Вечерва заседава Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кој се дискутира за актуелната општествено-политичка состојба, за последните политички случувања поврзани со состојбата во економијата, енергетската криза и Владата предводена од премиерот во заминување, Зоран Заев, истакна Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Извршниот комитет смета дека актуелната Влада го загубила кредибилитетот од граѓаните и волјата на народот е јасно изразена на последните избори, кои СДСМ ги загуби со над 100.000 гласа разлика. ВМРО-ДПМНЕ победи во 42 општини плус градот Скопје, што преставува историски најдобар резултат на која било опозициска партија во Македонија. Тоа, за нас, претставува полна одговорност за оправдување на очекувањата на граѓаните и посветена работа на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои веќе почнаа со промените“, дополни Ковачки.
Резултатот од изборите, додаде тој, е јасна порака дека народот бара промени во централната власт, народот е незадоволен од тешката економска криза, растечката инфлација, како и континуираните неуспеси и потфрлањето на планот на европските интеграции.
„Оваа некредибилина влада се одржа единствено како резултат на киднапиран пратеник, што е уште показател за хибридниот режим на Зоран Заев наспроти волјата на граѓаните. Забележлива е измамничката политика на премиерот во заминување, кој еднаш вели дека си поднесува оставка, потоа вели дека таа се одложува на неодредено време, а денес брифираат од СДСМ дека биле подготвени за нова влада. Со СДСМ нема да има нова влада, може само да има продлабочување на економската, енергетската и на политичка криза и поставување нов Заев, кој ќе биде продолжение на сите негови неуспешни политики“, смета Ковачки.
ВМРО-ДПМНЕ, вели тој, смета дека брзи избори би биле единственото решение за излез од таквата криза, а сѐ друго е продлабочување на кризата и влегување во уште поголема неизвесност.
Криминалот и непланското работење, според него, државата ја донеле на работа на енергетската криза, чии последици се плаќаат од буџетот на граѓаните, поточно од нивниот џеб.
ИК на ВМРО-ДПМНЕ, информира Ковачки, расправаше и за партиски прашања, при што го утврдил датумот за претстојниот редовен конгрес, кој ќе се одржи на 12 декември во Скопје.
На овој конгрес ќе се трасира патот на идното дејствување и политиките на ВМРО-ДПМНЕ во насока на нашите ветувања за обезбедување промени во општеството и нова иднина за сите луѓе на Македонија, нагласи членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.