од кога било, во светлината на зголемената важност на медитеранската димензија за европската политика, при што Катар е клучна врска помеѓу ЕУ и другите земји од ГЦЦ“. Затоа, според авторот на студијата, „Европа треба да усвои поконструктивен пристап кон своите заливски партнери од ГЦЦ. Треба да се оддалечиме од парадигмата што го прикажува Катар, како и другите земји од ГЦЦ, исклучиво како прекршител на човековите права, игнорирајќи ги заслугите на надворешната политика на Катар“. Наместо да се наметнува вина за човековите права, Фром тврди дека треба да се создаде некаков вид однос на доверба со Катар и другите земји од ГЦЦ, вклучувајќи ја и Саудиска Арабија, што би ги довело до натамошна внатрешна демократизација преку мудро посредништво на Европската Унија. Се разбира, ова е класичен пропаганден спин, кој се обидува политички и морално да ја оправда блиската соработка со арапските земји што се користи во спроведувањето на сѐ поочигледната, досега замаглена агенда на стратегиската интеграција на Европа и Блискиот Исток.
Медиумскиот сервис „Фанак“ во Холандија силна логистичка поддршка за арапските земји
До каде оди политичкото и културното влијание на арапските инвеститори во европската економија сведочи објавувањето на медиумскиот сервис „Фанак“ од 13 февруари 2017 година. Споменатиот медиумски сервис е основан во Холандија, во 2010 година, за да промовира информации од Блискиот Исток и Северна Африка (МЕНА). Во својот напис од февруари 2017 година, насловен „Инвестиции на ГЦЦ на Запад“, тој го опишува обемот на арапските инвестиции во европските земји и, меѓу другото, наведува дека катарските инвеститори учествувале во финансирањето на изградбата на лондонската кула „Шард“, 310-метарска деловна зграда, која наедно е и највисоката зграда во Европа. „Фанак“ наведува дека катарските инвестициски фондови успеале да преземат 80 отсто од акциите во тој проект, по што ги поставиле деловните правила. „Фанак“ ја информира европската јавност за овој факт на следниов начин: „Бидејќи проектот беше финансиран од фондови што се во согласност со шеријатското право, идните корисници на деловната зграда подлежат на одредени услови и правила, вклучувајќи и дека не се поврзани со бизниси што се незаконски според шеријатскиот закон“. Ова, се чини, е еден од првите срамежливи никулци од воведувањето на правилата на арапските инвеститори во европскиот деловен свет, а во наредниот период можеме да очекуваме сѐ повеќе и повеќе вакви интервенции во европската деловна практика. Оној што може да ги постави овие услови може да бара и пропуштање и масовно населување на населението од Блискиот Исток и Северна Африка во европските области. Дотолку повеќе што опишаниот пример што се појави во јавноста е најверојатно крајно невин во однос на она што арапските инвеститори го прават зад сцената со своите европски партнери.
(При изработка на темата се користени материјали од „Геополитика њуз“)