Наративот што го истакнува лидерот на ДУИ, Ахмети, дека сме двонационална држава оди на истата линија на која со години предупредува овдешната јавност, дека очигледно некој има намера да ја претстави Македонија како бинационална држава и албанската малцинска етничка заедница да ја претстави и факторизира како рамноправен народ заедно со конститутивниот државотворен македонски народ, маргинализирајќи ги сите други малцинства. Дополнително, тезите со кои излегува лидерот на интегративците, всушност се дека од него зависи дали оваа држава ќе ја биде или не
До кога со јавните промоции Македонија да се претстави како бинационална држава
Ниту по десетина дена не стивнуваат реакциите во македонската јавност по последните интервјуа на лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, а рецидивите од она што беше изнесено од претседателот на интегративците и натаму се рефлектираат врз домашната политичка сцена.
И додека Ахмети го кажа она што го кажа само да ги сврти очите на јавноста од коруптивните дејства за кои беше посочена токму неговата партија, сепак во неговите обраќања има постојано една константа, а тоа е дека Македонија е држава на македонскиот и на албанскиот народ.
Овој наратив што го истакнува Ахмети оди на истата линија на која со години предупредува овдешната јавност, дека очигледно некој има намера да ја претстави Македонија како бинационална држава и албанската малцинска етничка заедница да ја претстави и факторизира како рамноправен народ заедно со конститутивниот државотворен македонски народ, маргинализирајќи ги сите други малцинства. Дополнително, тезите со кои излегува лидерот на интегративците, всушност се дека од него зависи дали оваа држава ќе ја биде или не. Токму во двете неодамнешни интервјуа, Ахмети говори исклучиво за албанскиот и за македонскиот народ, а сите други ги наведува како малцинства. Ова не е ни малку случајно, туку е добро осмислен наратив од првиот човек на интегративците, полека да се креира средина во која ќе се говори исклучиво за два државотворни народа.
Погледнато низ една таква призма, тогаш повеќе од јасно е зошто најголемата статистичка (читај политичка) операција во државата, пописот, беше под буден мониторинг на албанскиот фактор во државата, надвор од сите можни правила на „Евростат“ и со добро осмислен концепт како уште повеќе да се намали процентот на македонското население во државата, за сметка на Албанците, чиј процент се надградуваше и со оние од дијаспората.
Како и да е, целта е јасна, воспоставување бинационална држава, по што би следувало нејзино федерализирање и конечно разбивање, тргнувајќи од правото на „народите за самоопределување“.
Неодамна повторно во јавноста се појави движењето „Илирида“, кое се залага да формира партија и да учествува на следните парламентарни избори во земјава. Во една од своите дебати со граѓаните, целта беше одново да се реафирмира желбата на Албанците изразена на референдумот во 1992 година за политичко-територијална автономија на Албанците.
– Триесет години сме сведоци на жртвувањата за да владееме заедно со другите народи во Македонија, но ова заедничко владеење не ги даде саканите резултати. Крајно време е за промени. За да постигнеме регистрација како политичка партија и да учествуваме во изборите и изборната кампања, ќе го поднесеме барањето за федерализација на државата и ако ги освоиме гласовите на граѓаните, по автоматизам ќе го формираме парламентот на Илирида, која ќе функционира како втора република во рамките на Македонија – кажаа на една од трибините што пред извесно време се одржаа во Тетово.
Во платформата на овој субјект, кој бара регистрација како партија, тогаш беше запишано дека федерализацијата би се применила со промена на Уставот, каде што би се дефинирала Македонија како држава на два државотворни народа, на албанскиот и македонскиот, со ново знаме, грб и химна и со повлекување внатрешна граница, како и со формирање парламент на Илирида, додека Собранието на Македонија би станало дводомно, со дом на граѓаните и дом на етничките заедници.
Слични ставови пред две години изнесуваше и првиот човек на ДПА, Мендух Тачи, а сè почесто се слушаа и од албанските опозициски политичари во земјава, кои отворено говорат и за дводомен парламент, нови државни симболи и слично.
Токму и последниот наратив на Ахмети во интервјуата е во таа насока, дека македонскиот и албанскиот народ се тие што треба да одлучуваат за иднината на државата. Тоа е само потврда дека Македонија веќе функционира како бинационална држава, а спомнувањето на другите малцинства во некаков друг контекст е само обичен декор.
– Со сите изјави Ахмети, прво и основно, оди против Охридскиот рамковен договор. Според тој договор, ние сепак сме унитарна држава. Мислам дека политичка е грешката или намерно е направен таков политички конструкт во Уставот што беше направен по Охридскиот рамковен договор, каде што Македонија е држава на македонскиот народ и другите делови на народи, односно, како што велат правниците, ова е ендемичен случај на устав каде што малцинствата не се именуваат како во европските документи како малцинства, туку како делови од народ. Поаѓајќи и од 1991 година, кога тие како албанско малцинство го направија оној нелегитимен референдум за Илирида, сè од таа година, па наваму упатува на тоа дека македонскиот народ не може да има сувереност и интегритет на македонската држава и сè тргнува од тој датум, па и преку рамковниот, па и преку административната територијална поделба, фактички со меѓународен благослов, но и со внатрешен политички благослов, се оди кон интенцијата на кршењето на правото на македонскиот народ на сопствена држава на овој дел што го ослободил за време на Втората светска војна, со тоа што Македонија треба да претставува еден вид збир на народи како што беше СФРЈ, или САД, каде што сите имаат право на сувереност и интегритет, меѓутоа не постои посебен македонски народ. Се работи за едно сериозно негирање на историската генеза на македонскиот народ и антифашистичката борба на македонскиот народ и на народностите бидејќи така е создадена оваа држава. АСНОМ е тој што го прави Собранието и сите други државни институции и ја гради државата во своите решенија што имаат државотворен карактер – вели професорката Наташа Котлар-Трајкова.
Според неа, бинационалниот наратив што се користи е на истата линија со која се чекори кон остварување на големоалбанската идеја.
– Поголемиот дел на оние идеолошки приврзаници и националистички приврзаници на албанската идеологија, која е великонационалистичка, одат на тоа ако сме збир на народи во оваа македонска држава, тогаш секој може да си изјавува и да прави што сака, па дури и да изразува суверенитет и интегритет. Фактички сите нивни изјави и дејства одат во насока на негирање на македонската држава, односно на македонскиот народ бидејќи народот создава држава, а државата нација. Тие нам, како малцинство, не ни дозволија да го изодиме патот на националното заокружување во смисла на македонска нација. Секој што би се занимавал со внатрешната, па и надворешната политика, треба да биде многу внимателен бидејќи тоа самото по себе асоцира дека како што пропадна таа сојузна држава, мислам на Југославија, треба да пропадне и оваа Македонија и да се поместат границите дали на запад, дали на исток, зависно од историските услови – заклучува професорката Котлар-Трајкова.