По дводневна, на моменти конфронтирачка парламентарна дебата на пратениците од власта и од опозицијата, во неделата навечер, на 30 август, Собранието со 62 гласа ја изгласа новата влада. Против предложениот состав на Владата беа 51 пратеник, а воздржани немаше. Министрите во новиот владин кабинет, повеќе или помалку, ѝ се познати на јавноста. Некои министри ги задржаа истите позиции, некои си ги ротираа ресорите, но има и такви што во извршната власт дојдоа од пратеничките клупи, градоначалничките функции, но и од невладиниот сектор. Севкупно, новиот владин кабинет има 20 министри, кои ги предводи премиерот Зоран Заев, но ќе има и 4 вицепремиери и 15 ресорни министри. Во оваа влада нема министри без ресор.
Многумина од министрите во текот на вчерашниот ден (31 август) веќе ги презедоа своите министерства, но сѐ уште не е стивнат интересот на јавноста за тоа кој е кој во новата влада, односно за компетенциите на министрите да ги извршуваат должностите и да се справуваат со предизвиците во своите министерски ресори.
Зоран Заев – премиер
Зоран Заев е роден на 8 октомври 1974 година во Струмица. Во 1997 година, Заев дипломирал на Економскиот факултет на скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ каде што продолжил со постдипломски студии по монетарна економија и финансии. Од 2013 година, Зоран Заев е лидер на СДСМ, а во 2005 година Заев стана градоначалник на градот Струмица, функција што ја извршуваше во три мандати, до декември 2016 г. На 31 мај 2017 година, Зоран Заев беше избран првпат за премиер на Република Македонија. Сега повторно влегува во премиерскиот кабинет.
Љупчо Николовски – вицепремиер за борба против корупција
Роден е на 20 август 1983 година, во Крива Паланка. Според образованието е правник со диплома на правниот факултет „Јустинијан Први“ при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, насока финансиско право – дипломиран правник со положен правосуден испит, а има и диплома за специјалист по политички менаџмент. Во извршната политичка кариера му е наведено дека: од 4 август 2020 година бил пратеник во Собранието на Република Македонија; јули 2019 – генерален секретар на СДСМ; јуни 2017 министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во Владата на Република Македонија.
Фатмир Бетиќи – вицепремиер за економски прашања
Роден е на 26 октомври 1975 година. Во графата за образование на Битиќи е наведено дека има диплома по бизнис-администрација, насока бизнис-менаџмент (еквивалент на мастер-студии), од Универзитетот во Тирана, Албанија (1994-1999). Од април 2018 година работел како посебен советник за претседателот на Владата на Република Македонија директно под надлежност на премиерот. Пред да биде советник во претходната влада, Битиќи има приложено биографија за богата активност во невладиниот сектор, како во Македонија, така и во регионот, а најмногу во Косово.
Артан Груби – прв вицепремиер и министер за политички систем
Роден е на 7 јуни 1977 година во Скопје. Според универзитетското образование – новинар со диплома од УКИМ, со завршени постдипломски студии, а актуелно докторанд на Државниот универзитет во Тирана. На парламентарните избори во 2014 година беше избран за пратеник во Собранието на Република Македонија. Беше реизбран за пратеник во Собранието на Република Македонија на парламентарните избори во 2016 година. Претходно има 14-годишно искуство со меѓународни организации во Македонија, Црна Гора, Албанија, Холандија и во Косово при Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, НАТО, Хашкиот трибунал и американски агенции за помош со разни оперативни задачи.
Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања
Никола Димитров е роден во Скопје, во 1972 година. Како професионален дипломат од 1996 година, тој има богата дипломатска кариера. Беше заменик-министер за надворешни работи на Република Македонија во 2000 година, како и вонреден и ополномоштен амбасадор во САД (2001-2006) и Кралството Холандија и постојан претставник при Организацијата за забрана на хемиско оружје (2009-2014). Во периодот помеѓу 2003 и 2008 година, министерот Димитров беше специјален пратеник во разговорите со Грција, за надминување на разликата за името, под покровителство на Обединетите нации.
Радмила Шекеринска – министерка за одбрана
Радмила Шекеринска во овој состав на Владата го продолжува својот мандат како министерка за одбрана. Родена е на 10 јуни 1972 година во Скопје. Има магистрирано на престижната школа за дипломатија и право „Флечер“ во САД во 2007 година. Претходно дипломирала на Електротехничкиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1995 година. Претставничка е на граѓаните на Република Македонија во законодавниот дом во рок од четири мандати. Раководителка е на Националниот совет за европски интеграции од основањето во 2008 до 2014. Од 2002 година до 2006 година беше заменик-претседателка на Владата, задолжена за европска интеграција и координаторка за странска помош.
Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи
Оливер Спасовски е роден на 21.10.1976 година во Куманово. Тој е дипломиран правник на правниот факултет „Јустинијан Први“ при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во периодот од 2006 до 2008, од 2011 до 2014, и од 2016 до 2017 година, Спасовски бил пратеник во Собранието на Република Македонија. Оливер Спасовски ја извршуваше функцијата прв човек во Министерството за внатрешни работи во три наврати. Првиот пат од 11.11.2015 година до 18.5.2016 година и вториот пат од 2.9.2016 година до 29.12.2016 година, како и од 31 мај 2017 година кога третпат е избран за министер за внатрешни работи. На 3.1.2020 е избран за претседател на преодната влада, а на изборите на 15 јули за пратеник во Собранието.
Бујар Османи – министер за надворешни работи
Бујар Османи е роден на 11 септември 1979 во Скопје. Дипломира на Медицинскиот факултет во Скопје во 2004 година. Од 2014 е докторанд на Школата за докторски студии при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Своето работно искуство го започнал во 2004 година како доктор на медицина на универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Во 2008 година е назначен за министер за здравство на Република Македонија и таа функција ја извршува до 2011 година. Од јуни 2017 година е назначен за заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања.
Венко Филипче – министер за здравство
Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 2001 година, а во 2008 ја завршил специјализацијата по неврохирургија. Д-р Венко Филипче ја вршеше функцијата министер за здравство во изминатите три години, а на таа функција беше именуван од позицијата советник за здравство на премиерот Зоран Заев и од професионалната позиција доцент на Медицинскиот факултет во Скопје. Во последните месеци од претходниот мандат во техничката влада, Филипче најмногу се справуваше со предизвиците во борбата против ковид-19.
Крешник Бектеши – министер за економија
И Крешник Бектеши продолжува да го води Министерството за економија во втор мандат. Во 2008 година дипломира на Колеџот за менаџмент со развој за применети науки и технологијa (менаџмент и бизнис-администрација) на Институтот за технологија во Рочестер, а во 2009 година ја стекнува титулата магистер по менаџмент и стратегија (логистика и управување со снабдувачки синџири) на универзитетот „Шефилд“. Од 2011 до 2016 година работи како раководител на Меѓународната канцеларија на Агенцијата за странски директни инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија во Брисел (Белгија). На функцијата министер за економија беше од 1 јули 2017 година.
Бојан Маричиќ – министер за правда
Бојан Маричиќ е роден на 7 јануари 1983 година во Скопје. Според базичното образование, тој е дипломиран правник (отсек меѓународно право) на правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Магистер е по современи европски студии на Универзитетскиот колеџ во Лондон, Обединетото Кралство. Од 2008-2009 е магистер по меѓународно и европско право на Универзитетот во Амстердам, Кралството Холандија. Професионално искуство – национален координатор за интеграција во Европската Унија, Берлинскиот процес и регионална соработка, Влада на Република Македонија.
Фатмир Бесими – министер за финансии
Роден на 18 ноември 1975 година. Бесими е доктор по економија на универзитетот „Стафордшир“, Стоук-он Трент, Обединетото Кралство. Има завршено Економски факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, отсек – економија, насока – финансии и банкарство (1994-1998); има извршувано голем број владини и јавни функции, меѓу кои заменик-претседател на ВРМ задолжен за економски прашања (јуни 2014 – март 2016 година); заменик-претседател на ВРМ задолжен за економски прашања (март 2013 – мај 2014); министер за одбрана во Владата на РМ (јули 2011 – февруари 2013 година); министер за економија во Владата на РМ (август 2008 – јули 2011 година) и др.
Аријанит Хоџа – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство
Аријанит Хоџа е новиот лик во Владата, од која станува дел како резултат на предизборната коалицијата на неговата партија Беса со СДСМ. Роден е на 18 октомври 1986 година во Ресен. Дипломирал на Факултетот за бизнис-администрација на Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово во 2008 година. Во неговото професионално искуство е забележано дека е основач и управител на приватна компанија од 2009 година; во 2018 година бил избран за генерален секретар на политичката партија Беса.
Јагода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика
Родена е на 18 март 1964 година во селото Тепавци, Битола. Јагода Шахпаска беше избрана за пратеничка на предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули 2020 година и тоа ќе ѝ беше трет пратенички мандат, доколку не станеше министерка за труд и социјална политика. Инаку Шахпаска е специјалистка по интерна медицина на Медицински факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Ирена Стефоска – министерка за култура
Новата министерка за култура е редовна професорка во Институтот за национална историја при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Дипломирала на Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје (1991). Магистрирала на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (1994) и на Филозофскиот факултет во Белград (2001). Докторирала на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје (2007). Беше пратеничка во Собранието на Р Македонија (2016-2020), каде што претседаваше со Комисијата за култура и со групата за соработка со грчкиот парламент.
Јетон Шаќири – министер за информатичко општество и администрација
Роден е на 17 март 1987 година во Струга. Јетон Шаќири доаѓа на министерската позиција во МИОА како професор по економски науки на Факултетот за економски науки на Меѓународниот универзитет во Струга. Дипломирал на Катедрата за економски науки на Државниот универзитет на Тетово, Тетово (2005-2008). Магистер е по економски науки на Меѓународниот универзитет во Струга – бизнис-економија, магистер е по економски науки од 27 јули 2010, а доктор е по економски науки на Универзитетот на Тирана, на Економскиот факултет од 16 септември 2016 година.
Благој Бочварски – министер за транспорт и врски
Роден е на 9 јануари 1985 година во Штип. За да биде министер за транспорт и врски, Бочварски ја напушта градоначалничката функција во Штип. Од 2011 година работел во градежната компанија „Пелагонија – инженеринг“ – Штип како дипломиран инженер архитект. На парламентарните избори во 2016 година е избран за пратеник во Собранието на Република Македонија како втор на листата во ИЕ 3. Пратеничката функција ја извршува до изборот за градоначалник на Општина Штип во ноември 2017 година.
Насер Нудерини – министер за животна средина и просторно планирање
Насер Нуредини е роден во Тетово во 1979 година и продолжува да го води Министерството за екологија. Основното образование го завршил во земјава, а потоа се школувал во Австрија, Германија и во Велика Британија. Има и австриско државјанство. Работел како аналитичар во „Би-пи инвест консалт“, во Виена и во „Кајб интернешенел маркетс лтд.“ во Лондон, во Уникредит банка во Лондон, како директор за инвестиции за листирани финансиски компании и недвижности во Источна Европа, независен советник за „Ем-енд-еј“. Како аналитичар учествувал во приватизација со инвестиции и советодавни активности за владите во Југоисточна Европа.
Мила Царовска – министерка за образование и наука
Родена е во 1984 година. Дипломирала на Филозофскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Институтот за социјална работа и социјална политика. Mила Царовска е именувана за заменичка на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори на 4 јануари 2020 година, а претходно во периодот од 1 јуни 2017 година до 3 јануари 2020 година ја извршуваше функцијата министерка за труд и социјална политика. Во својата професионална кариера се стекнала со повеќегодишно искуство од областа на социјалната работа, меѓу кои и како олеснувачка во драмски работилници со деца сместени во институции. Мила Царовска беше специјална советничка во кабинетот на министерката за труд и социјала Фросина Ременски.
Горан Милевски – министер за локална самоуправа
Горан Милевски е роден во Битола во 1978 година. Член е на Либерално-демократската партија од 1995 година, а од 2015 година е претседател на ЛДП. Тој е дипломиран економист со насока на меѓународна економија. Магистер е по бизнис-администрација МБА – менаџмент на Економскиот факултет во Прилеп. Во 2016 година е избран за пратеник во Собранието на Република Македонија. Бил копретседател на Мешаниот парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација МК-ЕУ, претседател на пратеничката група на Собранието со парламентот на Кралството Данска. Пратеничката функција ја извршувал и од 2014 до 2016 година. Од 2004 до 2014 бил наставник во средното општинско економско училиште „Јане Сандански“ – Битола по економски предмети.
Минат труд по кој ги памети јавноста
За разлика од „долгометражните“ биографии на министрите доставени до Собранието, кога тие сѐ уште беа само предлог на тогашниот мандатар, а сега веќе премиер, може да се каже дека во јавноста постои одредена поедноставена, но и поекспресивна перцепција за минатиот труд на избраните во новиот владин кабинет. Кои потези или активности на дел од сегашните министри ги памети македонската јавност.
Додека премиерот Заев за свој најголем политички успех од претходниот мандат ги смета Преспанскиот договор со Грција, Договорот за добрососедство со Бугарија и Законот за употреба на јазиците, кои (според него) ја внеле Македонија во НАТО и ја подигнале рампата на ЕУ (со ветување за почеток на преговори), во голем дел од јавноста овие „проекти“ сѐ уште се гледаат како продавање на името на државата, губење на македонскиот идентитет, загрозување на унитарниот карактер на државата.
Сега веќе назначениот прв вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби во текот на целата своја политичка кариера, и од времето на невладин активизам и како партиски функционер, знаел да го подигне притисокот во комуникацијата со македонската јавност со своите етноцентристички изјави и активности – почнувајќи од контроверзната „битка“ за освојување на Скопското кале, како албанска етничка градска територија, до неодамнешната изјава дека сега Албанците имаат тројца министри за надворешни работи.
Сегашниот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров јавноста го памети и како главен преговарач во спорот со Грција во едно друго време и друга влада. Уште од почетоците на неговата политичка кариера тој беше доживуван во јавноста како миленик на сега веќе опозициската ВМРО-ДПМНЕ поради неговото семејно политичко педигре. Но поголеми контроверзни емоции создаде во јавноста кога тој се постави како главен носител на проектот за менување на името на државата и го стави потписот на „фамозниот“ Преспански договор. Дополнителна контроверзност предизвика во јавноста и издејствуваната стипендија за студии на неговата ќерка во Холандија.
Со менувањето на секторите во Владата од Министерството за труд и социјална политика, преку вицепремиерка за економски прашања, па сега до Министерството за образование, Мила Царовска низ годиниве создаде впечаток на „човек за сѐ“. Со некои од проектите на Министерството за труд и социјална политика, како менувањето на концептот на функционирање на домовите за деца без родители, знаеше да предизвика бурни реакции и протести во јавноста. Иако само како далечна назнака и недокажано, поврзувањето во јавноста на извесни активности на сега осудениот за рекет Бојан Јовановски со некакви проекти од социјалниот домен, секако не оди во прилог на симпатиите за Царовска на позицијата министерка за образование, што се наоѓа пред сериозни предизвици.
Новиот министер за финансии Фатмир Бесими претходно служеше во неколку наврати на високи позиции и во владата на Груевски. Се памети и по мноштвото неуспешни обиди и пропаднати тендери во тој период за хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“, но и измените на Законот за минерални суровини, за кој тогаш имаше мноштво реакции.
Во новиот владин кабинет има и некои воопшто непрепознатливи ликови за пошироката јавност што досега се докажале по нешто во својата област.