Интелектуалците од повисок ранг веќе забележуваат за неморалноста, безидејноста и немањето визија кај да се движи не само Бугарија туку и регионот, а со ваквите непринципиелности особено ќе се контаминира и ЕУ. Долготрајната политичка криза во соседната земја, неефикасната борба со корупцијата и криминалот, неуспехот да се обезбеди вистинско владеење на правото и слабите економски перформанси ја заковаа Бугарија на дното како најсиромашна земја во ЕУ, без перспективност да ги надмине ваквите состојби во скоро време

Бугарските интелектуалци загрижени каде им се движи земјата

Бугарски интелектуалци од висок ранг почнаа сè повеќе да алармираат дека Бугарија го губи компасот и веќе не знае каде се движи, повлекувајќи го со себе во спирала на тонење и регионот, преку блокадата на пристапниот процес на Македонија, истовремено контаминирајќи ја и дискредитирајќи ја самата Европска Унија. Токму преку македонскиот пример и проширувањето, Унијата требаше да покаже дека ги исполнува дадените ветувања базирани на фундаменталните европски и демократски принципи и меѓународното право.
Долготрајната политичка криза во соседната земја, неефикасната борба со корупцијата и криминалот, неуспехот да се обезбеди вистинско владеење на правото и слабите економски перформанси ја заковаа Бугарија на дното како најсиромашна земја во ЕУ, без некаква перспективност во скоро време да ги надмине ваквите состојби.
Севкупните состојби во бугарското општество, низ една специфична антрополошка призма, најдобро ги илустрира професорот по антропологија на Софискиот универзитет, Ивајло Дичев, кој смета дека „Бугарија запаѓа во безидејност и никој не сака да преземе одговорност за непријатните работи што треба да се направат за да почнат да се решаваат наталожените проблеми во сите сфери“!
– Никој не сака да преземе одговорност за непријатните работи што ќе треба да ги правиме… Во нашата разнебитена јавност веќе нема консензус ниту за тоа што точно зборуваме, а камоли за морал. Нападот на здравиот разум започна со Истанбулската конвенција, која неодговорните политичари ја променија до непрепознатливост. Следуваше лудилото со норвешките крадци на деца. Следуваше наводно имагинарната свинска чума. Следуваше ветото за Северна Македонија, бидејќи имало говор на омраза кон министерката Захариева. Следуваше чудната идеја дека сме држава на фронтот затоа што НАТО се мисли да ја нападне Русија. Дека ако го усвоиме еврото ќе го изгубиме финансискиот суверенитет што го имавме со левот што е поврзан со него… Дали треба да се чудиме што само 20 проценти од Бугарите се вакцинирани – прашува професорот Дичев.
Несомнено, тој во бугарското општество детектира недостиг од здрав разум и визија за иднината што требаше Бугарија да ја претвори во регионален лидер што ќе турка кон прогрес, истовремено забележувајќи ги анахроните политики што ги спроведуваат политичките субјекти во земјата долго време.

– Ќе речете дека до скоро не сме живееле во најпокорниот сателит на СССР, дека ги браниме правата на малцинствата до смрт, дека сите овие луѓе штрајкуваат кога им пречи работодавецот и брзаат на плоштад штом тие чувствуваат срам во правдата! Тоа може да биде компензација за недостиг од граѓанска храброст. Бунтот против вакцините е многу побезбеден од другите социјални битки, а задоволството е големо – пишува професорот Дичев.
Кога ваквата критика доаѓа од устата на еден високопрофилиран интелектуалец во бугарското општество, особено преку констатацијата дека таму не постои ниту морал, ниту одговорност, ниту компас, ниту храброст за решенија што можеби ќе бидат непријатни за тамошната јавност, особено македонското прашање, тогаш повеќе од јасни се и бугарските неразумни барања што ги упатуваат до македонската страна како услов за отстранување на блокадата на пристапните преговори. Жално е што нивната безидејност се рефлектира директно врз Македонија и затоа земјава не треба да има илузии дека во скоро време ќе ги надмине недоразбирањата со источниот сосед, кој на моменти е крајно конфузен и ниту самиот не разбира што бара. Од тие причини, македонската дипломатија треба да биде дополнително вешта и внимателна со чекорите што ги прави и планира да ги направи во идниот период, знаејќи дека од другата страна има некредибилен и дезориентиран „партнер“.
– Таа општа конфузија во која се наоѓа Бугарија има влијание и врз односите со Македонија и несомнено се рефлектира и пошироко во регионот и Европа. Но сметам дека Македонија е поконстантно прашање со кое Бугарија е оптоварена отсекогаш, без оглед на другите проблеми – смета Драган Јањатов, поранешен дипломат.
Коментирајќи ги тамошните состојби, тој се согласува дека Бугарија претерува со неразумните, па и криминални барања, кои можеби делумно се одраз на безидејноста и немањето визија за иднината, но сепак кај тамошните политичари препознава една грда константа во однос на Македонија.

– Некои од тамошните интелектуалци подобро и поконструктивно ги согледуваат состојбите и не се согласуваат со политиките по повеќе прашања, но, од друга страна, сите бугарски политичари се оптоварени со прашањето за Македонија со генерации и без оглед колку нивното општество да е во криза, нема лесно да се откажат од тоа. Таа индоктринација е многу силна, уште од училишните клупи. Едноставно кодот треба да се смени за да може Бугарија да излезе од таа рамка и да почне да гледа пошироко, поевропски – констатира Јањатов.
Од сето ова може да се изведе едноставен заклучок, дека Македонија не треба да очекува од Бугарија да даде конструктивен придонес во надминувањето на кризата со земјава кога и дома не може да ги реши сопствените проблеми. Згора на тоа, не само што во моментот нема храбар бугарски политичар што би можел да направи исчекор за да се избалансираат состојбите со Македонија туку, напротив, уште повеќе ќе се компликуваат работите во Бугарија, а со тоа ќе се компликуваат и билатералните односи меѓу двете земји. Како и да е, порано или подоцна, и таму некој ќе треба да почне да презема одговорност за непријатните работи, а непријатни работи (за нив соочувањето со вистината и правдата) секако ќе им следуваат, вклучувајќи го и македонското прашање.