Некои од луѓето што се со подолг стаж во Град Скопје велат дека четири булевари во исто време не се граделе ниту по земјотресот во 1963 година. А тоа годинава ни се случи нам, иако е пандемиска година, вели градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, во интервјуто за „Нова Македонија“. Со интервјуто со Шилегов, нашиот весник го почнува серијалот интевјуа со градоначалниците на сите скопски општини, кои ќе бидат објавувани во следниот период
ИНТЕРВЈУ СО ГРАДСКИОТ ТАТКО, ПЕТРЕ ШИЛЕГОВ
По повод новогодишните празници, „Нова Македонија“ реализира интервју со градоначалникот на Скопје, но и со другите градоначалници во скопските општини. Градоначалниците одговараат за тоа како се функционира во услови на светска пандемија, дали се сменија или забавија плановите, кои се проектите што ќе се реализираат во наредната, 2021 година, на кои досега реализирани проекти се најмногу горди итн. Серијалот интервјуа го почнуваме со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Како ќе ја оцените изминатава година како градоначалник?
– Тешка и лоша, затоа што добивме светска пандемија. Она што можеби беше планирано од моја страна и од луѓето со кои заедно сме овде веќе полни три години, моравме да го смениме и да се приспособиме на новите вонредни услови и околности, со доза на логичен и личен и институционален страв. Да раководиш со градот Скопје, кој е најголем во државата, во кој има околу 600 илјади жители, во услови на непозната болест и обврски што секој ден ги учевме, бидејќи пандемијата беше нешто ново за цивилизацијата не само за Град Скопје, едноставно не може човек а оваа година да не ја оцени како тешка и лоша година. Меѓутоа мислам дека организациската поставеност и на администрацијата и невидливата внатрешна реорганизација на јавните претпријатија, кои се де факто услужната дејност на градот кон граѓаните, придонесоа многу брзо и лесно да се адаптираме на новите услови и да одговориме на новите обврски, а потоа и да го вратиме во нормала функционирањето на градот и да го вратиме назад она што градот треба да го прави, а тоа е да биде во еден перманентен инвестициски циклус за подобрување на условите на живеење. Од тој аспект гледано сум задоволен.
Што ќе издвоите како најголем проект на Град Скопје реализиран во 2020 година?
– Не сум човек што издвојува проекти. Навистина мислам дека треба да си ја работиме работата, затоа што граѓаните ни ја дале честа и нѐ избрале, и на тоа треба да се сведе сѐ. Сработевме фундаментални проекти токму во 2020 година. Булеварот Христијан Тодоровски-Карпош е првиот булевар што излегува на обиколница, го отворивме првиот дел од булеварот АСНОМ кај хотелот „Русија“, некои мислеа дека е невозможна мисија, но ја направивме и пластичарска, а продолжението почна неодамна и до средината на другата година, во делот кај касарната и Момин Поток, ќе бидеме готови. Го завршивме првиот дел од Босна и Херцеговина, вториот дел ќе биде напролет. Го почнавме мостот во Аеродром кон Ќерамидница, кој сѐ уште е невидлив бидејќи се работи. Направивме една сериозна офанзива на подобрување на состојбата на инфраструктурата. Мислам дека фантастично ги подобривме изгледот и квалитетот на зеленилото во нашиот град. Досега направивме повеќе од 45 километри велосипедски патеки, така што, работејќи секојдневно, човек може и да заборави што де факто се случувало на почетокот на годината, но, еве, направивме четири нови булевари. Некои од луѓето што се со подолг стаж во Град Скопје велат дека четири булевари во исто време не се граделе ниту по земјотресот во 1963 година. А тоа годинава ни се случи нам, иако е пандемиска година.
Која е вашата најголема новогодишна желба како градоначалник?
– Прво да помине ненормалното, како што го велиме, да помине пандемијата. Дефинитивно она што можеби порано беше клише, а тоа е „да ни даде Господ здравје“, како што си честитаме овој пат, навистина мислам дека треба искрено секој од нас да си го помисли. И дефинитивно најголемата новогодишна желба ми е да го победиме невидливиот непријател и сите да го имаме назад општото здравје.
Што ќе посакате за вас и за градот за наредната, 2021 година?
– Да продолжиме вака како што работевме и работиме и јас и луѓето околу мене изминатите три години. Многу работи за кои јас разговарав со граѓаните во текот на кампањата во 2017 година нам и ни се случија и ги гледаме на самото место, но дневно се менуваат, па ние не правиме сензационализам, а ниту јас не функционирам така во политиката. На пример, за трамвај во Скопје се зборувало 40 -50 години, а јас во овие три години проектот го истерав до негово решавање и финансирање и ние во текот на првата половина на наредната година ќе ја имаме јавната набавка и ќе почнеме со имплементација на она што со децении и генерации на скопјани само го зборувале или замислувале како начин на решавање. Така што од тој аспект гледано, задоволен сум и сакам градот да продолжи во тој правец, затоа што мислам дека некои точки и поенти што се стратегиски за развој на еден град биле сериозно запоставувани во изминативе децении, а сега полека ги враќаме на прав колосек. Тоа е дефинитивно многу потежок начин, меѓутоа е единствениот исправен начин на функционирање на градоначалник, независно дали сум јас или кој било друг, и на функционирање на град. Во јануари, бидејќи мислам дека полека се надминува правниот проблем со „Градски енергетски системи“, ќе презентирам мапа на 730 згради за колективно живеење за кои постојат технички услови, а сепак не се поврзани на парно греење. Тоа ќе ми биде примарна цел. И двете се многу поврзани со здравата животна средина и со квалитетот на амбиенталниот воздух во нашиот град. И третиот сегмент што можеби малку нестрпливо го почнавме, затоа што јас често зборувам за комунална полиција, меѓутоа за тоа ни се потребни законски решенија, сепак успеавме со колегите градоначалници од скопските општини да потпишеме меморандум и да почне таа идеја да функционира. Од први јануари наредната година, 115 комунални редари и инспектори за животна средина ќе бидат под капата на Град Скопје и ќе може многу од оние појави што ни се случувале многу често едноставно да ги превенираме или сериозно да ги санкционираме. Така што тие се трите сегменти што ќе ни донесат здрава животна средина и поголем квалитет на воздухот и за кои не постои поинаков начин освен вака темелно да се решат.
Што ќе им посакате на граѓаните на градот Скопје за наредната година?
– Многу здравје и многу љубов. Мислам дека времињата во кои живееме се контроверзни, и од еден аспект можеби станавме помалку човечни, но од друга страна станавме многу почовечни и токму оттука и ја влечам контроверзијата. Да ги сакаме своите блиски, да ги сакаме своите најмили, да ги сакаме или барем почитуваме луѓето што не ги познаваме. Емоцијата е карактеристиката што нѐ двои од другиот животински свет и мислам дека таа емоција не треба да ја потиснуваме. Напротив, треба да си ја даваме едни на други, да им помагаме на луѓето што ги познаваме и што не ги познаваме, затоа што секој од нас во својот живот одвреме-навреме доаѓа во ситуација кога му е потребна помош.
Мојата најголема желба е конечно сите скопјани да почнат да го чувствуваат Скопје како свој голем дом или голема дома, како што велам јас, и онака како што се однесуваме внатре во своите четири ѕидови така да се однесуваме и кога сме надвор, бидејќи нашата голема куќа се вика Скопје. Најубавиот град на светот, единственото место што е наше, наш град, и мислам дека Скопје, колку и да звучи апстрактно, е работа што треба кај секого од нас да раѓа чувство на локалпатриотизам.