Во деновите за заедничко водење на самитот на Берлинскиот процес, шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева ја повтори својата категоричност дека Скопје не треба да се потпира на тоа дека некој ќе ја притисне Софија да замижи на неспроведувањето на Договорот за пријателство и добрососедство
Седми самит на Берлинскиот процес
Оценет како успешен, поради потпишувањето на т.н. „зелен договор“ и Договорот за заеднички пазар од лидерите на шесте земји-кандидатки за ЕУ, седмиот самит на Берлинскиот процес, кој вчера се одржа во Софија, Бугарија, во копретседателство со Македонија, сепак овој нов европски исчекор на Западен Балкан како ја има сенката на балканските уцени. Дисонантниот тон на овој самит на Берлинскиот процес не се должи само на неговата претежно онлајн изведба поради предизвиците од пандемијата на ковид-19, иако македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев се потруди со физичко присуство во Софија да го потврди своето копретседателство.
Сепак, главниот предизвик на овој самит на лидерите од Западен Балкан беше обидот за надминување на комплексните контроверзни билатерални односи меѓу копретседавачите Македонија и Бугарија. Комплексноста на амбиентот на самитот произлезе од непоколебливата закана за вето на Бугарија за одржување на првата меѓувладина конференција на Македонија за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Доколку не се одложеше состанокот на министерскиот совет за општо прашања во Брисел, ЕУ ќе беше доведена во уште понепријатна ситуација, во истиот ден кога заедно копретседаваат со еден европски процес, една земја-членка и земја-кандидат, истата членка да го блокира европскиот пат на кандидатската.
Секако тоа би било „непријатно совпаѓање“, но сепак министерскиот совет е одложен за 17 ноември (поради мерки за изолација на некои европски министри), па на тој период од една седмица се гледаше како дополнителна надеж со посредство на германската дипломатија да се најде некакво решение Бугарија сепак да не го вложи ветото за Македонија и да ја прифати подготвената преговарачка рамка за ЕУ, без нејзините идентитетско-историски услови, претставени како спроведување на договорот за добрососедство. Но се чини дека секој обид за дипломатски договор сѐ повеќе ја радикализира позицијата на Бугарија.
Во деновите за заедничко водење на самитот, шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева ја повтори својата категоричност дека Скопје не треба да се потпира на тоа дека некој ќе ја притисне Софија да замижи на неспроведувањето на Договорот за пријателство и добрососедство.
– Бугарија е исклучително категорична. Ние сакаме да видиме во преговарачката рамка дека договорот ќе се спроведе, дека Македонија нема никакви претензии за малцинства. Не можеме да ги воспитуваме поколенијата на омраза. Не можеме да бидеме сојузници во НАТО, а бугарските војници да се нарекуваат фашистички окупатори. Треба да се вратиме на тонот на добрососедството и спроведувањето на договорот – уште еднаш таксативно ги наведе Захариева условите на Бугарија за да не ги ефектуира заканите за вето.
Според неа, неосновани се обвинувањата на македонскиот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров дека Бугарија го крши членот 2 од договорот со блокирањето на Северна Македонија за ЕУ.
– Ги повикувам подобро да го прочитаат членот 2 од договорот, и тој се почитува од страна на Бугарија. Во него се вели дека Бугарија ќе ја поддржи Македонија на евроатлантскиот пат, споделувајќи го своето искуство, но тоа не значи дека не можеме да имаме услови. Изјавата дека само Бугарија има барања кон Македонија за исполнување на критериумите не е точна – вели Захариева. Сепак, и покрај недоразбирањата, таа го оцени како успешно заедничкото претседателство на Бугарија и Македонија со Берлинскиот процес.
Заедничкото организирање на Берлинскиот процес, освен што првпат се одржа во формат на заедничко претседателство, поради усложувањето на билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија се гледаше и како уште една можност за приближување на спротивставените позиции. Се очекуваше на маргините на процесот разговор за овие прашања и меѓу премиерите Борисов, Заев и германската канцеларка Ангела Меркел, иако претходно канцеларката разговараше телефонски, одделно со двајцата премиери. Исто така и шефовите на дипломатијата на Бугарија и Македонија имаа заеднички состанок со германските министри за надворешни работи и за Европа, во Берлин, од кој подоцна во јавноста се појави нацрт-договор, кој Бугарија сепак не го прифатила.
По неприфаќањето на текстот на преговарачката рамка за Македонија од страна на бугарскиот амбасадор во ЕУ на амбасадорскиот состанок во петокот (6 ноември) во Брисел, се чини дека и изјавата на германскиот министер за надворешни работи, Хајко Маас, кој рече дека решение на проблемот меѓу Скопје и Софија е предуслов за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, која требаше да се одржи во декември, оди во насока на охрабрување за изјавата на бугарската министерка Захариева „Скопје да не се надева дека Софија ќе попушти на притисокот“.
Освен тоа, Захариева пред почетокот на самитот најави дека ќе им предложи на двајцата премиери да биде свикана меѓувладината комисија за спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство, која не се состанала речиси година и пол, иако во меѓувреме, како што посочи, се насобрале многу прашања. Бугарската министерка за надворешни работи повторно ги повика македонските власти да го почитуваат и спроведат Договорот за добрососедство и да ги разгледаат бугарските забелешки.
– Имаме забелешки не само за историјата туку и за напредокот на инфраструктурните проекти, како што е Коридорот 8. Секој што патува ја гледа состојбата со поврзаноста меѓу двете земји. Повеќе од година и пол чекаме на програмата за соработка од областа на културата и образованието, која ја испративме, но сè уште немаме одговор од нив. Само во областа на туризмот е постигнат напредок, но тоа беше пред пандемијата на коронавирусот. Но овој напредок воопшто не е доволен – изјави Захариева.