Какви се позициите и политичките калкулации во таборот на власта и на опозицијата пред вториот, за многумина, решавачки круг од локалните избори.
И за власта и за опозицијата, а особено за лидерите на двете најголеми македонски партии, влогот е голем. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, се најде во улога, за брзо време, од спасител да стане маченик. Од еден мирен, сталожен, самоуверен, макар и блефер, по првиот круг се покажува фигура на разгорен и разорлавен лав, кој е подготвен да бие битка до последната капка пот, не крв.
Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, се покажа како политичар од тврд материјал. И неговата ВМРО-ДПМНЕ и овој пат покажа дека е жив и жилав (не килав) политички организам, организација што одново се раѓа од својата пепел
Локалните избори меѓу двата круга
Во првиот круг на локалните избори 2021, Зоран Заев претрпе два пораза, загуби на две нивоа. Загуби (или не доби) гласови како претседател на Социјалдемократскиот сојуз и како претседател на Владата. Поразот на второто ниво ја одредува како точна констатацијата дека овие избори, наместо чисто локална, попримија голема доза на национално изјаснување за политиките на Владата. Тие политики, всушност, доживеаја фијаско во првиот круг, а не незадоволство од некоја неасфалтирана улица во некој град или немање канализација во некое село. Аналогно на таквиот заклучок, следува и констатацијата дека владата на Заев во минатиот период својски работеше против партијата на Заев. Владиниот однос кон горливите внатрешни и надворешнополитички прашања, особено кон Бугарија, е факторот што ѝ нанесе штета на партијата, го наруши нејзиниот авторитет и ја намали довербата кај гласачите, и покрај успехот со влезот на Македонија во НАТО.
Антиевропеизмот на Заев
Личноста број еден на Македонија, олицетворена во името и функцијата на Зоран Заев, е инспираторот и реализатор на горенаведените контроверзии. Претседателот на Владата и партијата што на цел глас говори за застапување европски вредности, веќе подолго време се однесува спротивно на нив. Тоа може да се илустрира со низа примери. Не постои лидер во развиена демократска земја што работите ги врши главно насила, со главата во ѕид, без оглед на реакциите во јавноста. Нема премиер што ќе се осмели неуспешен референдум да го прогласи за успешен. Во Европа ниту постоел ниту ќе постои претседател на влада што го штити својот генерален секретар ако тој врши (вршел) криминални или коруптивни дејства, најмалку да се обиде да прејудицира дека не гледа никаква вина. При таков владин скандал, во Европа се поднесува оставка уште наредниот ден. Тоа го стори германскиот канцелар Вили Брант со падот на неговиот секретар.
Не е морално претседателот на владата да брани министер од морална одговорност ако во неговиот ресор се случила трагедија во која изгореле 14 живи луѓе и за инает на сите да го качува секојдневно на бина. Во Европа не може да побегне од правдата висок функционер што е фатен на дело како прима поткуп, како што од Македонија со владина дозвола побегна поранешен директор на Фондот за здравство, еден од најбогатите и најкоруптивни фондови во државата. Досега во ниту една демократска земја не е забележано првиот човек на владата јавно да го пропагира производството на марихуана и да се залага за нејзина слободна употреба како стопанска гранка што ќе ја спаси економијата. Тоа може во Африка, не во Европа. Тие антиевропски постапки на Заев, меѓу другото, се ефектуираа како недоверба во неговото владеење во спрега со коалицискиот партнер во лицето на ДУИ. Да не спомнуваме рекет и корупција, антиекономски категории по кои во овие триесет години се прославија сите владејачки партии во Македонија.
Антиевропски беа и оркестрираните и видливо диригирани напади на националните институции, како што се МАНУ, Универзитетот и Македонската православна црква, кои заеднички ги бранат македонските национални интереси. Не е во рамките на европскиот политички бонтон поранешните претседатели на државата од актуелната влада и нејзините подопашници да се третираат како крпи и штетни животни. Антиевропски став е да се игнорира историјата на својот народ и да се зборува дека таа не е негова туку туѓа и во тој контекст да се игнорираат Институтот за национална историја и други институции со национален предзнак. Антиевропски е да се жигосуваат видни членови на партијата, меѓу кои и нејзини основачи. Ретко која држава си дозволува да се дискредитираат врвни стручњаци во одделни области само затоа што имаат поинакви мислења и гледишта од некои министри или од програми на владата. Сите горенаведени постапки се впишани во негативното конто на Заев.
Сенките на Груевски и на Црвенковски
По објавувањето на резултатите од првиот круг, во редовите на Социјалдемократскиот сојуз, во изјавите и пишувањата на неговите пропагандисти, најверојатно за да се ублажи и амортизира сопствениот неуспех, дел од вината се префрла на Никола Груевски, поранешен претседател на Владата, и на Бранко Црвенковски, поранешен премиер и претседател на државата. Можеби во таквите тврдења има некоја вистина или полувистина, но, во секој случај, тие мислења се голема глупост. Да се максимизира нивната улога во изборите, да се тврди дека имале големо влијание врз резултатот е личен дебакл на Заев, пораз на Владата и срам за СДСМ.
Да се наметнува став дека Груевски, денес азилант од Будимпешта, има поголемо влијание во Македонија, дека е политички посилен од самиот Заев и цела Влада е слом на целиот управен систем на државата. Ако е навистина така, цела Влада треба да си оди уште утре. Во тој контекст е и вплеткувањето на името на Црвенковски. Во цело Скопје, и не само во него, се шушка за наводното Бранково роварење во сложните, збиени редови на СДСМ. Сенката од неговата брада сигурно досегнува далеку, но да се скубе како лексилиум за оправдување на поразот е надвор од секаква логика. Ако е точно тоа, тогаш СДСМ веднаш треба да оди на генерален ремонт. Можеби е Бранко скриен тигар, силен змеј што фрла оган на сите страни, но самата партија да вели дека тој како единка е посилен од цела партија е далеку од умот. Парадоксот е што сега неомилените Груевски и Црвенковски се алиби за поразот на Заев и вметнат аргумент за негов спас.
Што ќе прави ВМРО-ДПМНЕ
И покрај изразеното потценување и омаловажување од страна на СДСМ и негови членови, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, се покажа како политичар од тврд материјал. Едно може да се телефонските и онлајн контакти со Груевски, дејства што македонската разузнавачка полиција сигурно ги следи и секојдневно архивира, друго е личната упорност што ја покажува овој издржлив боксер во рингот. Наместо во нокдаун, како што му предвидуваа опонентите, тој ја крена раката во знак на победа. Упорен, систематичен, прецизен, дури и здодевен, успеа да избоксува во своја корист многу рунди првин внатре во партијата, потоа и во државата. По долга битка, му успеа на Мицковски да го измести од столот и да му ги помати сметките на до вчера неприкосновениот, непобедлив, чиниш нов Ахил, Зоран Заев. Додуша не го погоди во петицата, ама му го разлупа срцето со тоа што му го симна штитот на непобедливост.
ВМРО-ДПМНЕ и овој пат покажа дека е жив и жилав (не килав) политички организам, организација што одново се раѓа од својата пепел. Партиската гарда од прости, примитивни, милитантни и безобразни, за какви што ги сметаат СДСМ и голем дел од јавноста, по секој пораз успева да се крева на нозе и пак да го овладее теренот. Новите лица не влеваат доверба на прв поглед, тие не личат на задоволни и здебелени административци, но се покажаа практични и ефикасни. Таму каде што победија, победија со голема разлика, повеќе од половина Македонија носи нивно знаме. Од тие причини релативно помирно го чекаат вториот круг, во кој нема што да изгубат, но може да ја направат победата уште поубедлива. Очигледно е дека СДСМ ќе мора да ги смени очилата со кои досега гледаше кон ДПМНЕ, кон неговите поддржувачи и гласачи.
СДСМ на линијата на фронтот
Социјалдемократскиот сојуз сега е на црвената линија на фронтот. Паниката што е крената од можниот финален пораз во вториот круг е неизбежна, а со самото тоа и оправдана. Знае власта што може да загуби ако ги загуби Битола, Охрид, Куманово, Центар и Карпош. Штетата би била непоправлива особено ако ја загубат главната административна управа во Скопје, која е останата енклава што ја имаат опколено вмровските општински градоначалници. Знаат и во СДСМ и во Владата дека Пехчево, Берово, мој Ресен, Богданци и Кривогаштани ниту може да ја прават државата, ниту да го полнат буџетот, ниту да ја финансираат партијата и така да ја одржуваат во опозициски живот. Тоа го можат само големите градови, а веќе неколку од нив отидоа во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, победничката партија од првиот круг.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, се најде во улога, за брзо време, од спасител да стане маченик. Од еден мирен, сталожен, самоуверен, макар и блефер, по првиот круг се покажува фигура на разгорен и разорлавен лав, кој е подготвен да бие битка до последната капка пот, не крв. Не докрај свесен за одговорноста што ја носи за поразот, и покрај обидите тој пораз да се минимизира, сакал-нејќел, високо го развива бајракот за нова мобилизација на уморното, незадоволно и разочарано гласачко тело. За да направи каков-таков пресврт во вториот круг, треба на денот на гласањето да се усогласат, да се спојат, неговата жестока активност, расположението на гласачите и божјата волја, која, во случајов, може да биде и пресудна.
Споредба меѓу Скопје и Истанбул
На сите им е познато дека главната битка, денот Д, е десантот за освојување на Скопје, односно на неговата централна администрација, таму каде што се и најголемите пари. Не е таа битка фешта, не е финале на „Песна на Евровизија“, таа е битка и за најголемата каса во државата. На скопскиот фронт се води битката меѓу Зоран Заев и Кристијан Мицковски за Македонија, кој ќе победи, тој ќе владее со неа. Не случајно Заев со тој исход го врзува и опстанокот на својот мандат како претседател на Владата на Република Северна Македонија, односно ОВАА држава, како што сѐ почесто ја ословува. Јасно му е дека ако го загуби Скопје, ќе ја загуби и партијата и ќе ја заврши политичката кариера, главно успешна, но обременета со контроверзии.
За сегашната ситуација со локалните избори во Скопје може да биде поучна сторијата од локалните избори за Истанбул во 2019 година. Во овој мегалополис, во ова чудо од град, партијата на претседателот Ердоган ја изгуби власта по цели 25 години владеење. Беше победена и во Анкара и во Измир, односно во пет од шесте поголеми градови. Во првиот круг во Истанбул, кандидатот на претседателот на Турција доживеа, за истанбулски услови, минимален пораз, со разлика од 13 илјади гласа. Ердоган, ненавикнат на порази, успеа да издејствува целосно поништување на изборите и побара нов изборен ден, надевајќи се дека ќе го поправи резултатот. Но при повтореното гласање се случи неочекуван феномен – кандидатот на опозицијата победи со разлика од 800 илјади гласа. Не со претходните 13 илјади, туку со цели 800 илјади.
Заев како Ердоган
Резултатот беше доживеан како огромен удар за дотогаш неприкосновениот Ердоган, дотолку повеќе што пред изборите изјавил дека ако неговата партија го изгуби Истанбул, ќе ја загуби и Турција. И во дел од јавноста се мислеше дека тој резултат е првата станица од каде што почнува лизганицата надолу за неговата власт. Но тоа, барем засега, не се случи, ситуација што Заев може да ја користи како своевидна утеха во тешката положба во која се наоѓа.
Заев најави дека ќе поднесе оставка од функциите ако Социјалдемократскиот сојуз во спрега со ДУИ го загуби Скопје. Колку некои да ја сметаат таа изјава како последен крик за помош, колку други во неа да гледаат уште еден трик и блеф на мајсторот за политички местенки, реалноста вели дека тој, барем овој пат, е искрен во својата намера. Истовремено, кој било друг пораз во поголемите општини го носи сѐ поблиску до немоќта да владее успешно и натаму и самиот да крене раце ако види дека му се крчка нешто покрупно и погрубо. Никој не може да му ги оспори инстинктот за преживување и чувството за опасност кога таа му се приближува. Заев побрзо би постапил според советите на своите инстинкти одошто на совеста или на признанието за одговорноста за поразот. Во секој случај, и да остане со собраниско мнозинство и на чело на Владата, тоа продолжение на мандатот ќе му биде многу погорчливо и понеподносливо од сѐ што му се случувало досега.