Македонија го донесе својот закон на оваа тема во ноември 2015 година, а стапи во сила во март 2016 година. Поради прибелешки од Венецијанската комисија, во февруари 2018 година тој беше изменет и дополнет и во него беа вградени забелешките на комисијата. Сепак, според експертите, иако законот формално е во сила, најверојатно поради недоследната примена и проблематичната материја што ја обработува досега нема ефект.
Во актуелната политичка ситуација, карактеристична по прислушувани телефонски разговори или следење друг вид комуникации, актуелно е и прашањето колку во Македонија функционира и се применува Законот за укажувачи. Оваа дилема доби важност во јавностa по серијата случувања и во земјата и во светот во моменти кога сведочат поранешни разузнавачи во судски процеси настанати од прислушувани материјали добиени од укажувачи, во период кога одредени медиуми се предмет на постапка на обвинителство за објавени информации и во време во кое претседателот на САД, Доналд Трамп, се соочува со можност од импичмент токму од овие состојби.
Речиси истовремено, но само во Америка, претседателот Доналд Трамп се соочува со импичмент поради аферата насловена „Украинагејт“, иницирана од објавен телефонски разговор меѓу него и украинскиот претседател Волдомир Зеленски. Во разговорот од 25 јули, објавен од укажувач (свиркач), Трамп вршел притисок врз Зеленски да почне истрага против демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден, заканувајќи се дека ќе ја стопира американската воена помош за Украина вредна 400 милиони долари. Инаку, како што познато, „најславни“ свиркачи на новото време се Џулијан Асанж, кој ги објавуваше своите информации преку Викиликс и кому му се заканува строго судење во САД, и Едвард Сноуден, кој објави низа строго чувани тајни од американските воени архиви.
Во Македонија терминот „свиркач“, или „укажувач“, почна да се споменува откако тогашната опозициска партија СДСМ пред неколку години започна со објавувањето на таканаречените опозициски бомби, а партиите почнаа да зборуваат за носење закон во разговорите за договорот од Пржино, со кој ѝ се стави крај на политичката криза. По таа криза, Македонија го донесе својот закон на оваа тема во ноември 2015 година, а стапи во сила во март 2016 година. Поради прибелешки од Венецијанската комисија, во февруари 2018 година тој беше изменет и дополнет и во него беа вградени забелешките на комисијата. Сепак, според експертите, иако законот формално е во сила, најверојатно поради недоследната примена и проблематичната материја што ја обработува досега нема ефект.
На почетокот од минатата недела поранешниот разузнавач, а сега советник на премиерот Зоран Заев, Зоран Верушевски, на судењето на случајот „Таргет-Тврдина“, со своето сведочење предизвика возбудливи реакции што се однесуваат на судските случаи што потекнуваат од снимените материјали објавени од Социјалдемократскиот сојуз, за таканаречените „бомби на Заев“. Неколку дена подоцна се одржа и протест пред обвинителство на новинарско здружение во знак на протест за објавени информации за случајот „Рекет“. Околу овие два случаја се појавија различни толкувања и изјави.
Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски објаснува дека, според македонската легислатива, казнивите дела може да се пријават кај овластено лице за прием на пријави од укажувачи во институцијата во која работат граѓаните. Според него, истото тоа може да се стори и во неколку државни институции – Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, државната антикорупциска комисија и народниот правобранител.
– Законот предвидува можност оној што информирал од институциите да добие известување за текот и дејствата што се преземени и да биде информиран кога ќе заврши постапката. Но доколку не се случи тоа, укажувачите може информациите што ги поседуваат да ги направат јавни – вели Стефаноски.
Тој вели дека овој закон, генерално, во согласност со меѓународните стандарди им овозможува на укажувачите заштита од каков било вид реперкусии од оние што го прекршиле законот, направиле штетно дејство или криминал. Стефаноски додава дека сепак, и покрај сите случувања, од денешна перспектива, слободно може да се каже дека законот има свои слабости, бидејќи тој „на терен“ очигледно не функционира.
Според него, тоа е така бидејќи во практика не видовме резултати што ѝ се познати на јавноста, а кои би биле резултат од спроведување истраги од свиркачи, како на пример случајот во САД со аферата „Украинагејт“. Дополнително, резимира Стефаноски, впечатокот е дека имплементацијата на овој закон е слаба, како и кампањите за издигнување на свеста и на вработените во институциите и на граѓаните да се поактивни на ова поле.