Секогаш кога меѓународната заедница има намера да затвори некој отворен проблем што може да ескалира наоѓа различни начини и приоди како да се решаваат проблемите, често и спротивно на востановените принципи. Со други зборови, интересите на големите сили се приоритет при решавање на локалните несогласувања, било како модератори, било како медијатори, олеснувачи или, пак, кога активно се ставаат на една страна во конфликт со локални димензии. Така е сега кога се бара решение во косовско-српскиот спор, така беше и пред нешто повеќе од 22 години кога се потпишуваше Охридскиот рамковен договор, со кој му се стави крај на оружениот конфликт во Македонија
Меѓународната заедница нема универзални решенија за проблемите на Балканот
Повеќето високи европски и американски политичари го поздравија напредокот меѓу Косово и Србија за нормализација на меѓусебните односи што со посредство на Европската Унија беше постигнат изминатиот викенд во Охрид, покажувајќи уште еднаш дека кога станува збор за интересите на меѓународната заедница секогаш ќе се најдат различни начини и приоди во наоѓањето на решенија.
Но зошто во еден меѓудржавен спор во кој не е вклучена Македонија се дозволува на повеќе начини да биде инволвирана нашата држава, имплицирајќи дека домино-ефектот од соседството, и при здравото присуство и влијание на меѓународната заедница и на меѓународните организации, апсолутно ја загрозува и Македонија?!
Охридскиот договор – за некого пример, за некого алатка за остварување
дополнителни (етноекспанзионистички) цели
Како алатка за остварување етноекспанзионистички територијални цели беше регистриран обидот да се повлече паралела меѓу решенијата предвидени со Охридскиот рамковен договор и обврската на Косово да формира заедница на српски општини (ЗСО), инволвирајќи ја Македонија во безбедносното жариште.
– Ако меѓународната заедница му наметне на Косово да мора да ја прифати „заедницата на српски општини“, со која Србите бараат територијално решение за нивните етнички проблеми, тогаш ќе биде урнат главниот принцип од Охридскиот договор дека нема територијално решение за етничките проблеми, кој ги спречи Албанците да ги одвојат нивните територии во Македонија во 2001 година. Потоа, порано или подоцна ќе одекнат истрелите! – порача Арбер Заими, член на Претседателството на владејачката косовска партија Движење самоопределување (Ветвендосје), реагирајќи на разговорите на косовскиот премиер и претседател на Самоопределување, Албин Курти, со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, викендов во Охрид.
Но познавачите на состојбите во меѓународната политика со кои се консултиравме се категорични дека не може да се прави никаква споредба меѓу принципите во Охридскиот рамковен договор и она што го договараат Косово и Србија бидејќи станува збор за сосема различни контексти.
– Во самиот Охридски договор е наведено дека за етничките прашања нема територијални решенија, но сегашниот контекст јасно упатува и дека не може да се прави никаква споредба со она што сега го договараат Косово и Србија. Станува збор за сосема различен контекст. Нема никакви допирни елементи меѓу Охридскиот договор и преговорите Косово – Србија. Дури и во рамките на Југославија овие елементи беа различни, а различни беа и во рамките на албанската национална програма по распадот на Југославија – вели Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер и амбасадор.
Тој појаснува каде ја гледа разликата во она што се случуваше во Македонија пред две децении и она што се случува сега на Косово, јасно истакнувајќи зошто решенијата што ги носи меѓународната заедница не се применливи во двете држави.
Дали навистина за етнички прашања нема територијални решенија?!
Според Боцевски, има повеќе моменти што се во целосна спротивност со точките од Охридскиот договор, особено онаа во која се посочува дека „за етнички прашања нема територијални решенија“, која сега некои албански политичари кај нас и во Косово сакаат да ја злоупотребат и да ја стават во некаков регионален контекст, со образложение дека ако во Косово се направи заедница на српски општини, тоа треба да се направи и во Македонија!?
– Косовската независност произлезе од планот на Ахтисари. Таму јасно се укажува дека не треба да има никакви реперкусии кон регионот, посебно кон Македонија. Втора работа, во Македонија уште од самиот почеток беше јасно кажано дека унитаризмот на земјата нема да биде нарушен и дека ќе се најдат модалитети за меѓуетничките прашања. Трето, што мене ми е најзначајно, досега не се исцртани никаде нови граници на Балканот. Ако цртаме граница и ако ги земеме предвид само регионите каде што Албанците се мнозинство, тогаш и внатре во тие граници Македонците се со далеку поголем процент и се далеку поголем број од Албанците колку што се во цела Македонија и второ, над половина од албанското население во земјава ќе остане надвор од тие граници. Ако, пак, ги цртаме границите на таа заедница што се заговара во Македонија така што секаде каде што живеат значителен број Албанци во земјава ќе влезат во таа заедница, тогаш и во тие граници Македонците повторно се мнозинство. Никој не е луд Македонија да ја доживее судбината на нам пријателска БиХ, каде што четири години се водеше крвава војна и со крв се облеаја сите етнички граници до последно поточе, до последно камче и до последно патче. Такво нешто, претпоставувам никој не ѝ посакува на својата земја. На крајот од краиштата, гледаме дека на целата територија на државата сите работат и инвестираат, и Македонци и Албанци, така што за крајна осуда се сите оние што повикуваат на такво нешто – заклучува Боцевски.
Прагматичната меѓународна заедница
Очигледно меѓународната заедница настапува исклучиво прагматично, водена од сопствените интереси, па затоа отворените прашања ги затвора на начин што во одреден момент ѝ се гледа како најфункционален. Во таквиот пристап нема универзални модалитети на кои ќе може некој да се повикува, туку, според соговорниците со кои се консултиравме, надвладува само повисокиот нејзин интерес. Во овој момент таквиот интерес е стабилен Балкан, без отворени прашања и, да се надеваме, во тој контекст интересот на меѓународната заедница за „што побрзо целосно инкорпорирање на Балканот во Европската Унија“.
– Не може да се генерализира однесувањето на меѓународната заедница, туку мора да се гледа случај по случај. Едно е Македонија, друго е Косово. Универзални решенија нема. За секој случај странците користат одреден модел или решение што ќе го применат таму во одреден временски период, што секако не важи за други случаи. Кај нас во тоа време бил Охридскиот рамковен договор, за Косово денеска се бара друго решение – појаснува Боцевски.
Познавачите на меѓународните околности толкуваат дека несомнено постојат различни временски контексти во кои се носат одредени решенија, кои не можат да бидат применливи од еден во друг случај, што јасно говори дека секогаш кога меѓународната заедница има намера да затвори некој отворен проблем што може да ескалира наоѓа различни начини и приоди како да се решаваат проблемите, често и спротивно на востановените принципи.
Со други зборови, интересите на големите сили се приоритет при решавање на локалните несогласувања, било „меѓународната“ да се појавува во својство на модератор, било како медијатор, олеснувач или, пак, кога активно се става на едната страна во спор или конфликт со локални димензии. Така е сега кога се бара решение во косовско-српскиот спор, така беше и пред нешто повеќе од 22 години кога се потпишуваше Охридскиот рамковен договор. Некој од соговорниците ја завршуваат својата експликација со заклучокот дека „онаму каде што има моќ, има помалку место за право и правдина“.