Македонија многу постигна на домашен и на меѓународен план и се движи во вистинската насока во однос на интеграциите, било констатирано на вчерашната средба меѓу премиерот Оливер Спасовски и францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние.
– Владата ќе работи динамично. Посветени сме да продолжи напредокот во сите можни сегменти. Нашата определба се функционални институции, активно вклучени во реформските процеси, во интерес на сите граѓани и на интеграциските процеси на државата – порача Спасовски, притоа додавајќи дека преодната влада ќе се фокусира на обезбедување услови за фер и демократски избори, како и очекување дека ќе продолжат реформските процеси со активно темпо.
На средбата заеднички е посочено како важно функционирањето на правдата, која треба да важи еднакво за сите, но и да нема застарување на случаи.
Премиерот Спасовски ја нагласи определбата за охрабрување на Судскиот совет и на другите надлежни институции да придонесат во функционален правосуден систем. На средбата е изразена согласност и дека Законот за јавно обвинителство е од голема важност во правосудните реформи.
Двајцата соговорници, меѓу другото, разговарале и за можностите за унапредување на билатералните односи меѓу Македонија и Француската Република.