Шеснаесет и пол години нашата земја е во исчекување на добивање на следен чекор во процесот на интеграција, изјави премиерот Зоран Заев во синоќешното гостување во емисијата „Топ Тема“ на телевизија „Телма“, додавајќи дека „што и да е, многу е“, откако Македонија повторно остана без датум за првата меѓувладина конференција. Премиерот смета дека закажувањето на првата меѓувладина конференција е најмалку што Македонија заслужила по сите спроведени реформи.

– Ние секој пат сме позитивниот пример. Договорите и со Грција и со Бугарија се навистина европски манири – истакна Заев.

Тој уште еднаш нагласи дека со Бугарија не се преговара за јазикот и за идентитетот, туку за патоказот за спроведување на договорот за добрососедство, пријателство и соработка, а се осврна и на моментната политичка ситуација во Софија.

– Инфраструктурното поврзување и недоволниот раст на трговијата се работи кои Бугарија ги наведува како недостатоци. Немаат парламент и немаат политичка влада, тука е причината за нивниот одговор. Тоа ми дава надеж за да имаме денеска поинаков став, но не до крај, затоа што ги имаме сите причини на светот. Ниедна земја не чекала толку како нашата – посочи Заев во „Топ Тема“.

Заев наведе и дека го плаши порастот на евроскептицизмот, како и одлуките на ЕУ кои тоа го овозможувааат.

– Чуму ни се извештаите за напредок, ако после 16 години не добиваме никаков напредок. Не ги омаловажуваме извештаите, многу ни се значајни, но вака ја губат смислата. На 6 октомври има самит за време на словенечкото претседателство, треба да имаме надеж дека ќе се реши проблемот, но до тоа би дошло само другата страна да не бара изговори – смета Заев.

Трети сили и трети страни и тоа како имаат влијание и кај нас и во целиот регион, прашањето е колку тоа го дозволуваме или не, според Заев, кој ги истакна ветувањата на ЕУ како голема неправда.

– Нашиот народ над 85 отсто е за демократските вредности. Кога нешто европско не е потврдено од ЕУ, луѓето почнуваат да размислуваат за други патишта. Ветувања, па го има, па го нема, па не прават ништо, и пак го нема на крајот. Тоа урнисува, лично мене, па и народот. Должност ми е да следам, навистина е неправедно и е голема неправда – објаснува Заев.


ФФМ треба да го промени името според Преспанскиот договор

Фудбалската федерација на Македонија треба да го промени своето име според Преспанскиот договор, посочи премиерот Зоран Заев во синоќешното интервју во „Топ Тема“. Според него, Куќата на фудбалот примила пари од Агенцијата за млади и спорт на име на младинските и кадетските категории, па затоа ФФМ мора да ги почитува уставот и законите во државата и да го промени името.