Бугарската политика на игнорирање на македонското малцинство во таа земја, како и неспроведувањето на 17-те пресуди на Европскиот суд за човекови права во корист на македонските организации, го отвора повторно аспектот на злоупотреба на позицијата на Бугарија како земја-членка на ЕУ и нејзино непочитување на одлуките дури и на европските институции. Од друга страна, интересот на европските институции за македонското малцинство во Бугарија, што сѐ почесто јавно се артикулира (како во дебатата на ирската пратеничка во Европскиот парламент), Македонија треба да го искористи како добра основа во преговорите со Бугарија

СОФИЈА КОНТРА ЕВРОПА И МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО

Бугарскиот пратеник од бившата владејачка партија ГЕРБ, Емил Радев, апелира до колегите од Европскиот парламент да не се обидуваат да ја промовираат темата за постоење на македонско малцинство во Бугарија, зашто, како што вели тој, во неговата земја „нема македонско малцинство“. Бугарскиот европратеник дури и ги прекорува претседателката на делегацијата, Софија инт Велд од либералната политичка групација „Обновувајќи ја Европа“, и претставничката на европската левица, Клер Дејли, дека си дозволуваат да си поигруваат со „тема што нема никаква врска со реалноста“.
– Во Бугарија нема македонско малцинство и тоа е позиција за која не треба да се дозволат компромиси. Очекувам од бугарските колеги во ЕП и јас едногласно да го браниме тој став, без оглед на нашите политички склоности. Поигрувањето со темата, кое си го дозволуваат себеси крајната левица популисти, како ирската пратеничка Клер Дејли, во најмала рака, ѝ противречи на вистината и во суштина претставува неправеден и пристрасен напад против нашата земја – истакнал бугарскиот политичар.
Поводот за ваквата реакција на бугарскиот европратеник Емил Радев е расправата во ЕП за извештајот на Комисијата за прашања на граѓанските слободи, правосудството и внатрешните работи, по посетата на делегацијата на Европскиот парламент на Словачка и Бугарија, во септември оваа година. Во извештајот не се споменува експлицитно македонското малцинство, но се говори за дискриминација на некои групи што претставуваат малцинство. Но затоа ирската пратеничка Клер Дејли ја прецизирала општата формулација од извештајот во своето обраќање во ЕП, со конкретизирање дека се работи за македонското малцинство. Во дебатата за извештајот од мониторингот во Бугарија, таа посочила дека ЕК не прави ништо, иако во Бугарија постојано има нарушување на владеењето на правото, а изразила и разочарување што во извештајот не се споменуваат дискриминација и говор на омраза кон македонското малцинство.

Последниот повод за експресија на бугарската опсесивност во игнорирањето на македонското малцинство пред европските институции, сепак, предизвикува потсетување на ноторниот факт дека во Бугарија нема признаени малцинства.
Македонските здруженија во Бугарија веќе имаа јавна реакција, дека на пописот спроведен оваа година не им било овозможено да се изјаснат како Македонци, зашто немало посебна графа за етничка припадност во пописните листи, иако на тоа ѝ беше укажано од еврокомесарката за човекови права Дуња Мијатовиќ. Игнорирањето на македонското малцинство, како и препораките на европските институции, но и неспроведувањето на 17-те пресуди на Европскиот суд за човекови права во корист на македонските организации, го отвора повторно аспектот на злоупотреба на позицијата на Бугарија како земја-членка на ЕУ, за непочитување на одлуките дури и на европските институции. Тоа, пак, наведува на прашањето дали со игнорирање на забелешките и одлуките на европските институции, на Бугарија ѝ се дозволува да спроведува политики и уцени спротивни од европските принципи, вредности и, конечно, спротивни на европското и меѓународното право.
– Бугарија не може да биде амнестирана од спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права. Напротив, игнорантскиот однос во врска со пресудите претставува алармантно сериозна закана да биде исклучена од Советот на Европа. Дури, деновиве Комитетот на министри на Советот на Европа треба да расправа за нејзиното спроведување на пресудите од Европскиот суд за човекови права, за регистрација на здруженијата со македонски етнички предзнак. Од согледувањата во извештајот зависат и мерките што ќе бидат преземени во однос на Бугарија. Но интересот на европските институции за македонското малцинство во Бугарија, што сѐ почесто јавно се артикулира (како во дебатата на ирската пратеничка во Европскиот парламент), Македонија треба да го искористи како добра основа во преговорите со Бугарија да го наметне принципот на реципроцитет, што впрочем е суштествено во меѓународното право – вели Тони Менкиноски, застапник на македонските здруженија од Бугарија пред ЕСЧП.

Но, се чини, Бугарија е свесна за опасноста по нејзината политика на уцени од примената на принципот на реципроцитет во однос на прашањето за признавање на малцинствата, во преговорите со Македонија за отстранување на ветото за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Новинарот, поранешен пратеник и бивш амбасадор на Бугарија во Хрватска, Велизар Енчев, предупредува за опасноста, според него, од впишувањето бугарско малцинство во македонскиот устав, означувајќи го тоа како меч со две сечила.
– Инсистирањето за вклучување бугарско малцинство во македонскиот устав не само што е наивно туку е и опасно. Оваа идеја, која со ентузијазам беше прифатена во Скопје, доведува до две неповолни последици за Бугарија. Прво, на тој начин ние признаваме дека „македонскиот етнос“ нема ништо заедничко со бугарскиот. Второ, ѝ даваме меѓународноправна основа на другата страна да бара признавање на „македонско малцинство“ во Пиринскиот Крај. Да не ги затвораме очите пред вистината – тоа ќе бидат две катастрофални признанија за нас, кои ќе доведат до повторно пишување на нашата средновековна и преродбеничка историја според македонистичкото читање – коментира Енчев во еден бугарскиот портал.
Согледувајќи го македонскиот аспект на идејата за реципрочно признавање на малцинствата, меѓу Македонија и Бугарија, претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, предупредува на стапиците во бугарските барања за внесување на Бугарите во македонскиот устав, во т.н. предлог 5+1.
– Со предлогот 5+1, Бугарија всушност прави притисок за внесување на Бугарите во македонскиот устав како државотворен народ, а не како „делови од народ“, како што сега фигурираат во Уставот другите етнички заедници во Македонија. На тој начин подмолно ја наведува Македонија да признае дека всушност нема македонски народ во земјата, односно дека тој е некаков бугарски дериват. По наведувањето во договорите дека Македонија може да се грижи само за своите државјани во соседните земји, но не и за македонското малцинство, не треба воопшто наивно да се гледа, а уште помалку да се прифати овој бугарски предлог – вели Тодор Петров.