Во меѓусебните обвинувања меѓу политичките и државните лидери во Албанија во врска со „опашките на ОВК“, почнаа да излегуваат на површина и елементи што за хашкото обвинителство ќе бидат предизвик заради дополнување и проширување на обвиненијата, особено за инволвираноста на албанските лидери од Албанија и од Македонија
Сеништата на минатото ги стигнуваат албанските лидери од регионот
По обвинувањата и експресните лишувања од слобода од страна на хашкиот трибунал за водечките косовски политичари и функционери, побрзаа да се јават нивните „контрапунктови“ од опкружувањето од соседните држави, Албанија и Македонија, во одбрана на своите колеги. Додека во нашата земја таа улога ја презеде првиот заменик-премиер со една, за почеток „мека и дипломатски составена изјава“ во јавноста, во соседна Албанија, бранејќи ги обвинетите воени злосторници, високи партиски и државни функционери жестоко меѓусебно вербално се пресметуваа, нарекувајќи се „предавници“ и непријатели на „албанската кауза“. Во тие обвинувања почнаа да излегуваат на површина и елементи што за хашкото обвинителство ќе бидат предизвик заради дополнување и проширување на обвиненијата, особено за инволвираноста на албанските лидери од Албанија и Македонија.
Рафали на обвинувања се упатени и до албанскиот премиер, Еди Рама. Некои од нив се и дека тој „не ги брани доволно косовските политички лидери што се соочуваат со правдата во Хаг за воени злосторства“.
Тој, пак, преку порака на Твитер директно им се обрати на поранешниот претседател и премиер и на поранешниот лидер на опозициската Демократска партија Сали Бериша и претседателот Илир Мета, прашувајќи ги зошто го изгласале извештајот на Дик Марти во Советот на Европа.
– Сали, зошто гласаше за извештајот на Дик Марти во Советот на Европа, кога ние гласавме против или сакаше да го заштитиш Косово од Хашим? Но, ти, Илир, зошто гласаше за извештајот на Дик Марти или не те праша Хаџинасто? Љуљзим, имаш нешто да кажеш или не е дозволена истражна тајна? – напиша Рама.
На обвинувањата на Рама во врска со извештајот на Дик Марти, остро реагираа од кабинетот на претседателот Мета. Имено, претседателскиот портпарол, Теди Блуши, нарекувајќи го Рама „предавник и најжестокиот непријател на албанската нација“, го повика да се соочи со претседателот Мета пред целата албанска нација и да го добие одговорот лице в лице.
– Едвин Кристак предавник, најжестокиот непријател на албанската нација, валкана кукла на најантиалбанските кругови на планетата, највалканиот навредувач на војната на ОВК и крвта на хероите, најжестокиот поттикнувач на омраза кон Косово преку алатките на УДБ во Приштина и Тирана, кукавицата што ја преминува Морина со панцир и блиндиран автомобил од страв од национална казна, денес постави јавно прашање. Го повикуваме да се соочи со претседателот Мета пред целата албанска нација и да го добие одговорот лице в лице – возврати Блуши.
Тој додава дека Рама не заслужува да му се одговори и го прашува кој му наредил да ја повлече тужбата против Харадинај, што до судот во Приштина ја поднесе за навреда.
– Го избегна судењето што ти го посакуваше во Приштина, но никогаш нема да избегаш од правдата на албанската нација. Не спомнувај го претседателот Илир Мета за прашањето на Косово и националното прашање, затоа што нема да имаш време ниту да се покаеш, валкан Асад. Нема да има Ким Филби за да те спаси – му порачува Блуши на „националниот предавник Рама“.
Пикантерии и детали за инволвираноста и во врска со сторени воени злосторства од страна на ОВК односно албанските тогашни воени лидери, а сега политичари, сѐ повеќе испливуваат на површина. Сега е само прашање колкав капацитет (сила, независност, принципи, мотив за правдина, а не за политикантство) ќе има судот во Хаг да ги процесира обвиненијата за лицата што до вчера ѝ беа миленици на меѓународната заедница?