Првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби, денеска во Државниот архив го предаде оригиналниот документ на Охридскиот рамковен договор, за истиот да биде архивиран, 20 години по потпишувањето на спогодбата.
– Исклучително сум задоволен што по две децении недостасување на оригиналниот документ на Охридскиот договор, потпишан од 7-те негови потписници, конечно успеавме да го пронајдеме и да го доставиме до местото каде што припаѓа, во Државниот архив. Многу сум благодарен на директорот и заменик-директорот за денешната средба и можноста да го доставам оригиналот на овој документ до местото каде што треба да се архивира – рече првиот вицепремиер.
Според него, оваа мисија е веќе завршена и оригиналниот документ е на вистинското место.
– Мисијата на 20-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор беше да се пронајде оригиналот на овој документ што го потпишаа 7 функциониери – 5 лидери на институции од нашата земја и двајца меѓународни преставници Џејмс Пердју и Франсоа Леотар, едниот од САД, другиот од Европската Унија, бидејќи секоја година на годишнината од Охридскиот договор главна вест беше недостатокот на оригиналниот документ и тоа се толкуваше како негрижа на државата кон самата важност на договорот – објасни Груби.