Додека вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров повика да не се креваат очекувањата за можен почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, првиот вицепремиер Артан Груби е речиси убеден дека земјава ќе го добие посакуваниот датум до крајот на годинава, врз основа на некаков наводен нов француски предлог. Премиерот Заев на своите коалициски партнери им најавил дека решението е на повидок и дека документот Пет плус еден е гаранција за тоа. Ако на тоа се придодадат и изјавите на шефот на дипломатијата Бујар Османи дека ако не во декември, тогаш во првата половина на следната година би можел да се реши спорот со Бугарија, а сето тоа зачинето со мистичната мисија на специјалниот пратеник Владо Бучковски, тогаш единствена јасна работа во целото ова разногласие е дека македонската надворешна политика не ги сервисира своите граѓани со педантна и вистинска информација, која ја должи, а воедно и дека создава впечаток на некоординираност на институциите и по вертикала и по хоризонтала, што создава збунувачка институционална какофонија…
Разногласија за можните содржински решенија и временски рамки во спорот со Бугарија
Дисонантните тонови што изминатиов период доаѓаат од високи претставници на власта за очекувањата од претстојниот европски совет следната недела, дополнително внесоа збунетост кај македонската јавност, која веќе не знае дали земјава воопшто има „кормилар“ во надворешната политика.
Додека вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров повика да не се креваат очекувањата за можен почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, првиот вицепремиер Артан Груби е речиси убеден дека земјава ќе го добие посакуваниот датум до крајот на годинава, врз основа на некаква француска иницијатива. Премиерот Заев на своите коалициски партнери им најавил дека решението е на повидок и дека документот Пет плус еден е гаранција за тоа. Ако на тоа се придодадат и изјавите на шефот на дипломатијата Бујар Османи дека ако не во декември, тогаш во првата половина на следната година би можел да се реши спорот со Бугарија, а сето тоа зачинето со мистичната мисија на специјалниот пратеник Владо Бучковски, тогаш единствена јасна работа во целото ова разногласие е дека македонската надворешна политика не ги сервисира своите граѓани со педантна и вистинска информација, која ја должи, а наедно и дека создава впечаток на некоординираност на институциите и по вертикала и по хоризонтала, што создава збунувачка институционална какофонија…
Стоп за стихијноста и некоординираноста
Токму ваквото разногласие е доволен аларм да се посочи на еден многу посериозен проблем во надворешната политика, а тоа е дека во време кога се решаваат клучни прашања, можеби врзани и за опстанокот на државата, нема единство, туку се настапува стихијно и без никаква координација. Тука во вода паѓаат и сите претходно утврдени позиции и резолуции, бидејќи кога се настапува „соло“, конфузијата е многу поголема, а тоа многу повеќе ѝ оди во прилог на бугарската страна.
Во времето кога се преговараше со Грција, земјава имаше еден специјален претставник што ги застапуваше владините ставови, но во спорот со Бугарија тоа не е случај. Сега сите се наоѓаат повикани да предвидуваат кога и како може да се реши проблемот со источниот сосед, секој нудејќи решенија како може да се направи тоа. Повеќе од јасно е дека во време кога државата треба да се бори за своите национални интереси, македонското МНР веќе како да ја губи својата вистинска функција во надворешната политика.
Практика на секоја сериозна дипломатија е да има еден човек што ја води надворешната политика и се придржува до однапред утврдени државни позиции и стратегиски интереси, без отстапки, не дозволувајќи му никому да се меша во неговата работа.
Познавачите на дипломатските состојби сметаат дека ваквата дисонанца во надворешната политика е без преседан.
– Ваквото однесување е надвор од секоја здрава памет. Во моментов изјави за надворешни работи даваат Стево Пендаровски, Зоран Заев, Артан Груби, Никола Димитров, Бујар Османи, Владо Бучковски, дури и заменик-министерот за локална самоуправа коментира надворешна политика. Па, колку министри за надворешни работи има земјава – прашува поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски.
Непостоење на државна стратегија во однос на Бугарија?
Според поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски, сето ова ја доведува под знак прашалник усогласеноста во надворешната политика и дали воопшто постои државна стратегија во однос на Бугарија…
– Еве, да се ставиме во ситуација на македонски дипломат. Ставот на министерот, ставот на премиерот, ставот на претседателот, ставот на вицепремиерот се различни. Дипломатот не мора да има формална насока од државата за да ја пренесува. Изјава на носител на врвна функција е таа што го обврзува. Кого да слуша сега тој? Утре ќе го прашаат во некоја неформална средба. Што ќе каже – прашува Боцевски.
Тој смета дека целата работа со Бугарија веќе е завршена и дека сега се бара начин како тоа да им се соопшти на македонските граѓани.
– Работата е завршена и прашање е како да ни го соопштат тоа, како и дали Бугарија се согласува со тоа. Заев покажа дека прифаќа сè што Бугарите бараат и државата се движи кон целосно исчезнување. Со Преспанскиот договор ни ги скршија нозете, сега останува уште да нè убијат – појаснува сликовито поранешниот вицепремиер Боцевски.
Првиот македонски амбасадор во Грција и дипломат од кариера Љупчо Арсовски смета дека разногласието е производ на „непостоење на државна стратегија во однос на Бугарија“!
– Во отсуство на цврста стратегија поврзана со Бугарија, ни се случува ова разногласие во надворешната политика. Тоа не е воопшто добро и е непримерно однесување на една земја кон толку суптилни прашања. Кога еден „Франкуртер алгемајне цајтунг“ пишува дека Македонија ќе ја фалсификува сопствената историја, која е позната, јасна и чиста, ако ги прифати бугарските барања, тогаш што повеќе да кажеме. Тие нè бранат, а ние одиме против себе. Колку помалку зборување, толку подобро – заклучува Арсовски.