Оставка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара иницијативниот одбор за свикување вонреден партиски конгрес и одржување вонреден конгрес за избор на нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова барање вчера пред партиското седиште го соопшти поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ Весна Дамчевска-Илиевска.
– ВМРО -ДПМНЕ со Мицкоски како претседател и кандидат за премиер на овие избори излезе со програма и кандидати за пратеници што не успеаја да обезбедат поддршка од граѓаните.
Кадрите на Мицкоски и во техничката влада не успеаја да се наметнат како лица што на граѓаните ќе им покажат нов и различен начин на водење на институциите и ќе одговорат на предизвиците со кои беа соочени. Вината може да се префрла, но вистината е една. Вистината е дека е најодговорен тој што го состави тимот, а тоа е Христијан Мицкоски – рече Дамчевска-Илиевска.
Според неа, партијата има доволно кадри и потенцијал што може да понуди алтернатива и да го запре економскиот пустош што три години ја коси Македонија.