Одлуката на 22-годишната ѕвезда на „Дизни“, Бела Торн, да се приклучи на сајтот за возрасни „Онлифенс“ предизвика контроверзии и отвори прашања за функционирањето на онлајн-платформата, пишува „Гардијан“ во колумната насловена „Трн во сајтот за возрасни“ (насловот алудира на презимето на актерката кое е слично со англискиот збор за трн – н.з.).

„Онлифенс“ им овозможува на корисниците, односно моделите, да создаваат и да продаваат сопствени видео-содржини кои се достапни на публиката преку плаќање на одредена членарина. Сајтот претставува извор на приходи за голем број на работници од секс-индустријата кои создаваат содржина без посредници и без вклученост на порнографските компании. „Онлифенс“ постои од 2016 година, а со избивањето на пандемијата забележа зголемување на посетеноста.

А кога славна личност ќе му се приклучи на сајтот, тоа го урива пазарот. Токму тоа се случи и со доаѓањето на Бела Торн. Набргу потоа „Онлифенс“ се пофали со заработката од милион долари за еден ден, што наиде на негодување од останатите модели на сајтот. Некои од нив се прашувааа зошто на Торн, чие богатство се проценува помеѓу пет и 12 милиони долари, воопшто и е потребно да се најде на „Онлифенс“.

Торн ја оправда нејзината одлука со тврдењето дека се подготвува за нова улога. Таа кажа дека планира да ја вложи заработката од сајтот во нејзината продукциска компанија, а дел да отиде во добротворни цели. Но, многумина сметаат дека нејзиното присуство на сајтот ги доведува во заблуда луѓето.

Богатството на Торн стекнато на „Онлифенс“ достигна два милиона долари за неколку дена. Дел од приходите беа остварени со наплаќање по 200 долари за фотографии во кои таа е во долна облека, по што дел од нејзините 50 илјади претплатници се пожалија дека се измамени и бараа парите да им бидат вратени.

По илјадници барања за отштета и поплаки, „Онлифенс“ најави промени на прописите на сајтот. „Онлифенс“ сега им овозможува на моделите да наплаќаат по 50 долари за ексклузивна содржина и да добиваат „бакшиш“ од најмногу 100 долари, додека претходно немаше ограничувања на овие суми. Сајтот го смени и начинот на плаќање, со што претплатата ќе се плаќа месечно, наместо неделно како што беше досега.

Познатите модели од сајтот преку социјалните мрежи изразија негодување поради промените, наведувајќи дека не е случајно што тие уследиле по контроверзиите со Торн. Згора, тие тврдат дека промените значат и намалување на нивните приходи.

 – Замислете одеднаш да преминете од неделна на месечна плата. Луѓето имаат сметки за плаќање и деца за хранење. Многумина, вклучувајќи ги оние што создаваат содржина и сексуалните работници живеат од плата до плата. Како ќе ги платат сметките овој месец – напиша еден од моделите на „онлифенс“, Ерика Хејдевалд, на Твитер.

Згора, режисерот на филмот за кој Торн истакна дека се подготува, Шон Бејкер, јавно ги негираше нејзините тврдења, велејќи дека не снима филм со младата актерка, што само го зголеми незадоволството. 

Бела Торн веќе јавно им се извини на сексуалните работници за приклучувањето на сајтот, истакнувајќи преку Твитер дека сакала да „привлече внимание кон сајтот за нормализација на стигмите“, а призна и дека попат ги повредила.