Повеќе елементи, директно или индиректно, придонесоа и влијаеја за фијаското на владејачката СДСМ и нејзиниот лидер на последните локални избори. Некои од нив се резултат на сопствени грешки и лоши потези на самиот Заев и владините политики, за дел причина се балканските престројувања и улогата на меѓународната заедница, а голем дел лежи и во инертноста кон решавањето домашни прашања и проблеми, како недостигот од реформи во областа на економијата, правосудството, целосното потфрлање во борбата против корупцијата, како и влијанието на клиентелизмот и политичкото подземје итн.
Паднаа Ципрас и Бојко, каква ќе биде политичката судбина на Заев
Катастрофалниот пораз што го доживеа Зоран Заев на локалните избори уште отсега може да се сумира како финале на неговиот политички пад, кој почна доста порано. Меѓу многуте спомнувани фактори што придонесоа за неговиот личен и партиски потоп може да се издвојат и неколку други поспецифични моменти, кои малку или воопшто не беа третирани на вистински начин од медиумите, аналитичарите, дури ни од опозициските перјаници.
Според моето убедување, два настана може да се оценуваат како клучни жешки точки по кои почна да се лади орбитата околу Заев и кога поголемиот дел од јавноста почна да му го врти грбот. Истото тоа му се случи и со позициите во Социјалдемократскиот сојуз. Ќе се обидам да ги образложам, со додавка дека, освен на нив, ќе се задржам и на влијанието на неколку други силни странични елементи што придонесоа потопот да биде со поголеми последици, дури уништувачки. Секако дека ќе се осврнам и на меѓународниот фактор.
Интервјуто за БГНЕС – почеток на крајот
Политиката е гранка разлисната со парадокси, еден од нив е парадоксот на Заев. Токму по големата политичка победа со постигнувањето на договорот со Грција, по еуфоријата со приемот на Северна Македонија во НАТО и по меѓународните признанија што ги доби по тој повод, почна да слабее сончевата светлина што го грееше македонскиот претседател на Владата. По искачувањето на врвот, по окитувањето со домашни и меѓународни лаври, почна слободниот пад. Најмногу по автозаслуга, не исклучувајќи и туѓи влијанија.
Од каде почна и како продолжи приземјувањето на Зоран Заев? Иако не дозволува да се идентификува со Александар Македонски, првото копје, јавно, без никој да го тера, си го заби самиот точно пред нецела година, односно на 25 ноември 2020 година. Тој силен бодеж се виде во интервјуто за телевизијата на бугарската независна информативна агенција БГНЕС. Сите се сеќаваат дека Заев, не се знае под какво и под чие дејство, изигруваше поголем Бугарин од Бугарите. Мнозинството македонски чесни и лојални граѓани него го видоа во дотогаш непозната национална облека, изненадени како може еден македонски премиер да ги брани интересите на туѓа, а да ги негира, напаѓа и омаловажува на сопствената држава. Без да се наведуваат неговите ставови, кои ѝ се познати на јавноста, слободно може да се каже дека тоа интервју, тој негов неконтролиран бугаромански занес ја предизвика домашната национална бура, која не стивнува ни до ден-денес. Неговите ставови ѝ ја дадоа моторната сила на бугарската политика за поинакво гледање на Договорот за пријателство на голема македонска штета. Од своја страна, неговите изјави беа и борбен повик до Македонците, кој гласеше „народе македонски, со какви идеи си ти, доста беше, разбуди се, свести се, не спиј ти, срам голем е за тебе сам да не се знаеш“.
Заев, Бранко и Радмила
Вториот битен фактор е поврзан со првиот, односно со интервјуто и со повикот за будење. Тој негов антиисториски и антинационален излив, млаз по млаз, почна да ја урива и неговата водечка партиска позиција. Таа фаза беше првата гранична линија што покажа дека во СДСМ, под водство на Заев, за првпат се појавуваат пукнатини што може да го потопат бродот, иако гласините за внатрешните несогласувања по тоа прашање беа смирувани, криени и крајно потценувани. Знаците што укажуваа на можниот распад, Заев очигледно не ги препозна, одмавна со раката како ништо да не било. Прво беше ненадејната појава на Бранко Црвенковски, со изјавата дека поради изразените ставови на Заев го замрзнува своето членство. Црвенковски и така беше во хибернација, но токму кога изјави дека влегува во втора, поостра, тој всушност се одмрзна и се вклучи во акциите да се спречи националниот масакр што го подготвува Заев. Одмрзнат зад кулисите, по толку поминати години, одново му се јави јанѕата зошто го аболицира и го спаси од долги години робија и зошто Заев, наместо да му изразува благодарност, цело време му враќа со некаков вид омраза и одмазда.
Вториот внатрепартиски црн облак се надвисна нешто подоцна. Радмила Шеќеринска поднесе оставка од сите функции во партијата во која беше од дете и во која долги години беше потпретседател поголем од претседателот. Не го напушти Министерството за одбрана, со што на Заев му зададе два удара одеднаш. Со првиот внесе нова персонална делба во партијата, со вториот неосетно му ја зеде славата, а со тоа и сите ингеренции околу НАТО. Таа стана првиот, Заев вториот или третиот НАТО-адут. Наводното замрзнување на Црвенковски и вистинското растопување на Шеќеринска, чија долга рака сѐ уште виси на Бихаќска, беа првите знаци на сегашното цунами. Во меѓувреме, преку прогласувањето за неприкосновен партиски цар, обидувајќи се да ја зацврсти партијата и да се заштити себеси, Заев го направи катастрофалниот акт: се избра самиот себе, како единствен кандидат. Она што во секоја демократска држава и партија, она што секој западен политичар, аналитичар и разузнавач би го оценил како врв на диктатура во СДСМ беше огласено како врв на демократијата. Таквиот потег пријателите го простуваат, но не го забораваат.
Одмаздата на шарените
Сега нешто за другите домашни фактори. Ако некој се разочара во Заев, тоа се голем дел негови следбеници од деновите на бомбите и од маршевите на Шарената револуција. Тие се истите оние граѓани што го донесоа на власт, а сега не излегоа да гласаат. Најголем дел од шарените се оние што го бојкотираа и го нокаутираа СДСМ на овие локални избори. Ова тврдење секако дека не ја намалува убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ, но конечниот резултат во голем дел е плод на тие овенати гранки на надежта дека навистина ќе има сериозни промени во државата. Заев веќе не им се појавуваше во форма на месија, туку во облик на лик од романи во кои главната личност е најнегативната личност. На тие граѓани негови доминантни гласачи на собраниските избори во 2017 и во 2020 година не им ја повреди суетата, туку им ја урна вербата во правда, во вистина, во лојалност, во љубов кон сопствената земја и народ. Им ја погоди душата, местото кај што најмногу боли.
Реката што носеше разочарувања имаше незапирлив тек. Разочарувања за кадровски и советнички листи, од лажни ветувања и измами. Не запре корупцијата во највисоките државни и партиски врвови. Во вителот со државни пари беа главните ајкули во здравството, енергетиката, гасоводот преку Водно, во економијата. Македонија стана држава во која нема ден без корупција во која се замешани и оние што треба да се борат против неа. Во тој коруптивен корпус, Заев за свои советници вклучи дел бивши дискредитирани политичари и професори познати по скандали, по нивната превртливост и материјална лакомост, уште попознати како антимакедонисти, анацонални типови, типови што го мразат својот народ и не поднесуваат ниту една национална институција. Во тие ровови држеше и една булумента исти такви новинари и аналитичари, телевизиски водители, утрински брифери, наводни независни портали, цивилни коментатори, сите од ред антимакедонски настроени.
Ципрас, Борисов и Заев во балканските престројувања
Во политичка колонија каква што е Северна Македонија да се тврди дека странците не играат или не треба да играат каква било улога е политичко незнаење или чиста глупост. Големите странци играат на големо, не го кријат тоа, особено Американците (сами или преку ЕУ, ОБСЕ и други инструменти), без чие писмено одобрение не смеат да излезат на улица повеќе од два полициски или воени џипа. Што е во овој момент најинтересно во нивната никогаш не докрај јасна игра. Новото е што на овие избори падна и митот дека Американците и „западњаците“ го поддржуваат Зоран Заев. Таквата поддршка изостана пред почетокот на изборите, како и меѓу двата круга, зашто и ним им стануваше јасно дека Заев веќе не е најсигурната карта на која треба да се игра. Алармот за поразот на Заев светлеше на нивните објективни анкети сосема различни од оние на СДСМ, кои навестуваа, дури гарантираа победа. Токму поради тоа очајнички звучат Заевите прекори и дел новинарски оправдувања дека овие избори ги добил Виктор Орбан, претседателот на Унгарија. Да не беше таговна, ќе беше пародична баладата дека Орбан на теренот на Македонија бил посилен од ЕУ, САД и НАТО, сите на купче.
За падот на Заев има и една друга интересна логика, исто така поврзана со надворешниот фактор и со преструктурирањето на Балканот. Како што е познато, за две години на Балканот се случија две крупни политичко-партиски промени. На парламентарни избори своите високи функции ги изгубија двајца премиери на соседни држави. Во Грција падна од власт Алексис Ципрас, во Бугарија Бојко Борисов. Борисов е потписник на Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Бугарија и Македонија во 2017 година, а Ципрас е главниот носител на Спогодбата за името со Грција. Од братската тројка Заев – Борисов – Ципрас, остана само Заев. Секоја политичка и дипломатска логика вели дека штом падне едниот столб, не може да се додржат другите два. Плус, многу добро се знае дека државите со силни разузнавачки служби не оставаат долго на власт личности што учествувале или биле сведоци при потпишување чувствителни, несоодветни или лоши договори. Според таа практика, нормално беше да се очекува дека по Ципрас и Бојко, на ред ќе дојде и Заев. Ја знаат Македонците поговорката дека мечката што игра во туѓиот двор треба да ја чекаш и во својот.
Корупцијата тежок товар за државата
Друга логика кажува дека меѓународниот фактор е незадоволен што македонскиот премиер не ја завршил работата докрај, не ги исполнил верувањата и задачите онака како што на тие држави или служби им ветил дека ќе ги заврши. Успешно со Грција и НАТО, неуспешно со Бугарија, неможност тој договор да се реализира поради жестокиот отпор на македонската јавност. Отпор што Заев при склучувањето не го предвидел, не го очекувал, а уште помалку ги предвидел постапките на Бугарија. Во тој контекст, држи и тезата дека во некоја смисла Заев сам го посакувал поразот, но не до овој степен сигурно, разочаран од ветувањата и измамите што му ги правеле странците, а тој како такви им ги пренесувал на Македонците.
Во врска со меѓународниот фактор, да не ја заборавиме гореспомнатата корупција. Од добро информирани извори може да се дознае дека фиоките на премиерската маса на Илинденска се полни со дописки, претставки и документи доставени од странски амбасади и од разузнавачки служби за високата корупција во македонската администрација и во владејачките партии, пред сѐ во СДСМ и во ДУИ. Има таму списоци на фирми, на политичари, на бизнисмени што ги прекршуваат законите и работат коруптивно, предмети и договори во кои најбезобразно царуваат мито и проценти. На корупцијата укажуваат и извештаите на Стејт департментот и на Европската Унија. Заев и Владата на тие укажувања гледаат со потценување, не ги сфаќаат сериозно.
Странците не реагираат јавно,освен во исклучителни случаи, но очекуваа Заев да ги расчистува таквите ситуации и да ги елиминира луѓето што го прават тоа. Тој, наводно, таков зафат не умее или не може да направи, бидејки би биле загрозени интересите на негови блиски соработници, би се побунила мафијата, особено наркомафијата, и на незгоден начин би реагирале други актери поврзани со политичкото подземје. Од тие причини, државата се врти во круг, не ги спроведува реформите и станува сѐ пооддалечена од членството во Европската Унија. Тие и дел од горенаведените факти се дел од скалите по кои Заев се симнува од власта.