Западен Балкан не треба да се надева на брзо приклучување кон Европската Унија, но време е двете страни да излезат со храбри и креативни решенија во нивното партнерство, истакна експертката за надворешна политика на ЕУ, Шада Ислам, во разговор за МИА, осврнувајќи се на посетата на претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лејен на Западен Балкан, како и на иднината на проширувањето на Унијата. Таа нагласи и дека ја разбира фрустрацијата на македонските граѓани.

– Целосно го разбирам гневот и фрустрацијата на граѓаните на Северна Македонија. Ова е тажна политичка ситуација за ЕУ, затоа што една земја-членка може да се држи во заложништво. Претпоставувам и дека ова што се случува делумно им одговара, на некој начин, на оние земји кои не се за проширувањето, но треба да бидат свесни за поширокиот предизвик за кредибилитетот. Ова се однесува на Северна Македонија, и на луѓето во земјата – порача Ислам во изјава за МИА.

Ислам посочи дека не треба да се очекува полноправно членство во ЕУ во догледна иднина.

– Не е реалистично да се очекува полноправно членство во догледна иднина. Целта за 2025 година е магично размислување. Проширувањето е долг и болен процес. И сега видовме со Косово и Србија дека има толку многу нерешени прашања, а во Брисел постои загриженост за темпото на реформи. Мислам дека е време да се престане со магичното размислување, но го разбирам товарот за ЕУ. Ова е ситуација со двајца губитници, но мислам дека она што ни треба е некаков брејнсторминг за креативни политички решенија. Да престанеме да сонуваме и да бидеме реални за тоа што може да се направи. Самата ЕУ е недовршена работа, не е линеарен прогрес, како што видовме и со брегзит. Сметам дека креативноста е интересно прашање, а тоа бара политичка зрелост од страна на самиот регион, но и сериозна интелектуална инвестиција од страна на ЕУ за да видите како ќе поттикнете стабилност, реформи, интеграција, без да дадете целосно ветување за проширување  – заклучува Ислам.