Експертите предупредуваат на можно повторување на вонпроцедуралните практики при промената на Уставот
И додека во јавноста продолжува дебатата дали е испочитувана процедурата за уставни измени бидејќи не започна онаму каде што требаше, во Собранието, но и како ќе се одвива целиот процес без обезбедено двотретинско мнозинство, експертите предупредуваат на повторување на преседанот со Преспанската спогодба, кога при носењето на амандманите беше изгласан амандманот 34 со кој се интервенира во преамбулата, нешто што е невообичаено за меѓународната уставноправна практика
Работната група формирана да ги подготви уставните измени ја заврши својата работа и решението го достави до Владата, која треба во следниот период да го достави овој предлог до Собранието, со што процедурата за уставни промени влегува во институционална фаза.
Засега останува енигма кога решението за интервенција во Уставот ќе биде испратено до Собранието, каде што Комисијата за уставни прашања треба да ја започне законската процедура, но голема е веројатноста да се чека исходот од веќе закажаната лидерска средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, по што ќе биде јасно дали целиот процес ќе се турка без обезбедено двотретинско мнозинство.
– Владата ќе земе неколку дена за неколку фази на консултации и координации и внатре меѓу институциите, но и со некои целни групи во општеството во наредните десетина дена, вклучувајќи ја и лидерската средба, и очекувам во текот на овој месец Владата да ги усвои амандманите – изјави неодамна вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ.
Преседан во најава
И додека во јавноста продолжува дебатата дали е испочитувана процедурата за уставни измени бидејќи не започна онаму каде што требаше, во Собранието, но и како ќе се одвива целиот процес без обезбедено двотретинско мнозинство, експертите предупредуваат на повторување на преседанот со Преспанската спогодба, кога при носењето на амандманите беше изгласан амандманот 34 со кој се интервенира во преамбулата, нешто што е невообичаено за меѓународната уставноправна практика.
Еден од оние што предупредуваат на повторување на ваквиот преседан и при евентуалните нови уставни измени со кои треба да се додадат Бугарите во македонскиот устав е Игор Јанев, професор по меѓународно право на Институтот за политички студии во Белград.
Воден од своето долгогодишно искуство, експертиза и познавања на меѓународното право, професорот Јанев предупредува дека на Македонија, како што беше случајот со Преспанската спогодба, сега повторно може да ѝ се случи преседан.
– Во јануари 2019 година, кога се смени Уставот на Република Македонија, во него постои амандман 34 со кој се смени преамбулата на Уставот (амандмански). Ова е крајно невообичаено. Во уставната теорија нејасно е дали може не-нормативниот дел (декларација што им претходи на уставните одредби, која не е во склоп на нормативниот дел) да се менува со амандман!? Оваа дилема се решава во компаративната практика со преседан, а таков еклатантен пример на преседан е случајот по потпишувањето на Преспанскиот договор, кога преамбулата на Уставот беше изменета со амандман. Кога еднаш е направен ваков преседан (прв случај, како пример за другите слични случаи), тогаш се остава простор уставната преамбула да ја сменат повикувајќи се на „преседанот“ (независно дали преседанот бил легален или не) – објаснува професорот Јанев.
Според него, преседанот пред кој повторно може да се најде Македонија можеше да се избегне доколку не се дозволеа амандмански интервенции во преамбулата по договорот од Нивици.
– Кога се менуваше Уставот во 2019 г. требаше да се има предвид општиот принцип дека ненормативен дел од Уставот (уставната декларација) по својата правна природа (отсуство на правна природа) не може да се менува со амандманите на Уставот – нагласува Јанев.
Ако се отстрани причината, преседанот не може да се повтори
Анализирајќи низ стручна призма, професорот по меѓународно право наоѓа и правно-технички недоследности при изготвувањето на амандманите, практика што веројатно ќе биде пресликана и при евентуалната нова интервенција во Уставот за да се внесат Бугарите и другите малцински заедници.
– Покрај овој аспект, правно-технички сите четири амандмани на Уставот по потпишувањето на Преспанската спогодба се направени крајно непрофесионално. На пример, кога се менуваше преамбулата, не смееше да се каже „овој збор се заменува со… термин..“, туку мораше да се изложи (односно напише) цел текст на новата преамбула! Да констатирам: промената на Уставот беше направена аматерски, а згора на тоа и нелегално – истакнува професорот Јанев.
Тој е убеден дека и сега доколку се случат уставните измени ќе се повтори преседанот направен со амандманските интервенции произлезени од Преспанската спогодба, а решението да не ни се случуваат вакви преседани е враќање на состојбата пред да се случат преседаните, со што ќе се спречи ваквата практика во иднина. Неговиот став, колку некому да му изгледа нереален, и натаму останува конзистентен, дека Македонија мора еднострано да ги раскине штетните договори.
– По раскинувањето на Преспанскиот договор и известување за овој чин до ООН, ќе треба Уставниот суд да го „исчисти Уставот“, така што ќе донесе одлука за поништување на новите амандмани донесени со Уставот од 2019 година. Ова се прави така што Преспанскиот договор како правна претпоставка на овие амандмани повеќе нема да постои, па така, сите амандмани губат секаква правна смисла и мора да се укинат, исто како и одредбите врзани за договорот. Имено, како што објасни и поранешниот претседател Ѓорге Иванов, новиот устав базиран на Преспанскиот договор фигурира како „акт повисок од Уставот“ односно „Уставот се приспособува на договорот“, па оттаму, со раскинување на Преспанската спогодба по автоматизам, но со одлука на судот, можно е да се „поништи“ истиот тој, поточно амандманите на Уставот од 2019 година – заклучува професорот Јанев.
Останува во следниот период Владата да го достави предлог-решението за нови уставни измени до Собранието, а разврската на дилемата дали ќе има или не ново мнозинство, ќе покаже дали земјава ќе го повтори преседанот од 2019 година или, пак, процедурите ќе ги врати во согласност со уставноправните практики.