Сѐ појасно се покажува дека на институционален „напад“ пред ЕУ од бугарската страна е неопходен институционален одговор и од Македонија, со веродостоен легитимитет што би го имал некој документ изгласан во Собранието. Ако досега немавме дефинирано институционална национална позиција, по сите искуства со ветата, се покажува дека неопходно ни е потребен широк политички консензус за најважните национални и идентитетски прашања
Македонија влезе уште во еден период на епилог по вето на темата – почнување преговори за членство во ЕУ. Прецизните политички статистичари велат дека ова вето, кое го носи атрибутот „бугарско“, е четврто по ред во периодот откако наводно беше отстранета децениската грчка пречка за интеграциите на Македонија во ЕУ, со потпишување на Преспанскиот договор. Политички симптоматично е што во сите овие вето-ситуации во кои запаѓа Македонија е асиметричноста на позицијата од која настапува во однос на оние што ѝ го опструираат европскиот пат. За разлика од Македонија, сега Бугарија, а претходно и Грција имаа постигнато институционален национален консензус во своите парламенти, на кои ги поставуваа своите позиции во билатералните односи, но од кои не отстапуваа ни пред европските институции. Дури и сега, еден ден по ефектуирањето на ветото за преговарачката рамка за Македонија на самиот на ЕУ, во бугарскиот парламент беше изгласано преименувањето на празникот 24 Мај во Ден на светите браќа Кирил и Методиј, а истовремено и во Ден на бугарската азбука – притоа алудирајќи на кирилицата, која е прифатена како сесловенско писмо. Со ваквото преименување на празникот (кој и во Македонија се прославува како Ден на сесловенската писменост), Бугарија едноставно продолжува институционално да ги зацврстува своите позиции во однос на барањата за историјата и јазикот спрема Македонија, кои се и суштинските причини за ветото.
Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, иако влегува во сопствена контрадикција со ставот дека „Бугарија не вложила вето“, сепак и понатаму не отстапува од барањето гаранции од македонската страна за прифаќање на историско-јазичните бугарски позиции, како и признавање за непостоење на македонско малцинство во Бугарија.
За разлика од постојаното потврдување на националните позиции од страна на соседите, се чини како официјалната македонска политика да избегнува институционално дефинирање преку консензус на македонските национални позиции. Во македонската јавност сѐ поизразен е впечатокот дека билатералните односи, но и односите со ЕУ, како и целосната меѓународна комуникација, се водат повеќе персонално, со ограничен легитимитет на македонските претставници. Додека Бугарија го активира своето собрание, веднаш по врачувањето на ветото, Македонија ангажира само специјален претставник за преговори околу спроведувањето на Договорот за добрососедство…
– Македонија направи серија невидени грешки во начинот на реализација на своите европски и евроатлантски цели токму поради немањето јасни национални позиции. Постоеја многу отворени патишта до целта, но ние одевме по некои кривулести патеки и се доведовме во ситуација една владејачка гарнитура да гради, односно повеќе да прикажува, некаква национална стратегија. Тоа е недозволиво!
Ако досега немавме дефинирано институционална национална позиција, по сите искуства со ветата, се покажува дека неопходно ни е потребен широк политички консензус за ова прашање. Тоа би можело да се манифестира преку некој документ (декларација, меморандум), изгласан во Собранието, но претходно усогласен на политички средби и дебати од најширок општествено-политички опсег. И таквата декларација треба да биде заснована и на поддршката на научните институции. Со таква национална позиција треба да се претставиме и пред ЕУ и врз нејзина основа да ги водиме преговорите за членство. Секако, и во ЕУ така повеќе ќе нѐ ценат – вели универзитетската професорка Солза Грчева, и самата активно политички ангажирана.
Во однос на актуелните и повторени предизвици со ветата на соседите, професорката Грчева смета дека Македонија не треба да ја води борбата билатерално, на балкански терен, туку на европски, пред институциите на ЕУ. За таквата битка, таа препорачува македонската дипломатија максимално да се повикува на меѓународното право и на Копенхашките критериуми и да инсистира на спроведување на европските конвенции од страна на соседите, пред сѐ за прашањето на малцинствата.
– Нам партнер во евроинтеграциите ни се европската дипломатија и европските институции, а не балканската дипломатија на соседите. Пред европските институции треба да настапиме со јасна национална позиција, која нема да се плаши да ги отвори двата добрососедски договори, за кои се покажува дека се асиметрични и опструктивни, па дури и ги влошуваат билатералните односи – вели професорката Грчева.
Во неколкумесечниот период на закани со вето од страна на Бугарија, во македонската јавност не изостанаа реакции од политички субјекти, интелектуалци, но и научни институции, во однос на историско-идентитетските уцени од бугарска страна. Но во однос на консензуалната институционална поддршка од бугарска страна за позициите за кои можеби нема разбирање ниту кај партнерите во ЕУ, одговорот од македонската јавност прозвучува како кавгаџиска реакција, што остава простор за квалификација како говор на омраза. Сѐ појасно се покажува дека на институционален „напад“ пред ЕУ од бугарската страна е неопходен институционален одговор и од Македонија, со веродостоен легитимитет што би го имал некој документ изгласан во Собранието.
– Можеби уште пред три години, кога беше потпишан Договорот за добрососедство со Бугарија, беше време за утврдување и усвојување национална позиција во македонското собрание, која би ја дала рамката во која може да се водат преговорите. Во актуелнава ситуација со ветата за македонските евроинтеграции, која сѐ повеќе личи на хронична, уште посилно се покажува потребата од дефинирање на таква национална позиција, која ќе им даде и јасни преговарачки насоки на историските комисии (пред сѐ на македонскиот дел од мешаната македонско-бугарска комисија), формирани како обврска од договорите со Бугарија и со Грција.
Без таква национална позиција, комисиите се изложени на директен политички притисок од политичарите што го водат процесот. Во сегашнава ситуација, националните прашања се оставени на политичката премиса и прагматизам на оној што е на власт. Во такви услови, членовите на историската комисија не можат да бидат сигурни во националните позиции – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.
Со оглед на општите предвидувања и процени дека и кога би започнале, преговорите на Македонија за членство во ЕУ би траеле долго, очекувано е опструкциите на соседите да се провлекуваат во текот на целиот преговарачки процес. Во такви услови, до евентуалната институционална национална позиција би требало да се придржуваат сите идни влади што ќе го учествуваат процесот на евроинтеграцијата на Македонија, сметаат политичките аналитичари.