Со економските политики од минус 1,8 проценти од БДП, денес имаме раст од 3,6 отсто, растат платите, а невработеноста опаѓа, велат од СДСМ преку соопштение.
Според владејачката партија, 2019 година се покажа како исклучително позитивна година и на полето на економијата во нашата држава. За тоа потврдуваат бројните успеси кои се постигнаа преку реализација на мерките и реформите од програмата на СДСМ.
– Од економија која што во последниот квартал од владеењето на ВМРO-ДМПНЕ бележеше негативен раст од -1.8%, стигнавме до раст од 3.6% во третиот квартал на 2019 година. Силниот придонес на приватната потрошувачка врз економскиот раст продолжи во првото полугодие од 2019 година, поттикнат од растот на платите – велат од СДСМ.
Оттука додаваат дека растат платите во сите сектори.
– Во 2019 година повисоки плати добија вработените во здравството, образованието, детските градинки, социјалната служба, одбраната, полицијата, судството и јавната администрација. Од декември минималната плата ја зголемивме на 14.500 денари. Тоа е за 5.500 денари повеќе во однос на 2017 година кога минималната плата изнесуваше само 9.000 денари. Невработеноста во 2019 година е намалена на рекордно ниски 17,1 отсто. Само во третриот квартал од 2019 година отворени се нови 5.263 работни места и во моментов има речеиси 800.000 вработени – наведува СДСМ.