Денешнава колумна е посветена на Светскиот ден на науката – настан што веќе 20 години се одбележува секоја година на 10 ноември, а започна во 2001 година од страна на УНЕСКО со цел, пред сѐ, научната заедница, но и владините актери да се усогласат околу заедничките цивилизациски цели и вредности. Човештвото и планетата Земја во поново време сѐ повеќе се соочуваат со големи предизвици, а бидејќи ниту една земја не може сама да постигне одржлив развој, науката и меѓународната научна соработка придонесуваат не само за изнаоѓање и формирање нови научни знаења туку и за обезбедување соживот и благосостојба на сите жители на планетата Земја.
Денес ќе зборувам за астрономијата, во буквален превод „науката за ѕвездите“. Астрономијата е една од најстарите природни науки, којашто се среќава кај Вавилонците, Грците, Индијците, Египќаните, Кинезите, Маите и кај многу стари домородни народи на Америка. Би сакал, на почеток, да се задржам на некои, на прв поглед, неинтуитивни факти, веројатно познати на повеќето читатели. Дали знаете дека еден ден на Венера трае подолго од една земна година? Ден е времето што е потребно една планета да направи една ротација околу својата оска, додека година е времето што е потребно една планета да направи цел круг околу Сонцето. За Земјата денот трае приближно 24 часа, а годината изнесува приближно 365 дена. Меѓутоа, на Венера ѝ е потребно подолго време да ротира околу својата оска отколку околу Сонцето, при што нејзиниот ден трае 243 земни денови, а нејзината година само 224,7 земни денови.
Во астрономијата се обединуваат концептите за простор и за време. Од многуте мислители што пишувале за времето (и, се разбира, за просторот), ќе се задржам на Платон, Аристотел, Њутн и на Ајнштајн. Платон во „Тимај“ ја утврди својата позната дефиниција за времето: тоа е подвижна слика на вечноста. Во космологијата на Платон, универзумот бил создаден од божествен творец, кој им дал форма и ред на примитивната материја и просторот, кои првично биле во состојба на хаос. Творецот „уредувајќи го небото, во исто време на вечноста, која е неподвижна во своето единство, ѝ направил вечен одраз што се движи според правилата на бројот, тоа е она што го нарекуваме време“. За разлика од Платон, времето, според Аристотел, е само мера за движење, при што под „движење“ подразбира каква било промена, вклучувајќи и квалитативна промена. Разработката на концептот време се наоѓа во неговата „Физика“. Времето е тесно поврзано со движењето, тоа е на некој начин претпоставка на самото движење: „Без место, празнина и време не може да има движење.“ Во поширока смисла, движењето кај Аристотел е актуализирање на некаква потенција. Според Аристотел, време е „бројот на движења во однос на ‘пред и потоа’.“ Но ако се спореди оваа дефиниција со дефиницијата за движење, можеме зборовите пред и потоа да ги поврземе со описите на различни состојби на актуализирање на некоја потенција. Со ова Аристотел внесе извесна револуција во филозофската мисла за времето. Времето се подразбира како нумерички ред на движење – но движење воопшто – според различните фази на остварување на можноста на супстанциите.
Најпознатото дело на Исак Њутн, „Philosophiae Naturalis Principia Mathematica“, кое беше објавено трипати во текот на неговиот живот, со право може да се нарече револуционерно дело и основа на класичната физика.
Делото е навистина обемно и се занимава со различни физички и продлабочени филозофски прашања. Овде нè интересира неговата добро позната дистинкција помеѓу апсолутно и релативно време и простор. Во „Забелешка“ (Њутн го користи денес заборавениот термин „Scholium“) вметната помеѓу „Дефинициите“ и „Законите на движењето“, Њутн ги изложува неговите гледишта за времето, просторот, местото и движењето. Апсолутно, вистинито и математичко време, од својата природа, поминува подеднакво без однос (релации) со ништо надворешно, а со тоа и без упатување на каква било промена или начин на мерење на времето (на пример, час, ден, месец или година). Според Њутн, „релативно, привидно и заедничко време е секоја разумна и надворешна мера (прецизна или непрецизна) на времетраењето на движењето“. На прв поглед се чини дека апсолутниот простор и време се битија за себе, но целосна слика добиваме само кога ќе ги вградиме теолошките погледи на Њутн. Со други зборови, времето е изведено, изградено од божествените атрибути на сеприсутност и вечност. Лајбниц речиси ја предвидел подоцнежната критика: сè што гледаме се релативни движења, а не време и простор, така што не е јасно како тие треба да бидат апсолутни.
Ставовите на Њутн за просторот, времето и движењето доминираа во физиката од 17 век до појавата на теоријата на релативност во 20 век. Сепак, овие гледишта беа предмет на чести критики, почнувајќи од современиците, како што се Лајбниц и Беркли, и продолжувајќи до крајот на 19 век, особено во работите на Мах. Специјалната теорија на релативност ги обедини просторот и времето, но и во двете теории, механиката на Њутн и специјалната теорија на релативност на Ајнштајн, постои „епистемиолошки дефект“: двете теории идентификуваат привилегирана состојба на движење и тоа се користи за да се објаснат некои забележливи ефекти. Така, развојот на општата теорија на релативност на Ајнштајн во голем дел беше мотивирана од желбата да се имплементира општиот принцип на релативност. Според Ајнштајн, законите на природата треба да бидат непроменливи при произволни координатни трансформации. Поточно, тоа значи дека повеќе не се потребни координатни трансформации што ги трансформираат правите линии во прави линии и ги зачувуваат метричките структури соодветни на двете теории, туку трансформации што ја зачувуваат глаткоста на кривите (т.е. нивната диференцијабилност). За филозофските импликации од теориите на Ајнштајн и степенот до кој теоријата ги реализира првичните цели на Ајнштајн оставам да дебатираат филозофите. Тука само сакам да напоменам дека набљудувањата направени со многу големи телескопи првпат ги открија ефектите предвидени од општата релативност на Ајнштајн врз движењето на ѕвездата што минува низ екстремното гравитациско поле во близината на супермасивната црна дупка во центарот на Млечниот Пат.
Така, Нобеловата награда за физика за 2020 година беше доделена „за откривање супермасивен компактен објект во центарот на нашата галаксија“.
Изборот денес – на Светскиот ден на науката, да зборувам за астрономијата и концептот време не е случаен. Дискусиите за природата на времето и за различни прашања поврзани со времето од дамнина до денешни дни се иманентни, суштествени и во филозофијата и во физиката. Тука, на пример, ќе ја спомнам влијателната статија „Нереалноста на времето“ (станува збор за трудот John E. McTaggart, „The Unreality of Time“, Mind, Vol. 17 (68), 457-474, Oxford University Press, 1908) – статија којашто сѐ уште ги бранува филозофите, па затоа, таа нашироко се дискутира и анализира дури и во 21 век. Античките Грци разликувале три концепти на време – проучувани од теолози, филозофи, психолози, физичари, мислители – три божества: Кронос, Каирос и Ајон. Кронос е линеарно, хронично време, време што минува, минливост. Терминот го среќаваме, на пример, во зборовите хронометар, хронолошки и други зборови со кои се потенцира минливоста на времето. Каирос е персонификација на можности, среќа и поволни моменти, па така, со други зборови, дозволува „корелација меѓу субјектот и ситуацијата“. Ова време внесува новина во секојдневната баналност на линеарното, хронично време. Тој е единственото божество што има крилја: еден момент е тука, следниот момент го нема. Ајон е божество поврзано со времето, кругот што ги опфаќа универзумот и зодијакот. Времето што го претставува Ајон е вечно, неограничено, ритуално и циклично. За Платон „човекот е онаа точка на која се однесува времето (Chronos), додека вечноста е резервирана за боговите (Aion).“
Во однос на Македонија и Светскиот ден на науката, три работи би сакал да кажам, поврзани со Кронос, Каирос и со Ајон. Прво, за да опстоиме, предлагам да ѝ се спротивставиме на минливоста – на Кронос, со тоа што, како што и веќе пишував, ќе најдеме сили наместо партиските и личните интереси, науката да прерасне во вистинскиот водич за иднината на Македонија. Во тој контекст, предлагам и очекувам еднаш засекогаш да ги напуштиме небулозните реформи во образованието, иманентни за скоро сите влади во последните 30 години, и да пристапиме кон вистински развој на науката и образованието.
Второ, за да се адаптираме на Каирос и да го искористиме поволниот момент, предлагам да пристапиме кон креирање нов фундаментален општествен документ, платформа или широк, национален и државен консензус за развој, што треба да биде „поддржан од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција“. Но каков договор? И за тоа сум пишувал многупати. Предлагам консензус по сите овие прашања: (1) македонскиот идентитет и македонскиот јазик имаат словенски, не бугарски карактер; (2) промена на изборниот модел (една изборна единица) и промена на моделот на формирање на извршната власт (консензуален или пропорционален модел на извршната власт) и (3) приспособување и имплементирање на европските вредности, но без инсистирање, по секоја цена, на полноправно членство во ЕУ.
Трето, во однос на Ајон, во однос на вечноста што е резервирана за боговите, предлагам да ги поддржиме ставовите на академик Катица Ќулавкова: „Постојат споделени места на меморија меѓу Македонија и соседните балкански држави. Она што овде нам, на балканскиот југ на Европа, ни недостасува, тоа е – да признаеме дека споделените места на меморија им припаѓаат на сите оние што ги памтат и ги доживуваат како свои, дека историското и колективното сеќавање никогаш не треба да бидат предмет на присвојување или причина за раздор. Толку сме мали и минливи, што само во духовниот универзум може да дојде до израз нашата величина“. И нашата вечност, оти, вечноста им припаѓа „не на моќните, туку на благородните“.