Истражувачите навеле четири сценарија според големината на веројатноста за потеклото и развојот на САРС-КоВ-2. На врвот на списокот на можни сценарија се најде она што ги опишува потеклото и ширењето на вирусот преку друго животно, што, според истражувачите и извештајот, е најверојатната причина

Протекоа детали од истражувањето на Светската здравствена организација за потеклото на САРС-КоВ-2

Пренесувањето на вирусот од лилјаци на луѓето преку други животни е сценариото со најголем процент на веројатност за ширење на ковид-19. Од друга страна, сценариото со истекувањето на вирусот од лабораторија е квалификувано како „малку веројатно“. Ова е главниот заклучок од заедничката студија за потеклото на ковид-19 на Светската здравствена организација (СЗО) и на Кина. Иако оригиналната верзија од извештајот сѐ уште не е објавена, во јавноста протекоа информации, кои веднаш беа и објавени во некои светски медиуми. Новинската агенција Асошиејтед прес (АП) објави и дел од истражувањето, повикувајќи се на нивен пристап до копија од содржината од извештајот.

Мисијата на истражувањето на „граунд зеро“ траеше еден месец

Истражувањето е спроведено како дел од мисијата на СЗО во Вухан, кинескиот град каде што првпат е регистриран вирусот, а траеше од средината на јануари до средината на февруари.
Според податоците на новинската агенција, истражувачите навеле четири сценарија според најголемата веројатност за развој на САРС-КоВ-2.
На врвот на списокот е пренесувањето преку друго животно, што, според нив, е најверојатна причина. Тие процениле дека директното ширење од лилјаците на луѓето е веројатно и рекле дека ширењето од прехранбени производи со „ладен синџир“ е можно, но не и веројатно. Лилјаците носат многу вируси што може да се прошират на други заболени цицачи, вклучувајќи ги и луѓето. Најблискиот роднина на вирусот што предизвикува ковид-19 е пронајден кај лилјаците, за кои е познато дека пренесуваат коронавируси. Сепак, во извештајот се вели дека „се проценува дека еволутивното растојание помеѓу овие вируси на лилјаците и САРС-КоВ-2 ќе биде неколку децении, што укажува на алка што недостига“. Се вели дека многу слични вируси биле пронајдени во панголините, односно во школките, но исто така било забележано дека визонот и мачките се чувствителни на вирусот што предизвикува ковид-19, што сугерира дека тие може да бидат носители – објавува Асошиејтед прес.
Истражувачите предложиле понатамошно истражување во сите аспекти, освен оние што се поврзани со хипотетичко истекување од лабораторија.
Објавувањето на извештајот било одложено, со што се отвориле прашања за тоа дали Кина се обидува да ги врати заклучоците за да спречи да биде обвинета за пандемијата.
Официјален претставник на Светската здравствена организација кон крајот на минатата недела рече дека очекува извештајот да биде подготвен за објавување „во следните неколку дена“, објави АП.

Животните се во веригата за пренос и на други вируси

Епидемиологот Драган Даниловски вели дека засега не може да се знае повеќе од тоа што го дознаваат странските медиуми. Сепак, за него заклучоците од извештајот не се изненадување.
– Добро е кажано. Исклучително малку е веројатно да „избегал“ вирусот од лабораторија. Особено ако се знае дека сите РНК-вируси, вклучувајќи ги и коронавирусите, природно постојат на планетава во свои природни жаришта. Тоа значи на одредени места во природата, најчесто во шуми во кои живеат нивните природни резервоари. Тоа се разни диви животни. Во случајот со коронавирусите, тоа се лилјаците. Луѓето најчесто се заразуваат или преку директен контакт со нив (во некои земји на Истокот се специјалитет на нивните трпези) или преку контакт со т.н. интермедијарен домаќин – посредник. Таква улога играат разни животни – вели Даниловски.
Тој го посочува и примерот во случајот со САРС во 2002-2003 година, кога такви посредници беа еден вид ласици, за МЕРС во 2012-2013 година (и наредните години), тоа беа двогрби камили.
– Во случајов со актуелнава пандемија се мислеше дека посредник бил еден вид лушпест мравојад (панголин), но во последно време таа претпоставка не изгледа многу веројатна – додава тој.

Лилјаците закана и за идни пандемии

Сепак, Даниловски смета дека заканите за идни пандемии со вакви или други РНК-вируси се реални и во иднина!
– Зошто? Прво, затоа што РНК-вирусите многу лесно и често мутираат. Тоа се должи на постоењето само на еден синџир на нивната нуклеинска киселина (РНК), која поради тоа е нестабилна, во споредба со ДНК-вирусите, кај кои постојат два паралелни синџири (хеликси) и затоа се постабилни – поотпорни на мутации. Таа склоност кон мутации на РНК-вирусите носи ризик за често креирање нови варијанти, кои претставуваат закана за човекот. Второ, човекот сѐ повеќе влегува во интеракција со природните резервоари во природата, заради интензивното навлегување (узурпирање) на биотопите, односно териториите во кои се наоѓаат природните жаришта. Како? Преку уништување на шумите за обезбедување земјоделско земјиште, градежно земјиште, но и заради лов на диви животни во подрачја каде што постојат обичаи за нивна употреба во традиционалните кујни (Кина, Виетнам, Лаос, Тајланд, Камбоџа). Оттаму, интензивно се следи однесувањето на РНК-вирусите во нивните природни живеалишта, за благовремено да се идентификуваат опасни соеви. Значи, приказната не завршува со САРС-КоВ-2. Реално се можни вакви настани и во иднина – објаснува Даниловски.
Затоа, според него, воопшто не е случајно што за природен резервоар РНК-вирусите најчесто ги имаат избрано лилјаците.
– Тие се хомеотермни животни (топлокрвни), цицачи, и претставуваат идеални домаќини за нивно размножување. Од друга страна, лилјаците се единствени летачки цицачи. Тоа значи дека се во состојба да поминуваат големи пространства летајќи. А тоа значи лесно распространување на вирусите што се во нив – додава епидемиологот.


Четирите можни сценарија

  • Вирусот „избегал“ од лабораторија. Малку веројатно.
  • Пренесување на вирусот преку друго животно. Директно ширење од лилјаците на луѓето е веројатно и велат дека ширењето од прехранбени производи со „ладен синџир“ е можно, но не и веројатно.
  • Лилјаците носат многу вируси што може да се прошират на други заболени цицачи, вклучувајќи ги и луѓето. Најблискиот роднина на вирусот што предизвикува ковид-19 е пронајден кај лилјаците, за кои е познато дека пренесуваат коронавируси. Сепак, во извештајот се вели дека „се проценува дека еволутивното растојание помеѓу овие вируси на лилјаците и САРС-КоВ-2 ќе биде неколку децении, што укажува на алка што недостига“.
  • Многу слични вируси биле пронајдени во панголините, односно во школките, но исто така било забележано дека визонот и мачките се чувствителни на вирусот што предизвикува ковид-19, што сугерира дека тие може да бидат носители.

 

[email protected]