Загрижува сѐ помасовната појава некои од спасувачите на вода да си заминуваат од земјава во Малта, Германија, Дубаи, Хрватска и во други земји каде што заработуваат трипати повеќе
Одлив на високоспецијализиран и обучен кадар за спасување на вода
Сезоната за капење започна, а на базените и во отворените води веќе се присутни капачите. Мало невнимание и тие можат да се најдат во мошне опасни ситуации во вода, а уште на почетокот на сезоната во Аквапаркот во Скопје имало тројца давеници, чии животи биле спасени благодарение на интервенцијата на спасувачите на вода. Три животи ќе беа загубени ако не беше навремената интервенција од професионалните и лиценцирани спасувачи, кои произлегуваат преку обуките што ги реализира Црвениот крст. Ова само покажува и докажува колку е важна улогата на спасувачите и од друга страна го отвора прашањето дали сите концесионери на базени или плажи во земјава задолжително ангажираат спасувачи на вода. Од друга страна, пак, загрижува фактот дека некои од спасувачите на вода си заминуваат од земјава во странски земји, каде што заработуваат трипати повеќе, иако станува збор за сезонска работа. Заминуваат во Малта, Германија, Дубаи, Хрватска и во други земји.
– Постојат два центри од кои произлегуваат професионални спасувачи на вода, Центарот за безбедност на води во Скопје и Центарот за безбедност на води во Охрид и секоја година на курсевите се пријавуваат од 25 до 30 кандидати. Лиценците што ги добиваат, зборувам за Скопскиот и Кумановскиот Регион им важат три години, дали за отворени или затворени води. Доколку обуката ја реализираат со договор со Црвениот крст, се обврзуваат да бидат по потреба ангажирани, а доколку обуката ја плаќаат приватно, тогаш мораат да уплатат сума од 15 илјади денари. Во Скопје моментално има 40 активни лиценци за спасувачи на вода. Концесионерите што управуваат со базени, капалишта, плажи се должни да обезбедат спасувачи на вода.
Она што можам да го кажам, во Скопје многу малку знаат да пливаат. Минатата година беше пандемијата, па немаше капачи во Аквапаркот, но преклани имавме 91 активен давител, од кои најмалиот беше на возраст од четири години. Тоа е сериозна бројка. Децата во Аквапаркот доаѓаат со придружба и очекуваат спасувачите на вода да бидат и нивни дадилки. Во последниве пет години имавме од 950 до 1.500 интервенции на активни и пасивни давители и годишно од 28 до 35 транспорти до Клиничкиот центар. За среќа, во Скопје и во Куманово, каде што сме ние ангажирани, досега немало случаи со фатални последици. Годинава на почетокот на капачкава сезона во првите десет дена откако почна имавме тројца давеници и двајца поради повреди транспортирани до Клиничкиот центар. Ова се случува затоа што граѓаните, во случајов скопјани, не можат и не сакаат да почитуваат правила, па макар тоа да ги чини и живот – објаснува Аргиенд Чијафи, стручен соработник во Црвениот крст на Град Скопје.
И во Црвениот крст се подготвуваат за капачката сезона и ги распоредуваат професионалните спасувачи на вода.
– За отворени води имаме околу 500 спасувачи. Минатите години не сме имале концесионер што немал спасувач на вода. Досега се ангажирани 12 спасувачи на вода кај хотелот „Метропол“ и кампот „Љубаништа“, а од 1 јули, откога почнува сезоната, ќе има на плажите кај Градиште еден, Градиште два, кај кампот „Градиште“, кај „Голден“, „Инекс“, сите плажи ќе бидат обезбедени. Некои од спасувачите на вода се овде вработени, а некои се заминати во странство и со овој проблем дирекно се соочуваме. Познато ни е бидејќи сме им давале препораки за заминување во Америка, Дубаи, Грција, Шпанија, Германија, секаде каде што ќе им понудат работа и се трипати повеќе платени, иако постојано ги дополнуваме нашите ресурси.
Станува збор за благородни позиви, за кои кандидатите добиваат меѓународно признаени сертификати, но интересот кај младите сега е многу помал во однос, да речеме, на оној до 2019 година. Благодарение на спасувачите на вода имаме помалку давеници. Секоја година од 25 до 30 се извлечени, што пасивни што активни давеници, и има над 2.000 интервенции на укажување на прва помош – објасни Сашо Точков, претседателот на Црвениот крст на Охрид.
Скопските базени во Карпош и Олимпискиот секоја сезона ангажираат спасувачи на вода и благодарение на нив, капачите будно се следат.
– Имаме четворица вработени спасувачи на вода, по двајца се во смена и сите се лиценцирани преку Црвениот крст. Доколку има потреба, односно поголема посетеност, тогаш ангажираме уште некој спасувач на вода. На нашиов базен немало некој посериозен случај на давење, односно спасување давеник, освен санирање лесни повреди кај некои од посетителите. Можеби затоа што базенот има обележани патеки со ленти за пливање, па секој си плива во својата лента и можеби тоа го прави базенот побезбеден за посетителите – вели Симона Јовановска, одговорна за управување со пливачкиот базен во Карпош.
И нејзиниот колега Мартин Маневски од Олимпискиот базен во Скопје вели дека и на овој базен се ангажирани по двајца спасувачи на вода во секоја смена, а по потреба и повеќе. С.К.