Фото: Игор Бансколиев

За семејствата со неколку генерации под еден покрив што живеат во станови, а станот е мал и има ограничен простор, тоа е голем проблем. Тука не станува збор само за борба за простор потребен за работа, туку е секојдневна борба за зачувување на здравјето. Тоа е еден вид „домашна воена состојба“, тврдат експертите

ВЛИЈАНИЕТО НА ПАНДЕМИЈАТА ВРЗ ГЕНЕРАЦИИТЕ И СЕМЕЈСТВАТА

Секоја генерација поинаку се справува со актуелните предизвици. За семејствата со неколку генерации под еден покрив, пандемијата донесе дополнителни тешкотии и поради спротивставените мислења, потреби и очекувања специфични за различните возрасни структури.
– Наеднаш сме ставени во ситуација во која сме принудени да се затвориме и да живееме заедно под ист покрив. Ваквата ситуација слободно може да се третира како кризна и си има свои карактеристики. Но секоја кризна ситуација дава две можности, за прогрес и регрес, за унапредување или уназадување на меѓусебните релации. Што ќе се случува отсега во новонастанатата тензија во семејството зависи од тоа што се случувало претходно, односно колку родителите биле вистински родители и вложувале во развојот и односот со своите деца, бидејќи децата се одраз на нивните родители – вели психотерапевтката Соња Вуковиќ.
Постарите генерации веројатно ќе бидат среќни во поминувањето повеќе време со своите деца или внуци, но токму во таквата ситуација може да дојде и до судир меѓу генерациите. Судирот би можел да биде изразен и преку преголемата контрола, односно контролирањето на тоа кој што прави, што би можело да предизвика отуѓеност кај некои членови во семејството. Друг проблем е и изразениот заштитнички однос, особено присутен кај мајките, бидејќи честопати ги ускратуваат деца за знаења и искуства што им се потребни во животот.

– За семејствата што живеат во станови, а станот е мал и има ограничен простор, тоа е голем проблем. Особено за повеќечлените семејства што делат мал стан. Тука не станува збор само за борба за простор потребен за работа, туку е секојдневна борба за зачувување на здравјето. Тоа е еден вид „домашна воена состојба“ – посочува социологот Илија Ацевски.
Според Ацевски, постарите се соочуваат со двоен проблем. Прво, тие ги израснале поколенијата и мислат дека знаат сѐ, а од друга страна, треба да научат и да се служат со новите технологии, за да не се изолираат. Од друга страна, како што истакна Вуковиќ, пандемијата остава трага и на децата, кои не одат на роденденски забави и си играат сами, со што се ускратени за другарувањето со своите врсници, додека родителите стравуваат за нивното здравје.
Сфаќањето дека сите генерации се заедно во пандемијата и зависат едни од други би требало да донесе повеќе трпение, разбирање и меѓусебна поддршка, а можеби токму почетокот на новата година, кој секогаш носи оптимизам, ќе помогне за зближување, поголема грижа и заедничко надминување на предизвиците во секојдневниот живот.

[email protected]