Европската Унија и официјално ја доби нотификацијата за промената на уставното име на државата, соопшти вчера службата за надворешна акција на ЕУ, ЕЕАС.
– Денеска ЕУ беше формално известена од страна на Република Северна Македонија за новото име, по стапувањето во сила на Преспанскиот договор. Топло го поздравуваме овој историски чекор, што претставува пример за помирување за регионот на Западниот Балкан и пошироко – стои во соопштението на ЕЕАС.
По пристигнувањето на формалното известување од Македонија, според најавата, министрите за надворешни работи в понеделник ќе го стават на дневен ред.
Советот за надворешни работи на ЕУ в понеделник ќе нотира дека земјата го променила своето име. Се очекува в понеделник или високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, која ќе претседава со Советот за надворешни работи, или еврокомесарот за проширување Јоханес Хан кратко да ги избрифираат министрите за стапувањето во сила на новото име, договорено од страна на властите во Скопје и во Атина.
Потоа, прашање на денови е кога целосно ќе почне да се применува употребата на Северна Македонија во официјалната комуникација на Европската Унија, објасниле дипломатски извори за МИА.