Министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе разговара за европското досие на Македонија на билатералните средби и настани во текот на посетата на Германија, Полска и на Словенија, во рамките на неговата интензивна турнеја низ земјите од ЕУ која почнува утре.

– Посетата има за цел да се продолжи високиот политички дијалог со Германија, но и да се реафирмираат германските позиции во однос на нашето европско досие, особено пред одржувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија – соопшти Министерството за надворешни работи.

Шефот на дипломатијата прво ќе отпатува во Германија каде што ќе има средби со германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, и со државниот министер надлежен за Европа, Михаел Рот. Османи потоа ќе замине во Полска каде што ќе учествува на Безбедносниот форум во Варшава, а ќе се сретне и со неговиот полски колега Збигњев Рау и со финскиот шеф на дипломатијата Пека Хависто, како и со други значајни политички претставници во сферата на безбедноста и трансатлантските односи. Турнејата на министерот за надворешни работи завршува со учество на самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи во Брдо кај Крањ, Словенија, каде што ќе ѝ се приклучи на државната делегација предводена од премиерот Зоран Заев.