Руски и американски тим научници, истражувајќи го ковид-19, откриле супстанција за лекување тежок облик на рак
Со појавата на болеста ковид-19 многу истражувачки тимови и научници се ставија во погон за што побрзо пронаоѓање лек или вакцина против коронавирусот. Напорна работа на илјадници истражувачи, поддржани од многу финансиери и држави се ставија во погон против една од најголемите закани на денешницата. Во повеќе случаи и трката на конкурентите (истражувачите од САД наспроти Русија или, пак, Кина итн.) стана трка на сојузници и мешани тимови научници заради извојување заедничка, цивилизациска победа над моментално најголемото зло над човештвото.
Во тој контекст, интересен е примерот на мешаната група научници, кои трагајќи по активно соединение за борба против коронавирусот дојдоа до исклучително значајно медицинско откритие. Имено, тим руски научници во соработка со нивни американски колеги, експериментирајќи со начини да се победи коронавирусот, откриле супстанција што потенцијално може да се користи за лекување невробластом, односно вид рак што го зафаќа нервното ткиво.
Резултатите од истражувањето на научниците од Одделот за хемија и фармакологија на Федералниот универзитет во Северен Кавказ (НКФУ) се објавени во списанието „Органска и биомолекуларна хемија“, пренесува агенцијата „Тасс“.
„Истражувачите опишаа синтеза на супстанција што ќе му помогне на човештвото во борбата против невробластомот, еден од најопасните видови рак“, се наведува во изјавата на НКФУ.
„Процесот се базира на воведување аминска група во ароматична супстанција и е многу ветувачка“, изјавил професорот Александар Аксенов.
Ова откритие, како што забележуваат научниците, има големо значење за добивање такви соединенија од достапни суровини, што наедно ќе овозможи и намалување на цената на терапијата за пациентите со карцином.
Методот користен во ова истражување се нарекува реакција на Аксенов и е откриен во 2010 година.