Премиерот Зоран Заев, кој синоќа поднесе оставка, нема да оди во Белград на 3 и 4 ноември, како што првично беше планирано, на состанок на иницијативата „Отворен Балкан“.
– Господинот Заев нема да дојде во Белград со оглед на политичката ситуација – велат од кабинетот на Заев за „Танјуг“.
Оттаму додаваат дека Македонија ќе биде претставена на средбата во Белград, а другиот политички претставник ќе биде одреден денеска или утре.
Првично беше планирано македонскиот и албанскиот премиер Зоран Заев и Еди Рама да ја посетат Србија на 3 и 4 ноември, на средба по повод иницијативата „Отворен Балкан“.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој престојува во Глазгов на климатскиот самит, денеска се сретна со премиерот на Албанија, Еди Рама и со македонскиот претседател, Стево Пендаровски.
– Силна поддршка за „Отворен Балкан“. Дали да ја одржиме или одложиме средбата во Белград, имајќи ги предвид настаните во Скопје – напиша Вучиќ на официјалниот Инстаграм профил на „Будуќност-Србија“, со фотографии од Глазгов, пред почетокот на Самитот „KОП26“.