Дали новите владини мерки за справување со пандемијата отворија фронт за судир на јавниот интерес наспроти индивидуалните човекови права? Дилемата што сега се наметнува е дали со ваквата одлука државата на некои од граѓаните им ги ограничува основните човекови права? Чии аргументи ќе надвладеат, на колективот или на поединецот? Каков став има судот во Стразбур?
Ковид-мерките отворија сериозни (теоретски) предизвици и за правниците
Бурни реакции во јавноста предизвика последната владина одлука, со која од 16 август на граѓаните што не се вакцинирани им се ограничуваат некои од активностите. Ваквата одлука, освен што се реферира од медицинска гледна точка, има импакт и од правен аспект.
Дилемата што сега се наметнува е дали со ваквата одлука државата на некои од граѓаните им ги ограничува основните човекови права.
– Има многу различни мислења, но секогаш зависи од кој агол се набљудуваат работите. Лично мислам дека за сè е потребно да се има мера, така што кога е во прашање јавниот интерес, а здравјето е јавен интерес, тука, од една страна, приватноста може да му го отстапи местото на јавното, а од друга страна, кога го гледате индивидуалното човеково право, неговата слобода, исто така и тоа во одредени случаи може да преовладее во однос на јавното – вели поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски.
Тој потсети и на одлуката во врска со ваквите права на Судот за човекови права од Стразбур.
– Судот во Стразбур на определен начин веќе има една ориентација дека јавното добро или јавниот интерес е честопати поважен од приватниот интерес. Ова е еден вид арбитрирање – појаснува Ивановски.
Сличен став има и социологот Илија Ацевски, кој смета дека тешко може да се утврди чии права се ускратуваат.
– Ако јас поверувам дека постои некаков заговор, како поединец во ова ново време на глобализација ја покажувам мојата сила со тоа што нема да се вакцинирам. Но кога ќе се вратиме во реалниот живот, дека сепак вакцината значи превенција, се наметнува клучното прашање дали јас како поединец го чувам моето право да не се вакцинирам, но затоа сега постапуваат институциите, кои велат дека ти можеш да го имаш тоа право, но нема да имаш пристап до кафеана, свадба или слично. Јас си го задржувам моето право да не се вакцинирам, но и државата го задржува своето право ако ти не се вакцинираш, тогаш таа иста држава може да те лиши од одредени работи. Затоа сега целава работа дејствува некако изместено, бидејќи двете страни истовремено се и задоволени и обесправени – вели социологот Илија Ацевски.
Според него, тешко може да се утврди чии права се ускратени, односно дали поединецот има право да одлучува дали ќе се вакцинира или не, но и дали државата треба да ги употреби механизмите со кои располага да го зачува колективното здравје.
– Најавите за рестрикции за невакцинираните на некој начин се прекршување на човековите права, иако лично мислам дека нема да има некаква присила за вакцинирање, но редукција на дел од нивните активности, секако, ќе има – појаснува Ацевски.