Фото: Маја Јаневска-Илиева

Радиолозите се сочуваат со големи пречки во работата, па сакаме на овој состанок да најдеме заеднички начин со предлози од сите колеги што работат радиологија на дојка, односно да предложиме до Министерството за здравство и до ФЗО промени што ќе им олеснат и на пациентите и на радиолозите, рече м-р д-р Светлана Темелковска, специјалист радиолог од Институтот за радиологија при клиничкиот центар „Мајка Тереза“

ПОТРЕБНО Е ДА СЕ ОВОЗМОЖИ РАДИОЛОГОТ ДА ИМ ДАВА УПАТИ НА ПАЦИЕНТИТЕ

Поттикнати од месецот октомври, за борба против ракот на дојка, Приватната здравствена установа „Ре-медика“ и Македонското здружение за радиологија на дојка организираа стручен состанок, на кој беа разменети искуства за напредок и испорачување најдобри медицински услуги за пациентите. Свои презентации и обраќања имаа проф. д-р Андрејa Арсовски, специјалист по тораковаскуларна хирургија и медицински директор на „Ре-медика“, д-р спец. Наде Петановска, специјалист радиолог, м-р д-р Светлана Темелковска, специјалист радиолог од Институтот за радиологија при клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и доц. д-р Јасмина Чабуковска-Радуловска, специјалист радиолог од универзитетската клиника за хируршки болници „Св. Наум Охридски“.


Д-р Наде Петановска истакна дека радиолозите, покрај пациентките што со одредени симптоми доаѓаат на преглед на дојка, препорачуваат и редовни прегледи на сите жени што се асимптоматски.
– Редовните прегледи се препорачуваат од порана возраст, односно по 20-тата година. Треба да се направи преглед пред планирана бременост, а треба да се следат и препораките за изведување на прегледите, во зависност од возраста и ризикот на пациентката. Тие се прават како ултразвучен преглед или мамографски преглед. Во „Ре-медика“ одлично работи одделот за мамографска дијагностика, користејќи современа апаратура за дијагностика на болестите на дојки. Се изведуваат и сите интервентни дијагностички процедури, како што се биопсии, стереотаксични и ултразвучни преоперативни маркирања, како и сите оперативни зафати на дојка – истакна д-р Петановска.
Д-р Темелковска, пак, зборувајќи за проблемите со кои се соочуваат радиолозите, рече дека е потребно да се овозможи радиологот да дава упат за да може тој да одреди што треба да се прави понатаму со пациентот.
– За овие средби сме поттикнати од тешкотиите што ги имаат пациентите при закажување преглед во државното здравство, односно тешкотиите при земање упат. Радиолозите се сочуваат со големи пречки во работата. Сакаме на овој состанок да најдеме заеднички начин со предлози од сите колеги што работат радиологија на дојка, односно да предложиме до Министерството за здравство и до ФЗО промени што ќе им олеснат и на пациентите и на радиолозите. Истовремено мора да се размислува и за економската состојба, односно колку пари има ФЗО за прегледи на дојка. Основна промена што ќе ја предложиме е радиолог да може да издава упати, односно промена во упатувањето на жените. Втор предлог е унапредување на скрининг-програмата, односно поделба на навидум здрави жени без симптоми и жени што имаат симптоми за болест на дојка – истакна докторката.


На состанокот, д-р Чабуковска Радуловска рече дека основна цел на овие стручни предавања е во време на пандемија да се следат светските препораки во менаџирањето на болеста карцином на дојка, со оглед на тоа дека веќе подолго време се наоѓаме во состојба на пандемија, која, помалку или повеќе, го промени начинот на живеење и грижата на пациентите со карцином на дојка.
– Пренесуваме искуства од повеќе земји во светот што соочени со истиот проблем, наоѓаат решенија и воспоставуваат нови протоколи и даваат нови препораки за враќање во новото нормално. Основна цел секако е да разбереме дека од ракот на дојка се умира исто како и од ковид-19. Во таа насока, мамографските прегледи и скринингот на дојка се прават со користење на општите мерки за безбедност и со дефинирање на приоритетите и групите на пациенти според приоритет, како и на кој начин ќе се упатуваат понатаму и со која динамика – рече д-р Чабуковска Радуловска.
Настанот беше организиран во согласност со протоколите за ковид-19 и беа испочитувани сите мерки на безбедност и заштита.