Мислам дека како што поминува времето, целосно ќе биде разбрано позитивното значење на договорот, вели министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос во изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА.
За вчерашната посета на Алексис Ципрас на Северна Македонија, шефот на грчката дипломатија вели дека „со право се нарекува историска посета“.
-Не е само поради потпишаните многу важни договори, од кои некои се одлучувачки, како на пример воената соработка, со која ја преземаме одговорноста за покривање на воздушен простор со нашиот сосед со наши воени средства. Важна разврска е и директна комуникација на бизнис секторите на двете земји на десетиците бизнисмени кои го следеа премиерот- вели Катругалос за АНА-МПА.
Министерот за надворешни работи на Грција од понеделникот е во САД, а во исто време со посетата на Ципрас на Северна Македонија, тој, во Њујорк се сретна со медијаторот Метју Нимиц, иако повеќе нема активна улога, јави дописничката на МИА од Атина.
-Имавме протоколарна средба со Нимиц на кој и двете страни му должиме почит за напорите што ги вложи во многу голем временски период. Како што знаете, тој си поднесе оставка и нема активна улога, но ова нема врска со обврската што ја имаме да разговараме со него и да имаме придобивка од искуството-вели Катругалос за АНА-МПА.