Во пресрет на официјалниот почеток на изборната кампања
Неполни три дена остануваат до официјалниот почеток на изборната кампања за предвремените парламентарни избори закажани за 15 јули, но ако се суди според вчерашниот инцидент со фрлената експлозивна направа во дуќан на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски, тогаш според досега виденото, Македонија би можела да очекува црна изборна кампања, што истовремено не ѝ прилега на земја што веќе е членка на НАТО и која се надева дека наскоро ќе ги започне преговорите за членство со ЕУ. Имено, викендов лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски ја обвини власта за неодамнешниот немил инцидент со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мисајловски, тврдејќи дека таа го прави тоа бидејќи се плаши од пораз на изборите.
– Овде не се работи за „случаен“ пожар каков што му се случи на Владо Мисајловски пред неколку години, туку за јасна намера. Да не заобиколувам или да се трудам да бидам дипломатски коректен, одговорноста за ова е на власта на СДСМ. Таму треба да се бараат нарачателите и инспираторите на сето ова. И ова е израз на целосна немоќ, страв од пораз и тотална забеганост – напиша Мицкоски на Фејсбук. Меѓупартиската пресметката деновиве зеде замав откако по долги натегања беше избран 15 јули за ден кога ќе се одмерат силите на политичката сцена, така што никој не чекаше почеток на кампањата за да почне да ги изнесува „валканите алишта“ на својот политички опонент.
Во меѓувреме се случи и пресудата за случајот „Рекет“, во која првообвинетиот Бојан Јовановски, попознат како Боки 13, беше осуден на девет години затвор, додека специјалната јавна обвинителка Катица Јанева заработи седумгодишна затворска казна. Овој момент опозицијата повторно го искористи со сите сили да ја нападне владејачката СДСМ обвинувајќи ја дека го партизирала судството и дека осудувајќи ги само Јовановски и Јанева, всушност само сакала да ги затскрие, како што велат, вистинските организатори на „Рекет“.
Од владејачката СДСМ на ова порачаа дека првпат во земјава се води вистинска борба против криминалот и корупцијата.
– И покрај сите опструкции и блокади, не успеаја обидите на Христијан Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ да го заштитат криминалот, правниот систем функционира, одговорност ќе има. Потврда за тоа добивме и од Стејт департментот на САД, од каде што оценија дека во Северна Македонија нема толеранција за корупцијата, а злоупотребата на јавна функција за лична корист ќе биде соодветно казнета – истакнаа од СДСМ. Двете најголеми партии копјата особено ги кршат и за ситуацијата со коронавирусот во земјава. Власта тврди дека зад ескалацијата на заразата стои неодговорноста на опозицијата, додека од ВМРО-ДПМНЕ ги критикуваат погрешната стратегија и неспособноста на актуелниот министер за здравство Венко Филипче и лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Партиите дополнително деновиве меѓусебно се обвинуваат и за владиниот проект за платежна картичка за граѓаните. Власта тврди дека на тој начин им помага на граѓаните полесно да се справат со кризата предизвикана од коронавирусот, додека опозицијата обвинува дека СДСМ прави поткуп на граѓаните во пресрет на изборите.