Мандатарот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети постигнаа согласност за идна коалициска влада, а на централните одбори на партиите беа обелоденети и имињата на луѓето што се предлагаат за новите министерски функции.
Според договореното, СДСМ ќе управува со 11 министерства во новата влада, додека Беса и ЛДП, кои беа дел од коалицијата „Можеме“, добија по едно министерско место.
ДУИ во новата влада ќе партиципира со шест министри.
Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски ќе биде вицепремиер задолжен за борба со корупцијата, а во претходната влада на Заев еден период беше министер за земјоделство.
Советникот на Заев Фатмир Битиќи ќе биде вицепремиер за економија, додека доскорешниот шеф на дипломатијата Никола Димитров ќе биде вицепремиер за европски прашања.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски се враќа на својата поранешна функција како министер за внатрешни работи, додека Радмила Шекеринска и Венко Филипче остануваат на чело на министерствата што ги водеа и во претходната влада, за одбрана и за здравство.
Поранешната министерка за труд и социјална политика и подоцна вицепремиерка Мила Царовска станува министерка за образование и наука.
Нови имиња во Владата на Заев се Бојан Маричиќ, кој седнува во министерската фотелја во Министерството за правда, Благој Бочварски го наследува Горан Сугарески во Министерството за транспорт и врски, додека Јагода Шахпаска ќе биде министерка за труд и социјална политика.
Кадар на СДСМ ќе го пополни и министерското место во Министерството за култура, каде што функцијата министер ќе ја врши Ирена Стефоска.
Предизборниот коалициски партнер на СДСМ, партијата Беса, го добива ресорот земјоделство, каде што влегува Аријанит Хоџа, а Горан Милевски од ЛДП останува министер за локална самоуправа.
Од своја страна, ДУИ во новата влада ќе партиципира со познати кадри, па, така, Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем.
Поранешниот министер за економија и за одбрана во владата на Никола Груевски, Фатмир Бесими, сега во новата влада на Заев ќе биде министер за финансии.
Доскорешниот прв човек во Секретаријатот за европски прашања Бујар Османи станува министер за надворешни работи, додека Кресник Бектеши, како и Насер Нуредини ги задржуваат ресорите економија и животна средина.
ДУИ во преговорите за состав на нова влада го доби и ресорот Министерство за информатичко општество и администрација, за каде што беше планирана Ширет Елези, досегашната заменик-министерка за финансии, но според неофицијални информации таа не го минала партискиот филтер.
Новата влада што ќе ја предводи лидерот на СДСМ Зоран Заев ќе има 19 министри, наместо досегашните 26.
„Њу Јуроп“: Македонија во неизвесна состојба
Весникот „Њу Јуроп“ анализирајќи го составот на новата македонска влада, пишува дека Македонија останува заробена во своето минато што не ѝ гарантира никаква иднина.
Три децении во изолација од меѓународните случувања, поради менталитетот на владејачките елити на земјата, кои се одлучија за конфронтации и губење на битките три децении.
„Њу Јуроп“ понатаму пишува за констелацијата на политичките односи во земјата, потребата на македонските партии постојано да коалицираат со една албанска партија што, како што се наведува во текстот, минира секаков обид за вистинско национално единство што би ја извело државата надвор од неизвесната состојба во која се наоѓа и би ја одвело во Европа.
– Македонците се вредни, чесни семејни луѓе, кои заслужуваат да ја имаат својата земја и ќе биде историско злосторство таа и понатаму да се дели. Прво, Европската Унија ќе остане сон. Второ, постои ризик дека во критичен момент, а во Европа ќе следуваат многу критични моменти поради тековната криза, Северна Македонија може да исчезне од мапата. Навистина, без разлика какви меѓусебни разлики и да имаат, четворицата „добри соседи“ на Северна Македонија, Албанија, Србија, Бугарија и Грција, ќе седнат како добри пријатели околу една маса и ќе ја поделат на картата. Нивниот главен проблем, доколку го има, ќе биде каде да го лоцираат контролниот пункт каде што ќе се спојуваат границите на четворицата нови земјопоседници – наведува во текстот „Њу Јуроп“.