Фото: Игор Бансколиев
ГЕРМАНСКАТА СТАТИСТИКА НАСПРОТИ МАКЕДОНСКАТА РЕАЛНОСТ

Според податоците на германскиот завод за статистика „Дестатис“, Македонија е рангирана меѓу најевтините држави во Европа и е рекордер по ниски цени во многу категории. По сето ова испаѓа дека Македонија е ветената земја за Европејците, барем судејќи по ниските цени и ниските трошоци за живот. За жал, македонската реалност не е баш таква како што ја прикажуваат статистичките податоци на хартија и од призма на германските аналитичари. Зошто?

На денот кога македонските власти ги одмрзнаа цените на прехранбените производи, случајно или не, се појави најновата информација на германскиот завод за статистика „Дестатис“, во врска со трошоците за живот на граѓаните во одделни држави во Европа. Според „Дестатис“, Македонија е рангирана меѓу најевтините држави во Европа и е рекордер по ниски цени во многу категории. Имено, според презентираните информации, трошоците за живот во Македонија се „за повеќе од половина пониски отколку во Германија“!

Заклучно со март годинава, Македонија е делумно поскапа само од Турција, а поевтина од сите други земји на европскиот континент, се вели во анализата на „Дестатис“.

Четириесет европски држави во објективот на „Дестатис“

Германските статистичари ги опсервирале цените на голем број производи и услуги во различни категории во дури 40 европски држави.
Во анализата е направена и споредба на цените на храната, пијалаците, тутунот, облеката, енергијата, транспортните трошоци, телекомуникациите, културниот живот и забава, како и хотелите и рестораните. Речиси во сите категории македонската понуда на пазарот е меѓу најниските цени, а во некои категории е и убедливо најевтина.
Инаку, како основа на истражувањето биле земени цените во Германија и тие се појдовна точка (100 отсто) од која се прави споредбата на висината на цените со другите држави. Па така, во анализата севкупно, во сите категории, цените во Македонија се на ниво од 49отсто од цените во Германија – или со други зборови цените во Македонија се за 51 отсто поевтини отколку во Германија.

Иако изминатиот период имаше голем број реакции во македонската јавност, токму во однос на големото поскапување на храната, а со тоа и намалување на животниот стандард на македонските граѓани, во анализата на „Дестатис“ се вели дека храната и безалкохолните пијалаци во Македонија се меѓу најевтините од сите 40 анализирани европски држави. Така, кај нас во однос на Германија цената на храната и безалкохолните пијалаци е 62 отсто од просекот во Германија. Тука се пресметани просечните цени на леб, месо, риба, млечни производи и јајца, масло и маслени производи.

Македонија има убедливо најниски цени во Европа и кога станува збор за овошјето, зеленчукот и компирите. кои се на ниво од 45 отсто од цените во Германија. За споредба, во регионот на Балканот, цените во Србија се на ниво од 86 отсто од германските, во Хрватска – 76 отсто, во Грција – 67 В, а во Албанија 77 отсто. Цените во Македонија на тутунот се речиси една третина од цените во повеќето членки на ЕУ, а во однос на некои држави се поевтини и за пет пати. Истото важи и за облеката и чевлите. По сето ова испаѓа дека Македонија е ветената земја за Европејците, барем судејќи по евтините цени и ниските трошоци за живот. Но дали е баш така и во реалноста?

Статистиката со повеќе лица

Повеќе од јасно е дека македонската реалност не е баш таква како што ја прикажуваат статистичките податоци на хартија и од призма на германските аналитичари.
Некои наши соговорници, употребувајќи една впечатлива метафора, малку сатирично за весникот и за нашите читатели обрнуваат внимание. Имено, според нив, „граѓанската диоптрија е сосема различна доколку се гледа низ очила „мејд ин Германија“ и низ очила „мејд ин Македонија“. Едноставно, затоа што самиот граѓански агол на перцепција на германските граѓани, со значително високи лични приходи, односно висок БДП по жител, споредувајќи со цени во малопродажба на стоки и услуги во држава каде што граѓаните имаат осум пати помал БДП по жител и соодветно таков пазар, тогаш се разбира дека тоа што во нивните очи и за нивниот стандард е можеби евтино, за нас е прескапо, во согласност нашите приходи и нашите реални трошоци за живот. Еден граѓански контрааргумент од прва рака дека статистиката на „Дестатис“ е можеби теоретски точна, но практично дека е далеку од вистината, е и фактот за масовното иселување и одлив на македонски работници токму во Германија, кои таму одат во потрага по подобар живот и поголеми плати (се разбира вклучувајќи и поголеми и поквалитетни) трошоци за живот.

Зарем некој мисли дека граѓаните би се иселувале на полошо?!

Според анализите само на Синдикатот за градежништво, изминатите две години државата ја напуштиле над 12.000 работници. Вкупната бројка од сите сфери, на работници што си заминале од државата, е многу поголема, а изминатиот период особено беше актуелен одливот на медицински кадар од државата. Ако порано заминуваше главно неквалификуван кадар, земјоделци и обични работници, сега масовно се иселуваат и доктори, инженери, односно високоедуциран стручен кадар. Доколку живејачката е добра и цените се толку евтини тие секако не би заминале во странство и би останале во државата, велат економските аналитичари.
Нашиот весник направи и компаративна споредбена анализа на неколку најважни економски параметри, кои фрлаат сосема поинаква слика за економските околности и услови за живот во Македонија и во Германија. Така на пример, без разлика дали се одмрзнати или замрзнати цените на прехранбените производи во Македонија, тие и понатаму се многу повисоки од претходно, се разбира ставени во констелација со куповната моќ на македонските граѓани!

Само за илустрација. килограм кромид сега е околу 70 денари, додека пред една година беше двојно, па и повеќе поевтин. Исто се однесува и на други производи и услуги. Во исто време растот на платите и на животниот стандард во Македонија ни оддалеку не соодветствува и не го следи растот на цените и трошоците за живот.
– Сите досегашни напори за зголемување на минималната плата однапред ги изеде високата инфлација и зголемените трошоци за живот. Притоа најзагрозени се ранливите категории на граѓани со пониски приходи, како и пензионерите – велат економските аналитичари, додавајќи дека од сите гореспоменати работи, пред сѐ „економскиот раст со двоцифрена бројка (во проценти) и БДП по жител со четирицифрена бројка (во евра), е она што ќе влијае на стандардот, а не неосновано покачување на платите. Така што „зајакот лежи во сосема друга грмушка“, сликовито опишуваат економските експерти, укажувајќи дека клучот е во растот на реалната економија, односно стопанството.

Македонските граѓани на своја кожа чувствуваат дека драстично им е опадната куповната моќ и се со речиси една третина послаби плати од пред две години и понатаму плаќаат астрономски цени за намирниците.

Понатаму, во делот на енергетиката цената на струјата, како важна детерминанта што влијае на животниот стандард на граѓаните, но и на рентабилноста и конкурентноста на компаниите, во последните неколку години е зголемена за околу 50 отсто.
– Од летото 2019-та, па досега во 2023 година слободно може да се каже дека за домаќинствата цената е покачена 50 отсто. Сега на почетокот од јули се воведува евтина тарифа – предупредуваат енергетичарите.

Конечно клучен показател за развиеноста на некоја економија е соодносот на производството на стоките и услугите, односно бруто-домашниот производ (БДП), кој е главен показател за развиеноста на економијата на секоја држава. Ако се спореди БДП на Македонија и Германија ќе се види практично колку сме всушност далеку и од Европа и од Германија.

Споредба на неспоредливото

Така, во сите релевантни економски извештаи и анализи Германија е во самиот врв, како една од најголемите и најсилни светски економии. И покрај тоа што моментално е во рецесија, Германија и понатаму има силна економска база, високоразвиена индустрија и голема продуктивност што секако влијае на БДП. Така. според одредени статистички податоци, пред две години Германија остварила БДП по жител од 47. 627 долари. Номиналниот БДП во Македонија по жител е драстично помал – за скоро десет пати, и изнесува околу 6.000 долари.

Драстична и драматична разлика има и во однос на висината на платите и во однос на куповната моќ и квалитетот на животот. По сите овие параметри Македонија е на самото дно и далеку заостанува зад Германија. Еве и со конкретни показатели.
Во Германија висината на платата зависи и од квалификациите на вработените, па така, вработените со академска диплома имаат просечна плата над 5.500 евра, додека платата на оние со стручна квалификација е над 3.500 евра. Просечната плата за оние без стручни квалификации е околу 2.500 евра. Секако висината на платата варира и зависи и од компанијата, локацијата, како и од видот и сложеноста на работните задачи. Во Македонија последната исплатена просечната плата за март е околу 560 евра. Според пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија, пак, вредноста на синдикалната минимална потрошувачка кошничка во Македонија во февруари годинава изнесувала 50. 909,00денари, или 828 евра, што значи дека се потребни околу 1,5 просечна плата за да се покријат само основните трошоци за живот и да може да се прехрани едно семејство.

Ако се споредат платите според занимање и професија во Германија и во Македонија, разликата е повеќе од очигледна, што само по себе е одраз и во разликата за животниот стандард меѓу двете држави. Така, на пример, во Германија,доктор зема просечна бруто-плата од околу 6.337 евра, економист во компанија – 3.916 евра,сметководител – 3.695 евра, електроинженер – 6.300 евра, воспитувач – 3.903 евра, судски службеник – 3.373, домар – 2.924 евра итн.

Во Македонија, пак, освен политичарите и именуваните функционери, ретки се оние што земаат повисоки плати од просечните. Најголем дел од граѓаните и од пензионерите остваруваат месечни приходи што се во рамките на минималните. Инаку, според последното усогласување и покачување, минималната плата во Македонија е зголемена и изнесува 20.175 денари (или 328 евра) што е речиси десет пати помалку од најниските приходи што ги остварува некој во Германија, на пример.

И според објавите на сајтот за Преглед на светската популација, кој ги бележи сите најважни индикатори за секоја земја поединечно, постои огромна разлика помеѓу индексот за квалитет во животот во Германија за разлика од Македонија. Така, според овој параметар, Германија е во самиот врв со индекс за квалитет на животот од 70 отсто, додека Македонија е многу подолу на оваа табела.

И по сето ова што може да се изведе како некаков генерален заклучок.
Можеби како некаков експериментален модел да се замениме со платите и со цените, па да видиме како ќе опстојуваат Европејците (и Германците) со нашите плати и нашите најевтини цени. И онака сиве изминати години Македонија се користеше само како европски полигон и експериментално заморче за разни експерименти (историски, јазични, идентитетски итн., па и економски).