Искуствата од минатото покажуваат дека многу често се посегнувало по инструментот интерпелација, иако јавноста речиси и да не памети некаков опиплив резултат од сето тоа, освен што се користи како обид за политички маркетинг, меѓусебни напади и обвинувања. Според аналитичарите, неуспешни интерпелации има насекаде, од САД до Европа, поради истите причини како во Македонија

ПАРЛАМЕНТАРЕН МЕХАНИЗАМ ШТО ЧЕСТО Е НА РЕПЕРТОАРОТ

Во моментов во македонскиот парламент се доставени три интерпелации за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за вицепремиерот за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, како и за министерот за правда Бојан Маричиќ. Причините за поднесување на овие интерпелации од страна на опозициските партии се различни, но клучното прашање што се наметнува е колку инструментот „интерпелација“ е функционална алатка во македонскиот парламент и колку овој процес навистина придонесува за поголема демократизација, но и за поголема ефикасност во работењето на највисоките државни функционери, пред сѐ, во интерес на граѓаните и државата.
Искуствата од минатото покажуваат дека многу често се посегнувало по инструментот интерпелација, иако јавноста речиси и да не памети некаков опиплив резултат од сето тоа, освен што се користи како обид за политички маркетинг, меѓусебни напади и обвинувања.
Македонскиот плурализам памети голем број вакви и слични искуства во сите парламентарни состави, во кои пратениците од опозицијата редовно поднесува интерпелации за работата на државните министри, но тие никогаш во практика не се ефектираа и изгласаа.

Политичките аналитичари и политиколози со кои се консултиравме велат дека интерпелацијата како механизмот во парламентот е нефункционален во секојдневието во Собранието. Тие додаваат дека оваа алатка на политиката единствено добива смисла кога се користи во моменти кога се менува соодносот на силите во парламентот и се прекројува новото парламентарно мнозинство.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека интерпелацијата како инструмент во македонската, но и светската политика е тотално неупотреблив.
– Овој инструмент во практиката е неупотреблив бидејќи е невозможно со интерпелација да се смени одреден државен висок функционер. Тоа е така бидејќи против овој функционер теоретски би требало да гласаат и пратениците од редовите на партијата од која потекнува самиот министер – вели Арсовски.
Кај нас, оваа алатка се користи од сите досегашни опозициони партии како своевиден аргумент да се спроведе одреден политички маркетинг во корист на опозицијата.
– Споредбено со нашата земја, неуспешни интерпелации има насекаде од САД до Европа, поради истите причини како во Македонија. Како пример би ги издвоил интерпелациите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и во сенатот и во конгресот каде што ниту една од нив не помина во институциите каде што мнозинството не беше од редовите на демократите или тогашната опозиција – вели Арсовски.
Политичкиот аналитичар додава дека овој механизам е добар да постои бидејќи во одредени исклучителни состојби може да биде ефективен, иако истовремено доколку одреден министер лошо си ја работи работата, владејачката партија може да го смени од функција кога ќе посака со реконструкција на самата влада.
Политикологот Синиша Пекевски смета дека интерпелациите во македонскиот парламент би станале како алатка ефективни само ако во одреден момент се прекројува мнозинството.

– Имено, во македонска смисла на зборот, доколку одредени пратеници гласат против работата на министерот од својата партија или коалиција во која се составен дел, тоа значи дека тие го „менуваат дресот“ односно се приклонуваат кон другата опција – вели Пекевски.
Тој резимира дека интерпелации има малку или воопшто нема во нашата парламентарна демократија, во споредба со оние од странство, бидејќи пратениците гласаат колективно, следејќи го примерот на лидерот во нивниот табор, а речиси никогаш тие не гласаат по сопствени убедувања надвор од партискиот шаблон.

[email protected]