За разлика од нашите сајтови, пандан-сајтовите, односно веб-страниците на државните и на локалните институции во скандинавските земји изобилуваат со корисни информации за граѓаните. Таму доминираат педантно издвоени текстуални документи, графики, табели, информации и бројки во интерес на граѓаните и јавноста и првенствено се во насока на принципот сервис за граѓаните, а најмалку за промоција на носителите на власта, како кај нас…
Компаративна анализа за содржината на државните сајтови кај нас и во светот
Македонија дава сѐ од себе да стане дел од европското семејство. Државата прави напори што се и на радост, но и на жалост на своите граѓани. Една едноставна опсервација на секојдневното општествено живеење открива промени на моделите и начините на однесување кај нас и обид на граѓаните и институциите да ги приспособат своето работење и функционирање по т.н. европски модел. Тоа не е секојпат успешно, иако ние имаме впечаток дека сме направиле промена на подобро. Една компаративна споредбена анализа што ја спроведе нашиот весник дава интересни сознанија.
Веб-порталите на државните институции…
Така, на пример, ако во сферата на медиумите важи изреката една слика илјада збора, кај нас во сферата на веб-порталите на државните институциите како да важи правилото илјада (некорисни) слики и што помалку зборови. Кои се клучните разлики во дизајнот и содржина на државните сајтови кај нас и во светот?
Имено, македонските веб-страници на министерствата, општините и други институции изобилуваат со фотографии на надлежните раководители и функционери. На нив има многу повеќе фотографии од функционерите отколку информации што сработила институцијата. Од друга страна, нивните пандан-сајтови, односно веб-страници во скандинавските земји изобилуваат со корисни информации за граѓаните, таму доминираат педантно издвоени текстуални документи, графики, табели, информации и бројки во интерес на граѓаните и јавноста.
Домашните експерти го дијагностицираат проблемот на заостанување на нашите сајтови
Во сублимиран заклучок, комуниколозите, пиар-експертите и специјалистите по нови медиуми со кои се консултиравме велат дека разликите меѓу Македонија и скандинавските земји на интернет, се евидентни. Меѓу причините се немањето методологија за систематизирање на информациите, за давање приоритети на податоците што треба да се од корист за сервисирање на граѓанските потреби, понатаму игнорирањето на шемите и правилата за поставување информации на таквиот вид портали за да бидат лесни за употреба, некреативноста, незнаењето, неодговорноста кон обновувањето на информациите, како и неправилното менаџирање од вработените во соодветните државни тела. Финансискиот момент е посебна приказна, но не е одлучувачка.
Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, вели дека впечатокот од состојбите е таков бидејќи дигитализацијата како процес треба доследно да се применува од вистинските луѓе со вистински технологии во вистинско време.
– Клучно кај владините или веб-страниците на јавните институции е да се видат услугите што тие ги нудат за граѓаните, односно кога ќе се кликне страната веднаш да се добие информација што таа им нуди на даночните обврзници. Дополнително, второстепено во функционирањето на истите тие би требало да бидат фотографиите и видеата на функционерите што раководат со истата институција, тело и министерство – вели Кордалов.
Тој објаснува дека разликите меѓу веб-страниците на овие тела во Скандинавија и на Балканот, а со тоа и во Македонија се неоспорно евидентни.
– Во суштина кај нас проблемот лежи во поимањето како да се ракува овој простор и во стручниот кадар што би требало да го ракува. Односно, недоволно искористените капацитети, пред сѐ човечки, доведуваат до ваквите состојби. За веб-страниците да функционираат како што треба, со модерните модели и трендови, се потребни професионалци во работата што поседуваат соодветно знаење. За жал, кај нас недостигот од финансии како на пример кај општините, но и од друга страна и несоодветниот кадар кај институциите доведува до оваа општа констатација, која прави разлика во изгледот на веб-страниците на државните институции, министерства и општини во Македонија и во развиените држави – вели тој.
Сајтовите на институциите се за промоција на државниот функционер или во функција на граѓаните?
За да се подобрат состојбите, советува Кордалов, оние што раководат со државата треба да бидат свесни за случувањата и да пристапат на нивно решавање во согласност со светските и европските практики, односно за тоа е потребно постојната оперативна стратегија во дигиталната сфера да се воведе во практика.
Синиша Пекевски, политички пиар-експерт, коментирајќи ги споредбите на веб-страниците, вели дека во зависност од министер до министер и од пиар-службите што ги раководат, страниците изгледаат сосема различно.
Според Пекевски, пиар-службите во министерството ја сфаќаат работата на институцијата како промоција на работата на министерот и колку е тој или таа вреден или способен да дејствува. Тој истакнува дека наместо т.н. македонска практика, тие треба да се занимаваат со потребите на граѓаните преку виртуелниот домен и преку страниците да понудат и олеснување на работата на граѓаните/компаниите.
– За жал, разликата меѓу Македонија и Финска, на пример, е очигледна и во фактот дека одредени министерства дури не ги ни ажурираат редовно своите веб-страници што ја покажува нивната незаинтересираност за комуникација со граѓаните и воопшто нивно информирање за делокругот што тој министер го работи. Земете го примерот на министерот за комуникации и транспарентност, за кој не видовме ни што работел, што сработил и воопшто дали работел – резимира Пекевски.